Извор: PhotoXpress
Резервен стадион за рекорден рок
Во северната престолнина на Русија следнава година ќе се појави нов фудбалски стадион. Тоа нема да биде напатената Гаспром-Арена, еден од водечките стадиони во Русија на кој ќе се одржува светското првенство во фудбал во 2018 година (арената започна да се гради во 2007 година), туку стадион со капацитет од 25 000 гледачи и вештачка трева на северот на градот . Стадионот го гради швајцарската компанија Nussli, која е специјализирана за изградба на спортски објекти за максимално кус период.
Според претставникот на компанијата, проектот ќе биде изграден од нула за 8-10 месеци. Рекордно краткиот рок е условен со „модулноста“ на новиот стадион. Тоа значи дека некои делови од арената, на пример соблекувалната, ложите ќе бидат донесени во Санкт Петербург веќе готови. Новата арена е наменета за мечови на вториот состав на Зенит, иако стадионот ќе соодветствува и на барањата на ФИФА и на УЕФА. Зенит ќе може на него да биде домаќин на меѓународни турнири, меѓу кои и на мечовите од Лигата на шампионите.
Генералниот директор на Зенит, Максим Митрофанов, смета дека изградбата на новиот стадион е принудна мерка. „Оваа сезона покажа дека во Русија нема резервни стадиони. Доволен пример за тоа е ЦСКА, кој играше меч од Лигата на шампионите во Санкт Петербург. Постоењето на арената за 25 илјади гледачи ќе биде резерва не само за Зенит, туку и за целиот руски фудбал, забележа Митрофанов. – Нема да кријам дека нè загрижува бавната изградба на нашиот главен стадион, коja е под надлежност на владата на градот и чиишто рокови повеќе пати беа продолжувани. Клубот не го знае рокот на предавање на објектот, како и состојбата во која ќе биде предаден. Ќе биде ли тој пригоден за експлоатација по пуштањето во експлоатација останува енигма“.
Сомнежите на господинот Митрофанов се сосема разбирливи. Пресудете сами: рокот за изградба на новиот стадион се менуваше 19 пати! Со секој нов датум за отворање на стадионот растеше и неговата финансиска конструкција. Доколку во 2006 година според зборовите на поранешниот губернатор на градот Валентина Матвиенко проектот се оценуваше на 250 милиони долари, сега оваа сума ја надмина бројката од 1 милијарда.
Тешкотии во изградбата
„Датумот на предавање на објектот е јули 2016 година, неговата вредност изнесува 34.9 милијарди рубли (1.1 милијарди долари). Крајната сума може да биде коригирана, но само во линија на намалување, - изјави за Руска реч на македонски раководителот на одделот за надворешни комуникации на компанијата „Транстрој“, генерален изведувач на градежните работи на стадионот, Анастасија Гордеева.
Компанијата „Транстрој“ е веќе вториот изведувач кој се занимава со изградба на стадионот. Раководителите на новиот изведувач се жалеа на лошиот квалитет во изведбата на нивниот претходник, компанијата „Авант“, а особено во делот кој се однесува на деформацијата на основните носечки конструкции предизвикана од студот, поради што изградбата требаше да започне од почеток.
Во 2010 година Гаспром-Арена беше избрана како еден од клучните стадиони за светското првенство 2018: тука треба да се одржи еден од полуфиналните мечеви. Ова значи дека стадионот треба да собере 60 илјади гледачи. Ова беше сосема неочекувано за изведувачот: како резултат на тоа изградбата на стадионот беше запрена половина година.
На новиот стадион во Санкт Петербург се потрошени 1.1 милијарда долари. За споредба, за изградба и за реконструкција на сите стадиони пред светското првенство во 2006 година во Германија се инвестираа 1.9 милијарди евра.
Најскапиот стадион во историјата
„Оваа сезона покажа дека во Русија нема резервни стадиони. Доволен пример за тоа е ЦСКА, кој играше меч од Лигата на шампионите во Санкт Петербург. Постоењето на арената за 25 илјади гледачи ќе биде резерва не само за Зенит, туку и за целиот руски фудбал, забележа Митрофанов, генералниот директор на Зенит.
Според мислењето на консултантот на ФИФА за Источна Европа и за средна Азија Валериј Чухриј, стадионот во Санкт Петербург ќе стане најскап во целата историја на фудбалот. „Често сум во Русија и не чувствувам никаков ритам на изградба на стадиони за светскoто првенство, изјавува тој за Руска реч. – Ги видов цифрите за стадионот и можам да кажам дека на крајот чинењето на арената во Санкт Петербург ќе ја надмине сумата која беше потрошена за реконструкција на лондонскиот стадион Вембли (реконструкцијата на легендарниот стадион Вембли, која се одвиваше од 2003 до 2007 година и чинеше 1.57 милијарди долари). Во 2012 година на Украина за малку ќе ѝ го одземеа правото за спроведување на европското првенство. Украинците нè предупредуваа дека ќе биде тешко и дека треба да се започне со изградба уште првата години. Но, ние бевме многу бавни“.
Претставникот на изведувачот, од своја страна, уверува дека вложените средства ќе овозможат да се создаде суперсовремен стадион со сите неопходни нешта. Според Анастасија Гордеева, стадионот ќе биде опремен со жичарница која ќе го поврзе Крестовскиот остров на кој се наоѓа новата арена со другите делови од градот. Освен тоа, ќе биде изграден и пешачки мост, по кој гледачите ќе можат брзо да дојдат до арената. Во врска со тоа што временските услови во Санкт Петербург не се погодни за трева назима, авторите на проектот донесоа архитектонско решение со кое полето на стадионот ќе може да се поместува за време на зимските месеци. За да им биде удобно на навивачите и на фудбалерите, покривот на стадионот ќе биде подвижен, со цел полето да може да се затвори кога времето не е убаво.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче