Украина ќе стане набљудувач во Царинската унија

Извор: ИТАР-ТАСС.

Извор: ИТАР-ТАСС.

Владата на Украина донесе одлука за тоа земјата да стане набљудувач во Царинската унија на Русија, Белорусија и Казахстан, а експертите претпоставуваат дека целосното влегување во неа може да одземе и 10 до 15 години.

Украинската влада го одобри проект-меморандумот за давање на земјата статус на набљудувач во Царинската унија на Русија, Белорусија и Казахстан, соопшти премиерот Николај Азаров. Доколку овој статус биде потврден, тоа значи дека Украина ќе може да добива руски гас за 240 американски долари за илјада кубни метри наместо досегашните 530 американски долари, што е мошне важно за буџетот на земјата. Одлуката за официјален Киев беше компромисна: целосното членство во унијата, на што настојува Москва, за Украина би значело откажување од плановите за влегување во Европската Унија. 

Се очекува дека меморандумот ќе биде потпишан од страна на лидерите на државите на Царинската унија на 28-29 мај во Астана, каде на заседанието на Вишиот евроазиски економски совет ќе отпатува украинскиот претседател Виктор Јанукович.

Царинската унија е првиот сериозен економски проект на постсоветската територија. Ова е форма на трговко-економска интеграција меѓу Русија, Белорусија и Казахстан. Со Царинската унија се предвидува единствена царинска територија, во рамките на која во заемната трговија со стоки не се применуваат царински давачки и ограничувања од економски карактер, со исклучок на специјални заштитни, антидампинг и компензациски мерки. 

Притоа земјите-членки на Царинската унија се применува единствена царинска тарифа и други единствени мерки за регулирање на трговијата со стоки со трети земји. 

Земјите што се обединија во оваа унија, Русија, Казахстан и Белорусија, можат да се мерат дури и со Германија: нивниот БДП сигурно се приближува кон германскиот.

Експертите сметаат дека со донесувањето на меморандумот Киев се обидува да добие на време, за да не предизвика гнев кај Москва, која јавно изјавува дека е заинтересирана само за целосно учество на Украина во интеграцискиот процес. 

Украинските власти го нудат своето решение како унапредувачко, тврдејќи дека имаат намера наместо обичен партнер да станат кандидат за приклучување кон Царинската унија со одобрена „патна карта“. Но, според мислењето на генералниот директор на рускиот Центар за политичка конјунктура Сергеј Михеев, приближувањето ќе биде етапно и може да се одолговлечи на 10-15 години.

Меморандумот што го донесе Киев е компромисна варијанта, забележува претседателот на украинската филијала на Институтот на земјите на СНД Владимир Корнилов.

„На потпишувањето нема да биде изнесено ниту украинскиот предлог според формулата за соработка 3+1, ниту руската варијанта за целосна интеграција, - изјавува тој. – Украина ќе стане набљудувач во Царинската унија и преку оваа нова форма ќе соработува без да се вклучува во наднационалните структури“.

Како што тврди директорот на Киевскиот институт за проблеми со управувањето Кост Бондаренко, статусот на набљудувач во Царинската унија досега не бил предвиден. Но, постои можност тој да стане формула за потесни односи со земјите-членки на унијата, наместо онаа од форматот 3+1 која беше предложена од страна на Јанукович.

Според експертот, оваа ситуација изискува изработка на нови механизми за соработка.

„Формулата за движење на Украина кон Царинската унија со статус на набљудувач треба да биде јасно утврдена“, смета претседателот на центарот за применети политички истражувања „Пента“ Владимир Фесенко.

Против приближувањето кон Царинската унија се изјаснува украинската опозиција. Но, според мислењето на директорот на политиколошкиот центар „Југ-Север“ Алексеј Власов, Јанукович ќе се обиде да го протурка своето решение, зашто нема каде да оди.

Деновиве помеѓу Русија и Украина изби уште еден дипломатски скандал. Причина за него беа изјавите на рускиот генерален конзул во Симферпол Владимир Андреев. 

Дипломатот, коментирајќи го филмот „Хајтарма“ за депортацијата на кримските Татари за времето на Големата Татковинска војна, забележа дека во него никаде не се споменува соработката на одредот на кримските Татари со Германците за време на окупацијата. 

Неговите зборови предизвикаа гнев кај кримските Татари, кои веќе двапати протестираа пред рускиот конзулат. На 23 мај МНР на РФ изјави дека ја разбира реакцијата на украинската страна на „некоректното формулирање на рускиот претставник без да размисли за чувствителноста на прашањето, кое во секоја ситуација бара исклучително урамнотежен приод“. 

Следниот ден Андреев си даде оставка. „МНР ме обвинува за нешто што не сум го кажал и не ме поддржува во оние позиции за кои не треба да се прават отстапки. При таквите противречности помеѓу мене и раководната инстанција не можев да продолжам да работам на мојата должност“ изјави за РИА Новости дипломатот.

РИА Новости

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња