Извор: Валериј Мелников / РИА Новости
Македонија живее во црно-бел свет, односно свет во кој постојат само демони и ангели, и тоа не само во контекст на домашната политичка сцена. Ваквата призма доминира и во контекст на меѓународните односи и на кризните жаришта. За мнозина постои едно наводно „соломонско решение“ кога ќе дојде до некоја заплеткана геополитичка ситуација, а тоа е „неутралноста“ и свртувањето само кон своите проблеми. Секој обид за анализа на она што се случува во светот се дочекува со подбив или со скепса. Парафразирано таквиот пристап гласи: „ние не сме кадарни да ги решиме своите проблеми, па сега ни фали уште да се занимаваме со Украина и Крим“. Уредникот на „Вест“ напиша: „Чекајќи го почетокот на кампањата [за претседателските избори - наша заб.], ние ѝ го береме гајлето на Украина. Последниве денови со благо воодушевување кон тоа што го прави Путин. А пред тоа им се восхитувавме на демонстрантите. Оти ние се восхитуваме кога некој ќе покаже сила. Не оти знаеме што точно таму се случува, кој со кого и зошто и како, туку, ете, и ние да бидеме дел од светските текови. Ама вака од страна, сеирџиски.“ Во исто време на социјалните мрежи почна да се врти официјалното (и многу кусо) соопштение на Министерството за надворешни работи: „Во врска со состојбата во Украина, Министерството за надворешни работи на Република Македонија истакнува дека ескалацијата на насилствата во последните неколку недели претставува извор на голема загриженост. Република Македонија повикува на преземање на сите неопходни мерки за итно смирување на тензиите, како и на потребата од воспоставување политички дијалог за сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Украина, а за чие решавање е неопходно инволвирање на сите засегнати страни. Република Македонија повикува на воздржаност и одговорност во овие кризни моменти за Украина.“ Ова беше дочекано со потсмев, како нешто што е несоодветно за мала држава, која не само што не е директно засегната, туку и нема никаква релевантност на меѓународен план. Нешто слично можеше да се види и во босанските медиуми, во врска со официјалниот став на тамошните власти. Јавноста ја посочи неспособноста на Претседателството на БиХ да излезе со официјален и заеднички став, но изјавата на тамошниот министер за надворешни работи беше речиси идентична со таа на неговиот македонски колега. Како да ја ископирале од ист тефтер, или можеби им била диктирана од идентичен центар. За волја на вистината, овие изјави се празни, колку да се каже нешто, „округло па на ќоше“ што би рекол народот.
Дури и едно американско списание како „Форин Полиси“ има доволно доблест да објави текст во кој се вели дека Путин не е луд и ги набројува причините поради кои Русија е со право недоверлива кон демократизирачките проекти на САД и ЕУ, кои не се пробирливи кога станува збор за нивните локални сојузници.
Зошто е воопшто важно општествата и државите како овие постјугословенските да имаат повеќе информации, знаење, па и официјални ставови за ситуацијата во Украина, за значењето и импликациите од референдумот на Крим, и особено за улогата на големите играчи во овој дел од светот? Прво и основно, за да не останат „аутисти“ и протекторатни демократии, кои се плашат од тоа да имаат сопствен став или се неспособни да погледнат над сопствениот плот, освен ако меѓународниот ментор не им го дозволи тоа! Овој аспект, очигледно, јавноста не го разбира - или заборавила дека не така одамна и ние бевме нечие „туѓо гајле“. Тука станува збор и за чувство на инфериорност, кое е чудно за оние генерации кои се сеќаваат на Југославија која иако релативно мала земја беше чинител во меѓународните организации, особено во ООН. Новите генерации растат во мини-држави, кои повеќе се идентификуваат со својот иден статус (на членки на НАТО и ЕУ) отколку што се свесни за сегашната вазалска улога. Денешните „аналитичари“ или исклучиво ги повторуваат тезите од западните естаблишменти или тврдат дека гледањето на своето и на туѓото гајле се работи кои се исклучуваат, односно дека оној кој не е кадарен да си ги среди домашните проблеми нема ни причина да води надворешна политика или барем сеопфатна анализа. За емпатија и да не зборувам... А вистината е далеку покомплексна, бидејќи свеста за припадноста кон светот не е само таа поврзана за државите во кои живееме, туку и за нашето заедничко припаѓање на Европа (дури и кога не сме членки на ЕУ), но и на светот, на светското општество. Ваквиот поширок пристап е не само поучен, туку и неопходен.
Она што се случува во Украина (особено во врска со Крим) и притисокот да се одбере страна на доброто наспроти злото е стар и вешт трик на светските моќници, кој се спроведува со активно учество на медиумските корпорации. Целта отсекогаш била да се создаде лажна дилема во која поединецот (или општеството) се фаќа во замка да одлучува според лажни морални принципи, но и фабрикувани полувистини, за тоа кој е „доброто“, а кој „лошото“ момче во тековната приказна. Зарем не беше така во 1999 година кога секој оној кој осудуваше употреба на сила од страна на НАТО без овластување на Советот за безбедност (заедно со осиромашениот ураниум и колатералните цивилни жртви) автоматски беше прогласуван за поддржувач на политиката на Милошевиќ и за антиалбански елемент? Зарем не беше исто и во 2001 година кога почна војната во Авганистан, а две години подоцна и таа во Ирак - двете засновани на лаги и многу геополитички интереси (на Западот)? Зарем не е точно дека ако си против т.н. глобална војна против тероризмот, веднаш ти припаѓа местото на поддржувач на исламски фундаментализам? Впрочем, и во 2004 година, секој кој беше за референдумот за општинските граници во Македонија, беше на црната листа на западните демократии.
Ова не значи дека Путин е ангел и дека не го крши меѓународното право, ама поентата е во тоа дека тој е подеднакво добар, ако не и подобар, во истите меѓународни (шаховски) дисциплини кои одамна ги практикува Западот.
Најнепожелната работа која можеш да ја направиш деновиве (и така извршиш своевидно интелектуално „самоубиство“) е да кажеш дека ситуацијата со Украина не е налик на вестерн филм и дека виновникот не е „новиот Хитлер“ како што се нарекува Путин (Милошевиќ кој беше „Садам на Балканот“). Секој обид да се укаже на сложеноста и на инволвираноста на повеќе актери, заедно со тезата дека зад секое систематско уривање на држава е потребен организиран злосторнички потфат и дека тука нема невини (освен жртвите) - е осуден во старт како проруски, антизападен а со тоа и недемократски. Едвај некој да сака да се зафати со изложување на корените, динамиката и на сложеноста на конфликтот, кој веќе станува отворена фрактура на украинското општество и држава. Вестите и „пресудите“ се сервираат како фаст-фуд (брза храна), а ретко кој има време да прочита анализи од различни позиции за историските, економските и културните констелации, но и за сета вистина за западното замешателство, од сендвичите до формирањето нова профашистичка влада во Киев. Многу е демократски да се покажува со прст кон внатрешните противречности на украинското општество и да се негира секоја сличност со распадот на Југославија (или не дај боже, сличноста меѓу косовскиот и кримскиот референдум). Да се бара Украинците сами да одлучуваат за себе, без да се види дека и тие веќе одамна фатиле страна - а таа страна не е демократска Украина.
Попусто истражувачите на конфликтите отсекогаш укажувале дека симплификацијата, како и поделбата на продемократски и реакционерни сили, е само гола политичка пропаганда, а дека првата жртва на секој насилен конфликт е вистината. Да не го миневме истиот пат пред речиси четврт век, ние - жителите на овие простори, можеби и ќе можевме да си го дозволиме луксузот на рамнодушност. Како да се заборави првиот референдум за отцепување со повикот „Еуропа здај“, и она што следуваше како поделба на „наши“ и „ваши“, на западна и источна цивилизација, на католички и православен (и муслимански) свет? Како да се заборави тезата за неможноста да се живее заедно, природните права и колевките на државноста? Непринципиелните политики на медијаторите за тоа кој може, а кој не може да црта државна граница, чиј референдум е легитимиен, а чиј не е? Дали за сето тоа вредеше да се плати со милиони бегалци и раселени, неколку стотици илјади убиени и уште десетици илјади исчезнати по распадот на една друга „вештачка“ држава? Точно е дека ние (кој и да го претставуваше тоа „ние“) бевме виновни за тоа што се случи, ама не бевме ни само демони ни само ангели. А не бевме ни сами во растурањето на државата...
Денес, додека се одвиваат нови тектонски промени и некои нови земји стасуваат на насловните страници (Крим повеќе од Венеција, Шкотска или Фландрија), кај нас најважна споредна работа се изборите (кои не даваат баш многу избор, особено во поглед на надворешно-политичката заслепеност и подаништво пред едната страна во судирот во и околу Украина). За тоа време, со големи тешкотии, но барем со отворен ум, на повеќе меридијани се деконструира неверојатната индоктринација која од Студената војна па до денес, орвеловски ни ги претставува злосторниците како праведници и единствени овластени светски полицајци. Дури и едно американско списание како „Форин Полиси“ има доволно доблест да објави текст во кој се вели дека Путин не е луд и ги набројува причините поради кои Русија е со право недоверлива кон демократизирачките проекти на САД и ЕУ, кои не се пробирливи кога станува збор за нивните локални сојузници. Ако своевремено Хашим Тачи беше фаворитот на Медлин Олбрајт, сега лидерот на неонацистичката Свобода е омилениот човек на Викторија Нуланд и Кетрин Ештон. Ова не значи дека Путин е ангел и дека не го крши меѓународното право, ама поентата е во тоа дека тој е подеднакво добар, ако не и подобар, во истите меѓународни (шаховски) дисциплини кои одамна ги практикува Западот. Пак ќе завршам со тревата која страда кога слоновите се борат... Да се надеваме дека ова не е почеток на крајот на уште една држава. Крај на уште една европска држава и почеток на уште еден воен ужас - токму на стогодишнината од 1914...
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче