Руската економија издржа силен удар

Дмитриј Медведев: Нашата економија минатата година забележа раст од 1.4%. Тоа не е многу, но не е ниту катастрофа ако се спореди со ситуацијата во Европа или во Америка. Извор: Reuters

Дмитриј Медведев: Нашата економија минатата година забележа раст од 1.4%. Тоа не е многу, но не е ниту катастрофа ако се спореди со ситуацијата во Европа или во Америка. Извор: Reuters

Премиерот на РФ Дмитриј Медведев во интервју за Си-Ен-Ен зборува за состојбата на руската економија, за причините за забавување на нејзиниот раст, за шансите да стане високотехнолошка, за инфлацијата, невработеноста, корупцијата и ги објаснува државните приоритети на Владата.

Со години економијата на Русија се потпираше на скапата енергија, на нафтата и на природните ресурси. Во минатата година растот на економијата опадна приближно за 1.3%. Колку е сега тешко повторно да се придвижи моторот за работа на руската економија?

Имаме добар биланс на долгот и на БДП. Всушност можеме отворено да кажеме дека имаме најдобар биланс, зашто нашиот надворешен и внатрешен долг изнесува само 10.7% од нашиот БДП. Споредете го тоа со американските или со европските бројки.

Општо гледано постојат два проблеми: едниот е надворешен, а другиот е внатрешен. Надворешниот проблем е очигледен. Тоа се последиците на глобалната економска криза. Ситуацијата во светската економија не е баш сјајна. Речиси сите светски економии се во тешка состојба. И ситуацијата во европската економија е многу тешка, а Европа е нашиот главен партнер. Нашиот промет на стока со Европа изнесува околу 410 милиони долари, така што европската економска депресија, секако, мора да се одрази и на нашата економија. 

Но, тоа не е сè, и веројатно не е она најважното. Најважно е тоа што нашата економија, за жал, сè уште има изразен суровински предзнак, сè уште се темели на извозот на енергенси. Со други зборови, главен проблем е структурата на руската економија, структурата на производството и, следствено, структурата на извозот. Кога би имале малку поинаква структура, тогаш во помала мера би биле зависни од ситуацијата на светските пазари, иако, секако, сите се зависни. Сите на овој или на оној начин се зависни: и Јапонија, и Америка, и Европа, и Кина... Но, сепак, главна цел е да се промени структурата и да се достигне ново технолошко ниво, да се создаде модерна, високотехнолошка економија, заснована на знаење и на иновации. Тоа е тешка задача, но може да се реши со оглед на тоа дека Русија е моќна земја која има високо ниво на образование и, всушност, има добра основа, која е создадена во 20 век. Ние работиме токму на тоа. 

Новинар на еден бизнис-магазин рече дека Вие, господине Медведев, цврсто ги држите своите функции, зашто претседателот Путин е незадоволен од состојбата во економијата. Вистина ли е тоа? Се плашите ли дека ќе ја изгубите работата?

Главна цел е да се промени структурата и да се достигне ново технолошко ниво, да се создаде модерна, високотехнолошка економија, заснована на знаење и на иновации. Тоа е тешка задача, но може да се реши со оглед на тоа дека Русија е моќна земја која има високо ниво на образование и, всушност, има добра основа, која е создадена во 20 век.

Сите ние сме загрижени поради состојбата во која се наоѓа нашата економија. Вие наведовте бројка која не е сосема точна. Руската економија минатата година забележа раст од 1.4%. Тоа не е многу, но не е ниту катастрофа ако се спореди со ситуацијата во Европа или во Америка. Во таа смисла ние бележиме приближно еднаков раст. Имаме добар биланс на долгот и на бруто домашниот производ. Всушност можеме отворено да кажеме дека имаме најдобар биланс, зашто нашиот надворешен и внатрешен долг изнесува само 10.7% од нашиот бруто домашен производ. Споредете го тоа со американските или со европските бројки. И инфлацијата не ни е висока, за волја на вистината по нашите стандарди. Таа секако треба да биде уште пониска, но за Русија е веќе доволно ниска ако се спореди со ситуацијата од пред 10 години. Сега, имено, е нешто повисока од 6%. И на крајот, кај нас невработеноста е доста ниска, сè на сè околу 5.5%. 

Според тоа, во целост гледано, економската ситуација е нормална, од една страна, Но, од друга страна никој не може да биде задоволен со таква состојба. Ниту јас не сум задоволен, а не е ниту претседателот, секако. Кој и да се занимава со тоа не може да биде задоволен, зашто за економијата да бележи задоволителен раст ние треба да го кренеме квалитетот, да направиме крупен чекор напред. Ако тоа ни тргне од рака, тогаш ќе бидат решени задачите што сме ги поставиле. 

И секако, постојат многу луѓе кои сакаат да работат со Русија. Организацијата за економска соработка и развој неодамна објави извештај според кој проблемот не е само во структурата на државата, туку и во тоа што економијата се наоѓа на крстопат, што ја кочи неефикасното управување и непочитувањето на законите. Бизнисмените велат дека корупцијата е огромен проблем во вашата земја. 

2013: Економија во минор
Резултатите за руската економија за 2013 година се противречни. Од една страна земјата влезе во фаза на продолжена стагнација, а од друга на светските рејтинзи за бизнис-привлечност Русија ја подобри својата позиција и претстави неколку амбициозни проекти.

Споменавте цела низа проблеми и јас се сложувам дека тие проблеми постојат. Ако зборуваме за пописот на главните тешкотии што треба да се надминат, тогаш меѓу нив можеби најважен проблем е создавањето нормална бизнис-клима. 

Не станува збор само за корупцијата. Корупцијата секако е зло и влијае на бизнис-климата. Таа ги иритира сите наши граѓани, а не само бизнисмените. Проблемот е и во слабоста на институциите кои треба да учествуваат во формирањето на бизнис-климата. Ако сме објективни, тогаш ќе мораме да се сложиме дека корупција постои насекаде. Друга работа е што кај нас размерите на корупцијата по преминувањето на пазарна економија  се можеби значително поголеми одошто во советско време, и затоа овој проблем е толку актуелен. Но, уште еднаш нагласувам дека е исто толку важен и проблемот со институциите. Мислам на работата на судските органи и органите на извршната власт, можноста за брзо издавање на сите дозволи за почнување бизнис и работење без пречки, секако, за оние кои го почитуваат законот и плаќаат даноци, односно постапуваат во согласност со прописите.

 Ние токму со тоа и се занимаваме. Ние работиме по таканаречени „мапи на патишта“ за приватниот бизнис. Секој конкретен проблем има своја „мапа“, без оглед дали станува збор за ситуацијата со царинските структури, за плаќањето данок или за регистрација на приватна фирма, а исто така и за цела низа други нешта кои влијаат на бизнис-климата. Се движиме по тие „мапи“, а нашето движење го оценуваат меѓународните структури меѓу кои е и Организацијата за економска соработка и развој што ја споменавте. Тие оценки се изведуваат врз основа на различни показатели. 

Оттука сметам дека ние во таа смисла напредуваме. Можеби не толку брзо колку што би сакале, но дури и на најмеродавната ранг-листа „Доинг бизнис“ во текот на минатата година се придвиживме за триесетина места нагоре.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња