Извор: Shutterstock/Legion Media.
Роспотребнадзор побара од Европската комисија за заштита на здравјето и на правата на потрошувачите податоци за партиите месо кои можеби содржат коњско. Коњскиот скандал во ЕУ излезе на виделина откако ветеринарната инспекција на Романија во еден магацин во Букурешт пронајде речиси сто килограми коњско месо, подготвено за продажба како говедско. Веќе е јасно дека ова не е случајно, туку дека станува збор за подметнување. Коњското во Европа е приближно 20% поевтино од говедското, па несовесните испорачатели решиле да заработат. Се знае дека коњското од Романија и од Полска стигало во Франција, каде се преработувало и со лажна етикета било превезувано по континентот, а воедно стигнувало и до Велика Британија. Меѓу другото, експертите подвлекуваат дека ништо принципиелно лоши во коњското нема, важен е самиот факт на подметнување.
Постои ли шанса наместо крава да се изеде коњ?
Најверојатно не, зашто коњското месо во Русија е поскапо од говедското, а увозното не стасува до нашиот пазар.
Скандалот стана толку голем што во истрагата се вклучи и Европол. И веќе се слушнаа изјави дека коњското што се пласира како говедско може да стаса и во Русија. Сепак, главниот уредник на списанието „Аграрен преглед“ Константин Лисенко смета дека шансата за вакво нешто е многу мала, исто колку што е мал и уделот на лажното говедско во Европа: „Во размерите на европската економија овој удел е многу мал. Ова не значи дека секој жител на Германија, Норвешка или на Романија наместо говедско јаде коњско. Ова е микроскопски случај, кој заради слободата на говорот во Западна Европа веднаш доби толкав одек. Властите преземаат мерки за тоа сите да знаат и започнуваат процес на ослободување од ваквите несовесни испорачатели. Уверен сум дека тие ќе бидат казнети така што никому повеќе нема да му падне на ум да направи вакво нешто“.
Сепак, слични инциденти во Русија имало, кога како говедско на пазарот се пласирало месо од бивол, а пред неколку години илјадници руски граѓани, без знаење, пробаа месо од кенгур, кое санитарните служби го пронајдоа во колбаси. Постои ли шанса наместо крава да се изеде коњ? Најверојатно не, зашто коњското месо во Русија е поскапо од говедското, а увозното не стасува до нашиот пазар, уверен е раководителот на Националната асоцијација за Месо Сергеј Јушин. „Јас практично ја исклучувам ваквата можност, зашто обемот на испорака на готови производи во Русија не е толку голем и тие се подвргнати на ветеринарен надзор и контрола. Кога станува збор за извозот, последниве години ветеринарната служба во голема мера зајакна, затоа во целина контролата на прехранбените производи и на месото од увоз е мошне строга. Не би ги преувеличувал ризиците за појавување на овие производи во Русија.
Основни испорачатели (на говедско месо) за Русија во последниве години традиционално е Бразил. По Бразил следуваат Парагвај и Уругвај, а голем извозник е и Австралија, како и САД.
Притоа, експертите подвлекуваат дека ако санитарната служба мора да се реши за крајни мерки и да забрани увоз на говедско месо од Европа, тоа нема да влијае врз пазарот. Стариот свет, според Јушин, не е особено важен извозник.
„Основни испорачатели за Русија во последниве години традиционално е Бразил. По Бразил следуваат Парагвај и Уругвај, а голем извозник е и Австралија, како и САД со околу 7.5%. На уделот на ЕУ отпаѓаат 4.5% од вкупниот обем на испорака на говедско во Русија. Ако биде воведена забрана за увоз на говедско од ЕУ, тоа воопшто нема да има влијание врз пазарот„, - вели Јушин.
Меѓу другото, тешко дека ќе дојде до крајни мерки. Скандалот е премногу голем. Властите на ЕУ нема да штедат на сила за да ги ликвидираат последиците и од пазарот да го тргнат лажното говедско.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче