Инспекциската комисија на Меѓународното биро за изложби (МБИ), која од 26 до 29 март ги оценуваше можностите на уралскиот град Екатеринбург за организирање на Светската универзална изложба во 2020 година, го истакна руското гостопримство и иницијативната младина. Претседателот на делегацијата Стејн Кристенсен по резултатите забележа дека Екатеринбург има добри шанси да го добие „ЕКСПО-2020“.
„Уште од првиот момент го почувствував гостопримството по кое е познат рускиот народ. Во градот има многу мали стари исклучително убави градби, кои се чуваат меѓу облакодерите“, ја пренесува РИА Новости изјавата на Кристенсен.
Екатеринбург
е четвртиот град по големина во Русија (околу 1.4 милиони жители). Се наоѓа на
Урал, на самата граница помеѓу Европа и Азија. Фотографија од слободни извори.
Од своја страна, генералниот секретар на МБИ Висенте Гонзалес Лосерталес, за кого ова е трета посета на Екатеринбург, стави акцент на локалната младина.
„Кај вас има многу млади кои имаат иноваторски идеи за тоа како да се направи уште подобро она што го имате во градот“, изјави тој.
Екатеринбург е номиниран како официјален кандидат за ЕКСПО-2020 во 2011 година. Изложбата се очекува да се одржи од 1 мај до 31 октомври 2020 година на тема „Глобален разум: иднината на глобализацијата и нејзиното влијание врз нашиот свет“.
Од тоа каков впечаток ќе остави посетата на комисијата, во голем степен зависи дали Екатеринбург ќе може да го организира најголемиот светски настан, кој според своето значење е еднаков на Олимписките игри.
Освен посетата на самиот Екатеринбург, инспекторите на МБИ во Москва имаа средба со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, со премиерот Дмитриј Медведев и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Претходно во неколку наврати беше забележано дека еден од основните услови на Меѓународното биро за изложби е безусловната поддршка на пријавата на градот од страна на државата.
Освен Екатеринбург, за правото за организирање на ЕКСПО-2020 се борат и Измир (Турција), Ајутхаја (Тајланд), Дубаи (ОАЕ) и Сао Паоло (Бразил).
Москва му дава големо значење на натпреварот за спроведување на ЕКСПО-2020. Без разлика на тоа што Русија секогаш била активен учесник на Меѓународните изложби, почнувајќи од првата која беше одржана во Лондон во 1851 година, таа сè уште немала шанса да го организира овој настан на своја територија. Во 2001 година Руската Федерација конкурираше за ЕКСПО-2010, но изгуби од Шангај.
Овој пат освен Екатеринбург, за правото за организирање на ЕКСПО-2020 се борат и Измир (Турција), Ајутхаја (Тајланд), Дубаи (ОАЕ) и Сао Паоло (Бразил).
Како што им изјави на новинарите губернаторот на Свердловската област Евгениј Кијвашев, како основна предност на Екатеринбург пред останатите градови ја гледа „географската положба заедно со климатските услови. Ние имаме добри комуникации и, според мене, ние симболично ја претставуваме Русија“.
Екатеринбург се наоѓа во централниот дел на Евроазија, на границата помеѓу Европа и Азија. Основан е во 1723 година во средниот дел на планината Урал како фабрика-тврдина, денес овој град е голем индустриски центар и важен транспортно-логистички јазол на Транссибирската магистрала. Локалните жители на шега велат дека Екатеринбург е престолнина на Русија во случај вонредни состојби (“capital of Russia in case of emergency”).
Како што забележа Кујвашев, организирањето на ЕКСПО ќе даде сериозен инпут за развојот на градот и на Свердловската област во целина, со што Екатеринбург ќе стане нов финансиски и научен центар на Русија.
„Тоа ќе биде добро наследство што ќе остане по спроведувањето на големото ЕКСПО, кое може да се искористи за привлекување компании, финансиски и производствени, за да можат тука да го водат својот бизнис“, ги сподели со новинарите своите очекувања шефот на Свердловската област.
За време на посетата на комисијата беше претставен стратешкиот план за развој на Екатеринбург, кој во себе вклучува создавање деловни зони, меѓу кои и идниот павилјон за ЕКСПО-2020.
Од територијата на ЕКСПО до границата помеѓу Европа и Азија има шест километри.
Според зборовите на главниот архитект на Екатеринбург Михаил Вјаткин, избраното место се наоѓа на „еколошки чисто место“ на брегот на Верх-Истеското езерце и зазема површина од 560 хектари, Се наоѓа на оддалеченост од три километри од центарот на градот и 21 километар од аеродромот.
„Од територијата на ЕКСПО до границата помеѓу Европа и Азија има шест километри. Нашата идеја е да направиме и жичарница, за гостите да можат да отидат и до границата“, додаде Вјаткин.
Територијата на самиот ЕКСПО-парк е околу 180 хектари. На ова место е планирано да се подигнат 103 павилјони, од кои 5 крупни тематски павилјони, павилјон „Русија“ и 20 големи павилјони за големите земји. Поголемиот дел од овие градби ќе бидат од времен карактер.
Во непосредна близина на ЕКСПО-паркот планирано е да се изгради ЕКСПО-сити, каде ќе престојуваат учесниците на изложбата и генералните комесари, и ЕКСПО-село за гостите и претставниците од медиумите. Според овие планови, по спроведувањето на изложбата Екатеринбург може да добие современа станбена населба со 2.6 милиони квадратни метра место за живеење, нови ресторани и трговски центри.
Како што изјави вицепремиерот на Руската Федерација Аркадиј Дворкович кој го предводи организацискиот комитет „ЕКСПО-2020“, трошоците за подготовка на изложбата во Екатеринбург ќе изнесуваат околу 2 милијарди долари.
Информациите за заклучоците од посетата на МБИ ќе бидат објавени за сите пет кандидати на 10-11 јуни годинава на заседанието на генералната асамблеја на бирото, а крајниот победник ќе биде прогласен кон крајот на ноември.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.