Извор: АР.
На Гаспром не му се заканува ревизија на инвестициското решение за бугарското учество во Јужен тек, што во април рече дека ќе го стори техничката влада на Бугарија предводена од Марин Рајков. Новата влада на земјата, која беше формирана кон крајот на мај годинава, вети дека нема повторно да го разгледува проектот и дека ќе се придржува до роковите за негова реализација. Бугарија, исто така, може да се врати на проектот за изградба на нуклеарната централа Белене.
Заменик-министерот за енергетика Анатолиј Јановски во изминатиов период оствари средба со министерот за енергетика на Бугарија Драгомир Стојнев, кој во новата влада е одговорен за заедничките проекти со Русија во сферата на енергетиката. Двете страни разговараа за роковите за почеток на изградбата на бугарскиот дел од гасоводот Јужен тек и за обновување на изградбата на нуклеарната централа Белене. Бугарскиот дел од земниот дел на Јужен тек, каде магистралата треба да излезе на копно, е клучен дел од проектот. На копното тој е најдолг и најскап (3.3 милијарди евра), неговата должина е 540 километри, а сумата изнесува половина од цената на целокупниот копнен дел од магистралата.
Конечното инвестициско решение за изградба на бугарскиот дел од Јужен тек, беше потпишана во ноември минатата година помеѓу Гаспром и Bulgarian Energy Holding (BEH), за време на владата на Бојко Борисов. Но, во февруари владата поднесе оставка, откако во Бугарија започнаа масовни протести и судири со полицијата поради растот на цените на електричната енергија. Марин Рајков кој ја предводеше техничката влада во април изјави дека „е потребно да се направи уште една подлабока анализа на ситуацијата околу инвестициското решение за проектот Јужен тек“ и да се посвети посебно внимание на неговите „најчувствителни места“. Господинот Рајков повика да се реализира проектот во соодветство со нормите од Третиот енергетски пакет на Европската Унија и во неговата оценка да земат учество експерти од Европската комисија, што, пак, не беше погодно за Гаспром.
Но, во мај во Бугарија беа одржани редовни парламентарни избори и владата ја презеде Пламен Орешарски, кој беше министер за финансии во периодот од 2005 до 2009 година. Имено во тој период Бугарија и Русија потпишаа пакет билатерални спогодби во областа на енергетиката, вклучувајќи ги и изградбите на Јужен тек, на нафтоводот Бургас до Дедеагач (Александруполис) и на Белене. Реализацијата на последните два проекти беше запрена од страна на кабинетот на Бојко Борисов.
Како што изјави за „Комерсант“ Анатолиј Јановски, господинот Стојнев го потврдил договорот за Јужен тек, кој беше постигнат со Бугарија пред да биде создадена техничката влада. „Своевремено двете страни потпишаа рокови за изведба на проектот, така што ние имаме основа да сметаме дека изградбата на гасоводот ќе започне согласно со тие рокови, односно до крајот на годинава“, изјави заменик-министерот. „Што се однесува до Белене, се договоривме да им наложиме на компаниите што работат на овој проект да го активираат дијалогот, за да може проектот да се реализира“, вели Анатолиј Јановски.
„Сакам да ја потврдам намерата на нашата влада за реализација на проектот Јужен тек, така што ние на сите можни начини ќе го поддржуваме пред Европската комисија“, се вели во соопштението на бугарското министерство за енергетика. Во него ресорниот министер Драгомир Стојнев подвлекува дека „секој заеднички проект со Русија, чија реализација е од заемен интерес, ќе добие поддршка од бугарската влада.“
Во врска со Белене, господинот Стојнев забележа дека „без оглед на сложената ситуација во земјата, возможно е да се актуализира финансиско-економската анализа на овој проект“. Но, тој смета дека сите билатерални проекти не треба да се поврзуваа и дека „секој од нив треба да се разгледува одделно и тие да не влијаат еден на друг“. Притоа тој подвлече дека за реализација на проектите со Руската Федерација, Бугарија треба да се усогласува и со мислењето на Европа, инаку ѝ се закануваат санкции. Реализацијата на проектот за нафтоводот Бургас – Дедеагач не беше разгледуван, соопшти од своја страна Анатолиј Јановски.
Повеќе на www.kommersant.ru/doc/2208112
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче