Руски инвестиции ќе ја заживеат Источна Македонија

Руски компании отвораат нови рудници во Македонија. Ова ќе значи голем број на вработувања и раздвижување на целата економија. Од една инвестиција буџетот на општина Пехчево ќе се зголеми тројно само од средствата за концесија кои ќе ги плаќа рускиот гигант Солвеј.

Градоначалникот на Пехчево Јованчо Станоевски.

Најновата инвестиција во фабрика за преработка на бакарна руда кај Кадиица, Пехчево ќе биде огромен поттик за економијата во овој крај. Руска реч разговараше со градоначалникот на Пехчево, Јованчо Станоевски,  под чија општина се наоѓа месноста Буковиќ, каде и ќе се гради фабриката за преработка на бакарна руда.  Станоевски вели дека ова ќе биде најголемата инвестиција во историјата на општината.

„Руските инвеститори веќе се во завршна фаза. Ги подготвуваат документите во македонските министерства, каде треба да се урбанизираат парцелите со цел изградба на фабриката. Ние како општина, очекуваме дека во март или април оваа година ќе се удри камен темелник на оваа фабрика“, вели Станоевски.

Надоместокот кој руски Солвеј ќе го плаќа на општината е повеќе од задоволителен. Според градоначалникот тој за почеток ќе изнесува дури 90% од актуелниот годишен буџет на општината, а кога ќе започне да работи со полн капацитет, само надоместокот за искористување на земјиштето и бакарот од Кадиица, ќе надминува неколку годишни буџети на општината.

„Бенефитот за општината ќе биде огромен и ќе се однесува на неколку работи. Најправин, руски Солвеј, е сериозен инвеститор кој ќе посвети огромно внимание на зачувување на животната средина во овој крај. Инвестицијата ќе овозможи директни 100 до 150 вработувања, а плус уште толку индиректни. Ќе ја раздвижи економијата во овој дел на државата. Ќе изградат инфраструктура. Се чекаат дозволите за изградба на регионален пат и изградба на далновод. Сите овие работи ќе ги гради инвеститорот, а бенефитите ќе бидат за општината“, истакнува градоначалникот Станоевски.

Од лево кон десно генерален директор на Бучим Васил Борутскиј, до него заменик директор на Бучим Николајчо Николов.

Истражувањата кои ги правеше „Кадиица метал“ покажаа дека локалитетот Кадиица кај Пехчево лежи на 100 милиони тони бакарна руда. „Кадиица метал“ е член на семејството на руската компанија Солвеј која го поседува и радовишкиот рудник за бакар во земјава, Бучим.

Заменик директорот на Бучим, Николајчо Николов за Руска Реч изјави дека инвестицијата чини околу 35 милиони евра и дека сите технолошки испитувања се во завршна фаза.

„Ние ги привршуваме технолошките испитувања и многу наскоро ќе започнеме со градба на фабриката и експлоатација на бакар која ќе биде една огромна инвестиција“, вели Николов.

Рускиот гигант Солвеј веќе размислува за уште една инвестиција во Македонија. Тие сериозно го разгледуваат пределот кај Боров Дол во Радовиш.

Местото Кадиица каде ќе се гради фабриката, во моментот на фотографијата се врши дупчење.

„Следната инвестиција на Солвеј, преку фирмата „Боров Дол“ ќе се реализира на истимениот локалитет. Тој предел е богат со сулфиден бакар и нашите планови се да почнеме да го ископуваме тој дел откако ќе заврши експлоатацијата на руда во Бучим. Тоа е некаде после 2020 година“, потврди за Руска Реч заменик директорот на Бучим, Николајчо Николов.

Отворањето на нови рудници и инвестиции во рударството е од огромно значење за македонската економија. Овие две инвестиции ќе значат заживување на целиот источен регион, кој некогаш живеел од рудниците и експлоатација на руда. Последните две години рударството учествуваше во бруто-домашниот производ со околу 20%. Овие инвестиции сигурно ќе ја зголемат таа бројка. Руски Солвеј ќе експлоатира руда од Кадиица во наредните 20 години.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.