Најдобрите јувелирни изработки на руските мајстори секоја година се изложуваат на престижните светски изложби и саеми за златарство и часовничарство во Виченца, Базел, Берлин и Хонг Конг. Извор: PressPhoto.
Русија има големи планови да стане еден од главните светски јувелирни центри, како во времето на славниот Карл Фаберже. Тоа, меѓу другото, ќе биде тема на Меѓународниот јувелирен економски форум кој ќе се одржи во Москва на 13 септември 2013 година. Овој собир, посветен на големите јувелири кои работеле за руското царско семејство, го организира Еснафот на јувелирите на Русија со поддршка на Стопанската комора на РФ.
Галина Анина, генерален директор на Националниот центар за колекционирање уметнички предмети, вели дека изработката на накит станала дел од големата руска култура по огромниот успех на мајсторите од Русија на првата Светска јувелирна изложба во Лондон во 1851 година.
Во последниве 20 години јувелирната индустрија во Русија одново цути. Јувелирите ги обновија речиси заборавените техники и ги надминаа своите претходници. Еден од примерите на ремек-дела од современите руски јувелири се богослужбените предмети со врвна изработка наменети за храмот на Христос Спасителот во Москва.
Најдобрите јувелирни изработки на руските мајстори секоја година се изложуваат на престижните светски изложби и саеми за златарство и часовничарство во Виченца, Базел, Берлин и Хонг Конг.
Уметницата Елена Опалева во 1996 година за својот ѓердан „Сфингата од Гиза“ ја доби меѓународната дијамантска награда од компанијата „De Beers“, која претставува своевиден јувелирски „Оскар“. Оваа година рускиот уметник и јувелир Иљгиз Фазулзјанов вторпат едно по друго го освои гран-прито и титулата „Победник на победниците“ на светскиот јувелирски конкурс „International Jewellery Design Excellence Award“ во Хонг Конг.
Ананина вели дека денес главни центри на јувелирската уметност во Русија се Москва, Санкт Петербург, Кострома и Јарослављ. На изложбите во странство исто така се наградувани и јакутските брилијанти и накитот со руски национални мотиви, како и изработките на уралските јувелири.
„
Во Јакутија златарството има повеќевековна традиција. Во постсоветскиот период овој уметнички занает доживува препород благодарение на приватните инвестиции. Во последно време и државата почнува да дава значајна финансиска поддршка на претпријатијата кои се занимаваат со обработка на скапоцени камења.
Татјана Кирбасова
Еснаф на производители на брилијанти и јувелирни производи на Јакутија
Но, Ананина напомнува дека граѓаните на Русија ретко можат да видат современи јувелирски изработки од своите сонародници. Затоа многумина имаат погрешна претстава за достигнувањата на руското златарство денес „па мислат дека руските јувелири изработуваат само стандардни прстени и ѓердани“.
Според нејзината проценка во вкупното производство на руските компании, ексклузивните јувелирни производи се застапени со 20%, додека останатите 80% отпаѓаат на накитот наменет за средната класа.
Извршниот директор на Еснафот на производители на брилијанти и на јувелирни производи на Република Саха (Јакутија) Татјана Кирбасова зборува за новиот подем на јувелирната традиција: „ Во Јакутија златарството има повеќевековна традиција. Во постсоветскиот период овој уметнички занает доживува препород благодарение на приватните инвестиции. Во последно време и државата почнува да дава значајна финансиска поддршка на претпријатијата кои се занимаваат со обработка на скапоцени камења.“
Кирбасова напомнува дека е неопходно да се обезбеди понатамошен развој на оваа индустриска гранка: „Кај нас во Јакутија се скапи и работната сила и енергенсите. Освен тоа, подземната експлоатација на дијаманти, на која преминува главниот производител во Русија АЛРОСА изискува поголеми трошоци. Поскапеа и суровините за изработка на јувелирни производи: дијамантите, златото и среброто. Брусењето на драгоцените камења во моментов стагнира.“
Во оваа област постои уште еден проблем: строгиот закон наследен од советското време. Претставникот на таканаречениот дијамантски совет при кабинетот на претседателот на Република Саха (Јакутија) Василиј Власов за „Руска реч на македонски“ изјави дека цената на скапоцените метали и на скапоцените камења од 2005 година повеќе не е толку висока како што беше во СССР. Иако сега тоа е стока како и сета останата, законската регулатива е многу малку изменета. „За време на отпочнување со јувелирно производство неопходно е да се поседуваат адекватно опремени простории кои мораат да имаат бетонски сефови, метални решетки на прозорците и блиндирана врата. За транспортот на јувелирните производи неопходно е посебно обезбедување...“ А, сето тоа влијае на цената, објаснува нашиот соговорник.
Освен тоа, во кривичниот закон сè уште постојат ограничувања кои се однесуваат на работата со скапоцени метали и со скапоцени камења.
Покрај сите споменати проблеми, јувелирите се оптоварени и со високи даноци. „Засега во странство – во Рамат Ган (Израел), Антверпен (Белгија), Шангај (Кина) – главно се продаваат само брилијанти“, вели Татјана Кирбасова. Скапоцените камења како што се смарагдот, сафирот или александритот се увезуваат од странство и подлежат на царина и на данок, а тие трошоци изнесуваат 33% од нивната вкупна цена, објаснува Власов.
Производството на брилијанти во Русија е мошне скапо и заради особеностите за негова експлоатација и заради скапата работна сила. Иако производството на ситни брилијанти не е исплатливо, тие се најбарани на пазарот, се жали Василиј Власов. „Кина и Индија купуваат ситни брилијанти за поголемиот дел производи, при што на основната цена исто така додаваат 33%. Постојат проблеми и при продажбата на домашниот пазар. На пример, компанијата АЛРОСА на своите странски партнери дијамантите им ги продава без данок, додека на домашниот пазар во цената се пресметува и ДДВ“, вели Власов. Тој напомнува дека во последниве десет години домашните јувелири се обидуваат да го изменат тоа, но не наоѓаат на поддршка од страна на владата на РФ.
Стручњаците сметаат дека Меѓународниот јувелирски економски форум што ќе се одржи овој месец, ќе биде добра можност јувелирите да го свртат вниманието на јавноста кон себе и да решат низа важни прашања. На Форумот ќе учествуваат бројни странски делегации, а меѓу учесниците ќе бидат и претставници на Светската јувелирна конфедерација (CIBJO), претседателите на националните асоцијации на јувелири, претставници на бројни регионални здруженија и руски јувелирни фирми, инвестициски компании, аукциски куќи, галерии и компании кои организираат изложби и саеми, како и водечки историчари на уметноста.
Во рамките на форумот на 14 септември ќе биде одржан серуски добротворен јувелирски бал. Исто така ќе биде отворена и изложбата „Традиционалната и модерната јувелирска уметност на Русија“. Ќе бидат изложени и медалите за зимските Олимписки игри кои ќе се одржат во 2014 година во Сочи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче