Економскиот форум во Санкт Петербург е веќе успешен

Андреј Белоусов. Извор: РИА Новости / Алексеј Никољски.

Андреј Белоусов. Извор: РИА Новости / Алексеј Никољски.

Министерот за економски развој на Руската Федерација Андреј Белоусов го презентираше 17 Санктпетербуршки меѓународен економски форум, кој ќе се одржи од 20 до 22 јуни во северната престолнина на Русија.

„Перспективите на глобалните промени – време за решителни дејствија“ – под ова мото на 20 јуни во Санкт Петербург ќе започне 17 Санктпетербуршки меѓународен економски форум (ПМЕФ). „Овој форум е место на кое учесниците се среќаваат за дискусија. Всушност успехот на ПМЕФ, исто како и Форумот во Давос, се определува уште пред почетокот на настанот – според списокот на луѓето кои се согласиле да дојдат и да земат учество/ Според тоа, уште сега може да се каже дека Форумот е успешен, зашто своето присуство го потврдија 190 шефови на најголемите странски компании и 428 шефови на руски компании, а нивниот број се зголемува буквално секоја минута. Очекуваме да примиме околу пет илјади луѓе“, изјави на прес-конференција министерот за економски развој на РФ Андреј Белоусов. 

Оваа година Санкт Петербург ќе го посетат Јурген Фичен, копретседател на управниот одбор и на извршниот комитет на „Дојче Банк АГ“, главниот извршен директот на ExxonMobil Рекс Тилерсон, извршниот директор на Citigroup Мајкл Корбат. Најголемите руски компании – Гаспром, Роснефт, Северстаљ исто така ќе бидат претставени од своите раководители. 

Почесен гостин на форумот ќе биде канцеларот на Германија Ангела Меркел (нејзе лично ја покани претседателот на Русија Владимир Путин, кој исто така ќе присуствува на овој настан) и премиерот на Холандија Марк Руте. 

„Учесниците на ПМЕФ ќе имаат можност лично да разговараат со раководителите на најголемите светски компании – паметни и достојни луѓе, да се слушнат нивните настапи и со учеството во дебатите да оформат сопствено мислење. Доволен е само овој факт за Форумот да биде интересен за поголемиот дел бизнисмени од сите страни на светот. Оваа година ќе допатуваат делегации  од 66 земји“, изјавува заменик-министерот за економски развој Сергеј Бељаков. Освен тоа гостите на ПМЕФ во Санкт Петербург ќе престојуваат во периодот на белите ноќи, што само по себе е достоен повод за посета на Русија, се пошегува чиновникот. 

Годинава Русија ќе биде претседавач со Г-20 и овој факт силно влијаеше на составувањето на програмата на Форумот – многу теми се преплетени со програмата на „Големата дваесетка“, објаснува Белоусов. Така, учесниците на ПМЕФ ќе разговараат за стимулирањето  на инвестициите за забрзување на растот на економијата, управувањето со државниот долг, реформа на глобалниот финансиски систем, постојан развој на енергетските пазари и зацврстување на светската трговија. Да потсетиме дека во тридневната програма на Форумот се вклучени 74 сесии. 

Во рамките на ПМЕФ традиционално се одржува „Самитот на енергетските компании“, кој претставува еден од најзначајните настани во енергетскиот сектор, а секоја година на него се собираат раководителите и експертите на најкрупните компании од целиот свет. 

Освен официјалната програма, претставниците на министерството за економски развој на учесниците ќе им приредат и забавна програма – концерт на класична музика со учество на Il Divo и Div4s во придружба на симфонискиот оркестар, настани во главните театри и концертни сали во Санкт Петербург, како што се Мариинскиот и Михајловскиот театар, Филхармонијата и Операта. „Културната програма ќе биде богата“, резимираше министерот Белоусов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.