Најплодна почва за развој на бизнисот во Русија

(Од лево кон десно) Претседателот на компанијата „Rockwool International“ Елко ван Хил, тогашниот министер за економски развој на РФ, Ељвира Набиулина, министерот за трговија и инвестиции на Данска, Пија Олсен Дир и претседателот на Република Татарстан, Рустам Миниханов на свеченото отворање на фабриката за производство на грејни тела во специјалната економска зона „Алабуга“. Фотографија: РИА Новости

(Од лево кон десно) Претседателот на компанијата „Rockwool International“ Елко ван Хил, тогашниот министер за економски развој на РФ, Ељвира Набиулина, министерот за трговија и инвестиции на Данска, Пија Олсен Дир и претседателот на Република Татарстан, Рустам Миниханов на свеченото отворање на фабриката за производство на грејни тела во специјалната економска зона „Алабуга“. Фотографија: РИА Новости

Специјалните економски зони (СЕЗ) им овозможуваат на резидентите на даночното и на инфраструктурното поле да заштедат десетици милиони долари. Нивниот развој е дел од планот на претседателот Путин според кој до 2020 година Русија треба да го заземе 20 место на ранг-листата на најперспективни земји за вложување според извештајот на Светската банка.

Руските власти сѐ повеќе настојуваат својата земја да ја направат што попривлечна за инвеститорите и да го зголемат нејзиниот деловен углед во светот. Рускиот фонд за директни инвестиции на Светскиот економски форум во Давос најави иницирање промотивна кампања под насловот „Инвестирајте во Русија“. Унапредувањето на бизнис-угледот на земјата исто така ќе биде потпомогнато од страна на влијателни светски инвестициски банки. Како што е познато, во својство на прв консултант избрана е банкарската групација „Goldman Sachs“, која во текот на следните три години ќе се обиде бизнисмените од светот да ги приближат своите бизнис-перспективи кон Русија. Еден од приоритетите на консултантот треба да биде забрзано остварување на малку подзаборавената, но докажано ефикасна владина иницијатива, а тоа е развојот на Специјалните економски зони (СЕЗ). 

Својот денешен облик СЕЗ го добија во 2005 година. Оттогаш статус на резиденти во овие зони добија 57 странски компании од 21 земја во светот. Во 2012 година ним им се придружија уште шест американски компании. Компанијата „General Motors“ инвестираше 180 милиони долари, компанијата „3M“ (производи за индустријата и за домаќинството) – 30 милиони долари, корпорацијата „Armstrong World Industries“ (индустрија за градежни материјали) – 75,4 милиони долари. Во 2005 година во СЕЗ се слеаја речиси 1 милијарда долари американски инвестиции (попрецизно 955.4 милиони американски долари). 

„Нашата компанија мораше, пред сѐ, да донесе тешка одлука: каде да ги лоцира своите производни погони – во Русија или во некоја друга источноевропска земја. Конечно, кон крајот на декември 2012 година добивме статус на резидент во СЕЗ ‘Алабуга’ во руската Република Татарстан“, вели за Руска реч директорот за правни прашања на компанијата „3М“ во Русија, Алексеј Завалев и додава: „Во текот на нашиот избор значајна улога не одиграа само понудените погодности туку и впечатокот што го добивме во дијалогот со раководството на СЕЗ, кое, пред сѐ, има современи сфаќања, одличното зборува англиски јазик и добро знае како се води бизнис“. 

Секако, даночните олеснувања сами по себе не се доволни за да се донесе одлуката: од моментот на остварувањето на првите приходи компанијата „3М“ треба да ѝ плаќа на државата само 2% во првите пет години, наместо законски предвидените 20%. И ова не е единствената погодност што постои во СЕЗ „Алабуга“: со минимални вложувања од три милиони евра, неопходни за функционирањето на економската зона, фирмите се ослободени од ДДВ и од други давачки при увозот на потребната опрема, на што, на пример, данската компанија „Rockwool“ веќе заштеди 12,6 милиони американски долари. Дополнителна заштеда за бизнисот може да биде и бесплатниот приклучок кон електричната мрежа, кој во Москва би чинел еден милион американски долари за секој мегават од капацитетот. 

Посебни економски зони во Русија

Освен со „Алабуга“, акционерското друштво од отворен тип „Специјални економски зони“ (ОАО ОЭЗ) со државата како единствен сопственик на чело, управува со уште 16 зони, макар што сите не напредуваат подеднакво успешно. Брзината на нивниот развој многу зависи од дејноста и од односот на локалното раководство. За 7 години СЕЗ успеаја да привлечат странски инвестиции во висина од 3,6 милијарди американски долари (110 милијарди рубли). 

Економските зони се поделени во четири категории: индустриско-производни, туристичко-рекреативни, крајбрежни и техничко-иновациски. Според податоците на Сметководствената комора на РФ, резидентите на техничко-иновациските зони поседуваат 350 патенти за пронајдоци, а меѓу нивните клиенти се и компаниите „Boeing“ и „Apple“. 

Најпрво беше предвидено во СЕЗ да не може да се вклучи секоја фирма – бизнис-проектот на инвеститорот би требало да ја „унапреди руската економија со нови технологии и кај вработените да развие конкурентна професионална компетенција“, а предност би имале проектите што се од исклучително значење од гледна точка на владата на РФ. Со други зборови, властите сакаа разни погодности да им бидат овозможени само на компаниите од сферата на високата технологија, но една од најуспешните СЕЗ, „Алабуга“, со својот пример покажува дека во оваа зона има место и за фабрика за стакло, а и за производство и за преработка на салати и зеленчук, од кои потоа значителен дел оди во „McDonald's“. 

Без оглед на видот на бизнисот, процедурата за добивање резидентен статус е иста за сите. „Најпрво сета потребна документација се подготвува со помош на нашите вработени, се разгледуваат од страна на надзорниот совет на СЕЗ. Потоа бизнис-проектот или се одобрува или се враќа на доработка. Следниот чекор е стручниот совет на СЕЗ во рамките на Министерството за економски развој на РФ. Тука се донесува и конечната одлука за примање на инвеститорот со својот проект во СЕЗ. Потоа инвеститорот потпишува и спогодба со Министерството за економски развој на РФ и со акционерското друштво СЕЗ за вршење на дејноста во рамките на СЕЗ“, објаснува поранешниот директор на АД СЕЗ Олег Костин, кого на почетокот на март на раководното место го замени Михаил Трушко, началник на огранокот на СЕЗ во Калининградската област. Со текот на времето постапката ќе станува поедноставна, што се вклопува во концепцијата за забрзан развој на инвестициската клима во Русија. 

Во согласност со мајската уредба на претседателот на РФ, до 2020 Русија би требала да го заземе 20 место на ранг-листата на најперспективни земји за вложување според извештајот на Светска банка („Doing Business Report“) и да напредува од сегашното 112 место. Имајќи ја предвид динамиката на развој во последниве две години (и очигледното придвижување од 124 место), сосема е можно тоа да се случи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.