Сочи-2014: најскапата олимпијада во историјата

Само нешто повеќе од седум милијарди американски долари ќе бидат потрошени за изградба на олимписките објекти. Извор: Михаил Мордасов.

Само нешто повеќе од седум милијарди американски долари ќе бидат потрошени за изградба на олимписките објекти. Извор: Михаил Мордасов.

Олимписките игри во Сочи ќе станат најскапата олимпијада во историјата. Во текот на осум години за нивна подготовка ќе се потрошат над 51 милијарда долари. Игрите од 2008 година во Пекинг чинеа 45 милијарди, а во Лондон околу 30 милијарди американски долари. Најмногу се троши на сообраќајната инфраструктура на Сочи, град што е долг над 150 километри.

Како и во случајот со Кина, најголемиот дел од парите во Русија ќе бидат потрошени на модернизација на градската инфраструктура и само нешто повеќе од седум милијарди американски долари ќе бидат потрошени непосредно за изградба на олимписки објекти: стадиони и помошни терени со дополнителни објекти за тренинзи. Потпретседателот на владата на Русија, Дмитриј Козак, е уверен дека тие средства ќе придонесат Сочи да стане најголемо одморалиште во земјата, кое ќе може да се мери со најголемите светски летувалишта на море. Градоначалникот на Сочи, Анатолиј Пахомов, говори за тоа што ќе добие градот за 43 милијарди американски долари.

 

Сообраќај 

За сообраќајната инфраструктура федералната влада троши најмногу пари: 20,9 милијарди долари. Со овие пари треба да се реши проблемот на големиот метеж во градскиот сообраќај, се надева градоначалникот на Сочи, Анатолиј Пахомов. Градот се протега 156-162 километри по должината на морето, а има само еден пат, и тоа е Курортната авенија, го објаснува тој поводот за честиот застој во сообраќајот: „Во Сочи овие застои беа проблем уште во советскиот период, кога, чинам, не постоеја никаде во земјата, па дури ни во Москва“. 

До 2014 година во Сочи ќе бидат изградени 260 километри патишта. Нивната моќ на пропуштање ќе биде зголемена за 1,8-2,5 пати, а средната брзина на движење во градот ќе се зголеми за 25%. 

Намерата е сообраќајниот проблем да се реши со изградба на патишта, но и на железничка инфраструктура. Железницата во Сочи ќе стане дел од градскиот сообраќај, како што е метрото во Москва, уверен е Пахомов: „Се градат 30 железнички платформи, така што,  практично, во секоја населба ќе постои станица за електричниот воз“. 

Најголемиот проект на „Руската железница“ е изградба на пат и на пруга од Адлер до скијачкиот центар „Алпика сервис“ во Краснаја Полјана. Според податоците на претставник од „Руската железница“, буџетот на овој проект ќе надмине 6,6 милијарди американски долари. Ова е најскапиот олимписки објект, но треба да се додаде дека првично тој беше замислен да биде уште поскап, зашто беше планирано патот да има четири ленти, а пругата два колосека. Меѓутоа, во 2009 година властите се откажаа од оваа замисла. Така што, патот ќе има две ленти, а пругата еден колосек, со тоа што возовите ќе се разминуваат на специјални станици. Моќта на пропуштање на пругата ќе биде 8.500 патници на час. За време на Олимпијадата возовите ќе сообраќаат на секои 10 минути. 

Од приватните компании, во сообраќајната инфраструктура на Сочи најмногу инвестираше холдингот „Базел“. Оваа компанија ја довршува изградбата на новиот авиотерминал, во кој има вложено над шест милијарди рубли. Моќта на пропуштање на аеродромот во јуни 2012 година изнесуваше 1.600 патници на час, а во 2014 година, по завршувањето на изградбата на терминалот, ќе се зголеми на 3.800 патници. Во мај годинава институтот „Адам Смит“ го прогласи терминалот во Сочи за најдобар регионален аеродром во Русија.

 

Телефонски линии и енергетика 

Телефонските линии ги градат „Мегафон“ и „Ростелеком“. Обете компании се спонзори на Олимписките игри, и двете во спонзорскиот пакет инвестираа по 130 милиони американски долари. „Ростелеком“ ја развива фиксната телефонија, а „Мегафон“ мобилната. „Ростелеком“ ќе извлече над 300 километри оптички кабел и ќе обезбеди функционирање на телекомуникациите во 33 олимписки објекти, велат во информативната служба на компанијата. Станува збор за кабелски и за безжичен пристап на Интернет, за ИП-телефонија, резервирани канали, на пример, за специјални системи на стадионите, кои служат за прикажување и за оцена на резултатите, како и за мерење време, истакнува претставник на „Ростелеком“. „Мегафон“ ќе биде единствениот мобилен оператор на олимписките објекти за време на Олимпијадата. 

Кога Меѓународниот олимписки комитет донесе одлука за организирање на Олимпијадата во Сочи, овој регион имаше дефицит на електрична енергија: се произведуваа вкупно 100 MW, а се трошеа 400 MW. Дефицитот сега се покрива со струја од другите региони, а за Олимпијадата се градат постројки што ќе произведуваат 1424 MW.

 

Екологија и станбено-комунални комплекси 

Ревизорите беа најнезадоволни од квалитетот на отпадните води што се влеваат во Црно Море. Од таа причина за Игрите се изградени нови објекти за прочистување, чиј капацитет е 140 илјади кубни метри отпадни води. Квалитетот на прочистување е висок, а цевките влегуваат два километра во морето, вели Пахомов: „Кога ни ги покажаа постројките за прочистување, претставникот на фирмата што ги испорачува дури беше подготвен да ја испие прочистената вода. Но, ние го убедивме да не го прави тоа“.

 

По Олимпијадата 

Што ќе се случи со олимписката инфраструктура по Олимпијадата? Во февруари годинава Козак ја одобри програмата за нејзино користење по Игрите. Речиси сета комунална и инженерска инфраструктура и поголемиот дел градски патишта ќе му припаднат на градот Сочи. Според процените на администрацијата, ова ќе ги зголеми годишните расходи на градскиот буџет за две милијарди рубли. 

Од Сочи треба да се направи квалитетно одморалиште, но и место за организирање големи настани, какви што се конференции, изложби и спортски натпревари, смета Пахомов. Инфраструктурата што се гради за Олимпијадата ќе го подобри квалитетот на градската средина, нагласи градоначалникот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.