Извор: ИТАР-ТАСС.
Глобалната економија на неолиберализмот ги доведе земјите од Источна Европа во уште подлабок ќор-сокак од оној во кој се најдоа по распадот на Советскиот Сојуз. Што да се прави со Европската Унија, каква е иднината на БРИКС и каде да се бара излезот од крајно тешките последици на светската економска криза? Во Киев одговорите на овие прашања ги бараа учесниците на научната конференција „Епохата по неолиберализмот: кризата и иднината на Источна Европа“, која ја организираше меѓународната иницијативна група „Постглобализација“.
Сите се сложуваат дека дејствувањето според неолибералните рецепти на Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската Унија и на САД повеќе не може да биде основа за развој на Источна Европа. За надминување на кризата неопходна е квалитативно поинаква стратегија, уверени се учесниците на киевската конференција.
Времето од 1982 до 2008 година е период на процут на неолиберализмот, познат и како „Вашингтонски консензус“. Во овој период, како што истакнува рускиот политиколог Борис Кагарлицки, американските финансиски корпорации се засилија, а САД беа центарот на светскиот економски процес и глобален политички хегемон. Но, во 2008 година состојбата на светскиот пазар се влоши и започна голема криза, која на прв план исфрли мноштво недостатоци на неолибералниот систем.
На жителите на Источна Европа еден од можните патишта за развој им го покажаа Бразил и Индија, зашто тоа се земјите што делумно веќе отстапија од неолиберализмот
Сегашните тешкотии своите корени ги влечат од осумдесеттите години од минатиот век, кога САД на сиот свет му го наметнаа своето сценарио за развој, уверени се економистите. Америка со помош на неолибералната економска теорија и рецептите што штедро ги делеа Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка успеа да ја зацврсти својата положба на светски хегемон и не ја интересира колку тоа ги чинело другите земји и колку уште ќе ги чини.
Да потсетиме дека во тоа време земјите од „третиот свет“ тукушто излегоа од кризата од седумдесеттите години на минатиот век. Голем дел од нив непосредно пред тоа стекнаа независност и сите тежнееја да се развиваат самостојно. Од друга страна, САД во тоа време ја загубија војната во Виетнам и на многумина им се чинеше дека светот станува поинаков, послободен и поправичен.
Сепак, како што истакнува австралискиот публицист Никола Булард, член на меѓународната научна група „Постглобализација“, новите држави се ослабени поради зголемувањето на каматите за кредитите добиени од Запад, со што се соочија со пораст на инфлацијата и на крајот ги прифатија американските економски рецепти. Хегемонијата на САД е зачувана, иако сега светската економија е поинаква.
Подолг период американските рецепти некако функционираа, но се покажа дека со нивна помош не може да се надмина новата голема криза. И покрај сите мерки што се преземаат, кризата воопшто не е надмината, туку е само привремено совладана. „Неволјата е во тоа што стоковно-паричните односи се воведени на тој начин што ниту една земја не го доби ветениот процут на економијата, но затоа транснационалниот капитал извлече голема добивка“, констатира Кристоф Агитон, француски економист и еден од основачите на Асоцијацијата за оданочување на финансиските трансакции и за помош на граѓаните.
Дури и во периодот пред кризата, многу критичари на глобалниот капитализам од земјите од поранешниот Источен блок констатираа дека на дело е конзервација на сиромаштијата. „Нискиот животен стандард по пазарните реформи во општеството предизвика разочарување од неолиберализмот“, пишува романскиот писател Василе Ерну. Според него, не се оправдале надежите во глобализацијата како процес на светска интеграција. Во Европската Унија, исто така, се полагаше голема надеж, но излезе дека таа за сопствените граѓани не е „заеднички дом“, туку систем на национална сегрегација. Ваквата нерамноправна положба се зацврсти насекаде, што воопшто не е во спротивност со „Вашингтонскиот консензус“, зашто неговата концепција за раст на светската економија се темели на евтина работна сила.
ЕУ не е „заеднички дом“, туку систем на национална сегрегација
Денес во Источна Европа сѐ поприсутно е сфаќањето за тоа дека натамошното користење на неолибералните рецепти ќе придонесе само за тоа локалните економии да останат на периферна позиција, а тоа не е она на што тие се надеваа. Тие мислеа дека ќе станат дел од центарот, зашто теоретичарите од другата страна на океанот им ветуваа процут благодарение на преминот кон „слободен пазар“. И, иако сите земји во регионот сѐ уште имаат шанса да се развиваат многу посамостојно, сепак, целиот регион засега има статус на послушна периферија на Западот.
Учесниците на киевската конференција дојдоа до заклучок дека земјите од Источна Европа треба да се ослободат од прангите на периферната позиција и да се вратат на патот на самостоен економски развој. „Кризата во Соединетите Американски Држави дава шанса да се измени планот за развој на националните економии“, тврди Том Рејфер, редовен член на Транснационалниот институт и вонреден професор по социологија на Универзитетот во Сан Диего.
На жителите на Источна Европа еден од можните патишта за развој им го покажаа Бразил и Индија, зашто тоа се земјите што делумно веќе отстапија од неолиберализмот, вели Никола Булард. Мерките што нивните власти ги презедоа овозможија, на пример, развој на локалната машиноградба, а најголемо влијание државата сега им посветува на социјалните проблеми.
Сосема е можен економски развој надвор од рамките на неолибералниот „Вашингтонски консензус“, уверен е и рускиот економист Василиј Колташов. Но, за тоа е потребна подготвеност за развивање на сопствениот внатрешен пазар, да не им се робува на директивите од ММФ и од Светската банка, да се воведе регулирање на економијата и да се зголеми улогата на државата во економијата. Зголемувањето и заштитата на заедничките пазари во такви околности ќе создадат база за мултиполарен свет и ќе го означат крајот на хегемонијата на САД.
Можеби во овој момент се чини дека „Вашингтонскиот консензус“ е нескршлив и дека нема алтернатива, и можеби не постојат многу земји што се подготвени да ги отфрлат неолибералните рецепти, но, сепак, развојот на светската економија не може да биде запрен. Не случајно Имануел Валерштајн, еден од основачите на школата за микросистемска анализа, веќе одамна ја претскажа историската неизбежност на завршувањето на неолибералната ера и на хегемонијата на САД.
Можеби ќе излезе дека глобалната економска криза од крајот на првата деценија на 21 век, всушност, била почеток на крајот на американската доминација. Нови рецепти за развој на националните економии веќе постојат и ним воопшто не им е потребен Вашингтон за да можат успешно да се применуваат.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче