Руска јувелирска офанзива

ФОТО: Иљгиз Фазулзјанов: И од наједноставно парче накит може да се направи уметничко дело. Извор: ИТАС-ТАСС

ФОТО: Иљгиз Фазулзјанов: И од наједноставно парче накит може да се направи уметничко дело. Извор: ИТАС-ТАСС

На Меѓународниот јувелирски економски форум во организација на Гилдата на јувелири на Русија и на Стопанската комора на РФ одржан во Москва, стручњаците проценија дека извозот на јувелирски производи од Русија би можел да се зголеми за четири до пет пати за само половина година. Што ценат странските купувачи на руски накит и какви проблеми имаат дома руските јувелири?

Во средината на минатиот месец беше одржан Меѓународниот јувелирски економски форум во организација на Гилдата на јувелири на Русија и на Стопанската комора на РФ. Стручњаците и производителите разговараа како руската јувелирска индустрија да ја направат поконкурентна во светот, но и како да го унапредат образованието на јувелирите и како да ги поедностават бирократските процедури за понатамошен развој на оваа индустриска гранка. Стручњаците проценуваат дека извозот на јувелирските производи од Русија би може да се зголеми за четири до пет пати за само половина година.

Во фоајето на Стопанската комора на РФ се изложени најдобрите парчиња на современите јувелири. Во центарот на композицијата се наоѓа сребрена макета на православен храм која е изработена во филигран (рус. скань). Тоа е раскошна тантелна шара од тенка сребрена жица. Странските гости воодушевено ја фотографираат макетата со мобилни телефони. Но, главната цел на московскиот форум не беше изложувањето јувелирски производи, туку пронаоѓање начин кој ќе овозможи тие да станат поконкурентни и побарани на светскиот пазар.

Поради големиот број бирократски тешкотии, јувелирските производители ја напуштаат Русија.

Флун Гумеров, „Алмаз холдинг“.

Пратеничката на Државната дума на РФ Елена Пањина рече дека на рускиот јувелирски пазар се појавила внатрешна конкуренција, но и дека домашните јувелирски производи сè уште не се доволно конкурентни на странскиот пазар заради законските процедури.

Потпретседателот на Стопанската комора на РФ Александар Рибаков наведува дека на рускиот пазар странските производители на јувелирски производи се застапени со 25%, а домашните со 75%. „Се извезува само 5% од домашното јувелирско производство“, напомнува Рибаков.

Претседателот на Гилдата на јувелири на Русија Гагик Геворкјан верува дека извозот би можел да се зголеми за четири до пет пати. Според него, во Русија годишно се произведуваат 226 тони злато, а само 50 тони се користат во јувелирската индустрија. Тој напомнува дека увозот го надминува извозот за седум пати. „Нашите јувелирски производи не можат да им бидат конкуренција на евтините од увоз“, вели Геворкјан и потсетува дека за пласман на руските јувелирски производи неопходно е да се посвети поголемо внимание на националните брендови.


Обновување на сјајот на Фаберже

Јувелирската работилница на чие чело е уметникот и јувелир Иљгиз Фазулзјанов може да биде добар пример за успешен продор на рускиот бренд на странскиот пазар. Иљгиз Фазулзјанов, кој во својата работилница изработува накит под брендот „Ilgiz F“, во последно време доби неколку престижни награди во областа на јувелирската уметност. Французите и Швајцарците го нарекуваат „крал на емајлот“, а неговите парчиња ги продава аукциската куќа „Кристи“. Фазулзјанов напомнува дека неговиот накит многу повеќе го купуваат странци одошто Руси. „Моите јувелирски производи ми ги отвораат границите и зборуваат наместо мене. Секако, работата ми оди одлично, - вели јувелирот. Минатата година изложувавме во Америка и во Јапонија. Таму луѓето се мошне заинтересирани за нашиот накит. Оваа година почнавме да соработуваме со Швајцарија. Во Женева во октомври имам самостојна изложба. Постои проект за соработка со Лондон, а планираме нашите производи да ги претставиме и во Сингапур. Во секој случај, барани сме онаму каде има многу пари, каде се наоѓаат колекционерите и проценителите на уметнички дела.“

Фазулзјанов вели дека на презаситената клиентела ѝ се интересни новите и необични јувелирски производи изработени со непознати техники. „Никој освен нас не користи такви техники“, објаснува јувелирот. „колекционерите избираат посложени предмети, а поедноставните примероци ги купуваат оние што сакаат да ги носат тие парчиња накит. Но, и од наједноставно парче накит може да се направи уметничко дело. Секој елемент и секоја шара на нашиот накит има определено значење и објаснување зошто се наоѓа токму на тоа место.“

Извозот на јувелирски производи од Русија може да се зголеми за четири до пет пати за само половина година.

Сепак примерот на Иљгизов е уште еден исклучок од правилата. Претседателот на јувелирската компанија„Алмаз холдинг“ Флун Гумеров напомнува дека тежнеењето кон поголемо присуство на странските пазари е позитивно, но сè уште не е јасно како тоа може да биде реализирано во практика. Според него, тоа што увозот го надминува извозот не е единствениот проблем. На пример, руските јувелири извезуваат многу малку свои производи дури и во соседните земји кои се членки на ЗНД. „Поради големиот број бирократски тешкотии, јувелирските производители ја напуштаат Русија“, со жалење заклучува Гумеров.

Тој потсетува и на тоа дека сопствениците на една од најдобрите јувелирски работилници чии производи се наградувани на меѓународни изложби, биле принудени својата работа да ја пренесат на Тајланд. Капката која ја прелеа чашата и ги натера јувелирите да ја напуштат Русија беше чиновничка грешка. „Тие ги однесоа производите во Дирекцијата за мерки и за скапоцени метали за да добијат државен жиг со кој се потврдува степенот на квалитет на скапоцените метали употребени во изработката. Но, жиговите биле ставени на надворешната страна наместо на внатрешната, со што производите биле уништени„, објаснува Гумеров. Според него, со малку политичка волја, ситуацијата во јувелирската индустрија би можела да се подобри за половина година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња