22 години модернизација

Извор: Reuters.

Извор: Reuters.

Руската економија претставува уникатен спој на наследството од комунистичката империја и на современите идеи и решенија. За разлика од Јужна Европа, таа одамна научи да живее во согласност со своите можности, така што низ економската криза поминува полесно од своите западни соседи.

Во 2009 година руската економија забележа пад од речиси 8%, а многу наши сограѓани беа вознемирени, плашејќи се да не се повтори финансискиот колапс од 1998, кога замреа цели стопански гранки, поголемиот дел системски важни банки пропаднаа, а националната валута за малку ќе се претвореше во безвредна хартија. Но, излезе дека Русија ја има научено тешката лекција од крајот на деведесеттите години од минатиот век, сфаќајќи дека мора да се живее во согласност со сопствените можности. Владата веќе 13 години не дозволува да дојде до буџетски дефицит и само во минатата година во изборниот период федералните расходи ги надминаа приходите за 0,1% од бруто-домашниот производ. 

Во моментот показателите и состојбата на јавниот (државен) надворешен долг на Русија се меѓу најниските во светот. Според податоците на стручњакот на аналитичката агенција „Инвесткафе“, Тимур Нигматулин, на 1 април 2013 година тој изнесувал сè на сè 49,8 милијарди долари, со државен БДП од околу 2 билиони долари.

Во моментот показателите и состојбата на јавниот (државен) надворешен долг на Русија се меѓу најниските во светот 

Секако, Русија најпрво треба да им се заблагодари на купувачите и на потрошувачите на енергенси. Нафтата и гасот во буџетот носат повеќе од 50% од приходите (според податоците од 2012 година), што од една страна ги прави јавните финансии мошне чувствителни во однос на промената на цената на суровините во светот, но, од друга страна, овозможува релативно безболно да се преживее рецесијата, па дури и кризата во светската економија. Благодарение на искуствата од деведесеттите години од минатиот век, Русија издвојува дел од својот вишок приходи од извозот на суровини за специјалните фондови, така што овие финансиски резерви овозможија полесно пребродување на кризата од 2008-2009, за разлика од многу други земји, без оглед на значителниот пад на БДП (за 7,8%) и трикратно или четирикратно намалените цени на енергенсите во светот. Руската економија тогаш опстана благодарение на сеопфатната програма за финансиска поддршка од државните резерви. Ова позитивно го оценија и најголемите светски рејтинг-агенции, постепено зголемувајќи го суверениот рејтинг на Русија на инвестициско ниво, иако стануваше збор за долни граници. Рејтинг-агенцијата „Мудис“ („Moody’s“) ѝ додели на Русија рејтинг „Ба1“ („Ваа1“) со стабилни изгледи, додека „Фич“ („Fitch“) и „СиП“ („S&P“) ѝ дадоа „БББ“ („ВВВ“) (стабилен). „Повеќе се исплатува да се вложува во Русија денес, одошто кога било во иднината, кога преземените мерки за подобрување на инвестициската клима и за економски раст ќе ги дадат своите резултати. Тука логиката е иста како и кај онаа на пазарот на хартии од вредност – во моментите на релативен пад хартиите од вредност можат да се купат за попогодна цена. Трошоците сега се пониски“, истакнува Карина Артемева, началничка на аналитичката управа на Националната рејтинг-агенција. 

Во секој случај, уделот на приходот од нафта и гас постепено се намалува. Владата на Руската Федерација планира оваа вредност до 2015 година да ја намали на 8,5% од БДП од моменталните 10,5. А, во 2010, на пример, поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин предвидуваше дека овој процент ќе падне на 14 дури во 2020 година.

Во текот на последниве две години цените на јаглеводородот не растат, така што е потребно што повеќе да ги засилиме другите области

Кога се распадна Советскиот Сојуз структурата на руската економија беше сосема поинаква. Таа беше во согласност со барањата на планската економија, но воопшто не одговараше на пазарните услови. Денес Русија е често критикувана поради тоа што многу бавно напредува, меѓутоа многу работи што денес постојат пред 22 години ги немаше. На пример, конкурентноста во банкарскиот систем. Денес банките во вистинска смисла станаа крвоток на економијата. Во првиот квартал од 2013 година, според податоците на руската Агенција за осигурување депозити, вкупното портфолио на депозитите е пораснато на 14,74 милијарди рубли. На пример, во февруари и во март населението во Русија во банките депонирало во просек 11,3 милијарди рубли дневно. Тоа е речиси двапати повеќе одошто пред една година. 

Резултатите од истражувањата на холдингот „Ромир“ покажуваат дека процентот Руси што имаат заштеда го достигнал највисокото ниво за последниве 20 години – 75%. Притоа, уделот на оние што ги чуваат парите во националната валута – рубљата, надминал 80%. Кон средината на 2005 година повеќе од половина од учесниците во истражувањето изјавиле дека нивните семејства воопшто немаат каква било значајна заштеда.

Во секој случај, уделот на приходот од нафта и гас постепено се намалува 

Исто така, во Советскиот Сојуз не постоеше берза. Сега нејзината вкупна пазарна капитализација изнесува 20 билиони рубли, односно 32% од БДП. Владата планира до 2018 година оваа вредност да ја врати на ниво од 100% од БДП. Москва уште сега има амбициозна цел да стане еден од десетте водечки меѓународни финансиски центри, иако засега го зазема дури 64 место. Московската берза, која настана со спојувањето на Московската меѓународна девизна берза и Берзата на вредносни хартии „Руски трговски систем“ (РТС), на 15 февруари годинава ја изврши првата емисија на сопствени акции (иницијална јавна понуда, анг. IPO). Вредноста на берзата е проценета на 4,2 милијарди долари, што е за петпати помалку од капитализацијата на берзата во Хонг Конг, но во целост може да се спореди со вредноста на берзите во Лондон и во Токио. Сето тоа значително оди во прилог на плановите на руската влада од Москва да направи светски финансиски центар, иако, секако, постои и свесност за тоа дека само успешна иницијална јавна понуда не е доволна. 

Уште еден од видливите резултати на нашето општествено преуредување е развојот на услужниот сектор. Во Советскиот Сојуз 90% од стоката во продажба беше од домашно производство. По преминувањето на пазарна економија поголемиот дел претпријатија не беа во состојба брзо да се приспособат на новите услови, така што кон крајот на осумдесеттите и во почетокот на деведесеттите години од минатиот век полиците во продавниците во нашиот главен град беа речиси празни, додека луѓето со часови стоеја во редови за прехранбени производи. Денес 99% од малопродажниот промет го реализира приватниот сектор, а повеќе од половината од тој промет отпаѓа на малите претпријатија, иако и уделот на трговските синџири полека расте и достигнува до нивото од речиси 22%.

Пред неколку години Русија ѝ се посвети на технолошката модернизација, владините програми дадоа поттик за развој на индустријата за информациски технологии (IT) 

Пред неколку години Русија ѝ се посвети на технолошката модернизација, владините програми дадоа поттик за развој на индустријата за информациски технологии (IT). Според податоците од 2011, обемот на Интернет-економијата беше 0,6 билиони рубли, што е еднакво на 1% од БДП, додека овој сектор во 2012 година порасна за околу 30%. Но, економскиот потенцијал на целокупниот Интернет-пазар изнесуваше 2,52 билиони рубли, што е еднакво на 4,62% од БДП, соопшти претходно директорот на Руската асоцијација за електронски комуникации (РАЕК), Сергеј Плуготаренко. Се очекува дека во рок 5 до 6 години извозот на ИТ-технологии од Русија ќе се израмни со извозот на оружје. Русија веќе сега, според вредноста на својот внатрешен пазат на ИТ-услуги (10,7 милијарди долари), спаѓа во дваесетте најразвиени земји. Сепак, извозот на руски софтвер не е голем. Во 2011 година изнесуваше сè на сè 1,4 милијарди долари. Станува збор за тоа дека за извоз руските компании најмногу разработуваат напредни софтверски решенија – во областа на финансиското сметководство за најголемите мултинационални компании, потоа во авиоиндустријата и во автомобилската индустрија, тие главно се ориентираат на пазарите во Европа и во САД. Наспроти ова, во поглед на пристапот кон широкопојасниот Интернет, Русија ги надминува своите најблиски конкуренти. Во Индија, на пример, широкопојасната мрежа е развиена само во ИТ-комплексите и центрите, се наведува во извештајот за развој на информациската економија на Конференцијата на ОН за трговија и развој (UNCTAD). 

Иако руската влада често укажува на намалувањето на зависноста на Русија од извозот на суровини, уделот на суровинската индустрија во рускиот БДП не престанува да расте. Но, ова зголемување е поврзано со динамиката на цените, а не со структурните пропусти во економијата, тврди главниот економист на холдингот „ВТБ Капитал“ во Русија, Максим Орешкин. Според него, во последниве години растот надвор од нафтениот и од гасниот сектор во реален израз (in real terms) е многу поголем (ако го земеме конкретно ИТ-секторот). „Всушност, веќе доаѓа до пресврт. Во текот на последниве две години цените на јаглеводородот не растат, така што е потребно што повеќе да ги засилиме другите области“, истакнува тој. И покрај намалувањето на побарувачката за енергенси на главниот руски пазар, во Европа руската економија бележи, иако не голем, но во секој случај извесен раст на бруто-домашниот производ. Профитабилноста на бизнисот во Русија во просек изнесува 20 до 30 проценти, велат стручњаците, што е за 4 до 5 пати повеќе од просекот во Европа.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.