Русија во топ 10 туристички дестинации

Оваа година претставници на околу 15 региони, меѓу кои и Санкт Петербург и Москва, ги претставија своите најнови понуди, хотели и топ-дестинации на рускиот штанд на изложбата World Travel Market. Извор: Татјана Рублева.

Оваа година претставници на околу 15 региони, меѓу кои и Санкт Петербург и Москва, ги претставија своите најнови понуди, хотели и топ-дестинации на рускиот штанд на изложбата World Travel Market. Извор: Татјана Рублева.

Светската туристичка организација (UNWTO) ја издвои Русија како земја кој има вложено огромен труд во промовирањето на туризмот на изложбата World Travel Market во Лондон.

Русија добива сè поголема важност во светскиот туризам – избрана е во 10 најпопуларни туристички дестинации во светот. Ова го тврди Талеб Рифаи, главен секретар на Светската туристичка организација (UNWTO), кој присуствуваше на отворањето на рускиот штанд на изложбата World Travel Market во Лондон.

„Минатата година Русија ја посетиле 26 милиони странски туристи. Денес таа се наоѓа на деветтото место на листата на најпопуларни дестинации во светот. Ова е резултат на голем труд, меѓу другото и на политичко ниво“, изјави Рифаи. Во десетката најпопуларни земји за туристите влегоа и Франција, САД, Кина, Шпанија, Италија, Турција, Германија, Велика Британија и Малезија.

Директорот на Светската туристичка организација смета дека за растот на туризмот во Русија придонело и визното олеснување и укинувањето визи за транзитните патници до три дена. Предлог-законот во моментов се разгледува во Рускиот парламент.

„Со нетрпение ги очекуваме Зимските олимписки игри во Сочи, кои се извонредно важни не само за спортот, туку и за туризмот“, изјави Рифаи.

Рускиот амбасадор во Велика Британија Александар Јаковенко, како и директорот на Руската агенција за туризам Александар Ратков, ја нагласија важноста од олеснување на визниот режим. „Тој би требало да биде олеснет барем за туристичките патувања, а може и целосно да се укине“, изјави Ратков. Тој укажа и на фактот дека поради проблемите со визите за Велика Британија, некои членови на руската делегација не можеле да присуствуваат на изложбата.

Но, и покрај проблемите со визите, бројот на учесници од Русија на изложбата World Tourist Market од година в година сè повеќе расте, изјавува амбасадорот. Оваа година претставници на околу 15 региони, меѓу кои и Санкт Петербург и Москва, ги претставија своите најнови понуди, хотели и топ-дестинации на рускиот штанд.

И руската престолнина се подготвува за туристички бум. Москва очекува значаен пораст на патниците кои ќе го посетат градот на патот кон Олимписките игри. Сергеј Шпилко, раководител на Московскиот туристички одбор вели дека ќе се погрижи за своите посетители, без разлика колку ќе ги има. „Се подготвуваме за пречек на патниците на аеродромите, на железничките станици, обучуваме волонтери. Покрај постојните туристички информативни центри, планираме да отвориме и неколку нови на главните московски аеродроми“, вели Шпилко.

Туристите ќе имаат можност да го запознаат градот на најразлични начини, дури и ако го посетат на пократко време, преку транзитни обиколки на Москва кои се нудат од полудневни до тридневни пакети. Шпилко вети и хотелско сместување со рекордно ниски цени: „Во хостелите ќе можат да се најдат соби за 650 рубли (15 евра), хотели со две ѕвездички од 750 рубли (17 евра) и сместување со три ѕвездички од 1.500 рубли (35 евра). Тоа се стандардни европски цени“, изјави тој. Изложбата The World Travel Market се одржува во изложбениот центар ExCel во Источен Лондон и трае 4 дена. Со 5.000 претставници од 184 земји, ова е најголем настан од ваков вид во светот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.