Русија не е нити Европа, ниту Азија – таа е Евроазија (1)

Фотографија од слободни извори

Фотографија од слободни извори

Дали Русија може да биде засебна, независна, не само историска, ами и географска целина, целосно самодоволна и доминантна!? Според евроазиците може, само треба да се редефинира географскиот простор, кој во основа, ваков каков што е, е европоцентричен!

Во последниот текст ги разгледавме идеите на Леонтјев и неговото откритие дека Русија треба да се организира по урнекот на Византија. При тоа, рековме дека размислувањата за она што се нарекува „руска идеја“ своја поконкретна артикулација добиваат во учењата на „евроазиците.“ Во овој и следниот текст ќе се обидеме да ги приопштиме токму тие гледишта, а токму заради нивното големо значење, дури и во актуелната руска политика, ќе им отстапиме два текста.

Група руски емигранти на почетокот на XX-от век се обидуваат од туѓина да понудат поинаков политичко-историски концепт за иднината на Русија, од марксизмот кој владее дома.

Ова движење е зачнато во круговите на руската емиграција, а официјалниот почеток е со зборникот што го издаваат неговите претставници Излез на Исток: претчувства и достигнувања. Ставови на евроазиците, кој во август 1921 е публикуван во Софија. Во него, четворицата автори – П. Савицкиј, Н. Трубецкој, Г. Флоровски и П. Сувчински – во предговорот на зборникот експлицитно тврдат: „Рускиот народ и народите од `рускиот свет` во суштина не се ниту европејци, ниту азијати […]“ - и затоа тие не се - „срамат да се декларираат како евроазици.“

Токму така, Русите се евроазици. Евроазиците сфаќаат дека имаат „географски проблем“ – ако може така да се нарече фактот што Русија, природно, географски се простира на два континента – и решаваат од тој „проблем“ да направат предност. Поточно, да го третираат тоа како проблем на географска интерпретација и да констатираат дека всушност тие се дел од една засебна географска целина – Евроазија!

Русите, веќе во неколку наврати наназад говоревме за тоа - навистина чувствувале проблем со самоидентификацијата, главно како резултат на нивната местоположба. Рускиот историчар Татишчев (1686-1750), ја одредил планината Урал како граница која ја дели Русија на европски и азиски дел, но нешто подоцна Катерина Велика, во својот Указ, побрзала да ја дефинира Русија како „une puissance europèenne“– „европска сила“, која се простира и на територијата на Азија. Евроазиците го прифаќаат овој географски факт, но го третираат и не само географски, туку и културно-историски. „Јанусовската дволичност“ на Русија, како што во својот прв текст во зборникот вели П. Савицкиј, веќе не е пречка, туку предност. Русија е засебна, евроазиска целина, културно-историска и географска целина.

Со концептот на евроазиците Русија конечно се дефинира како нешто ново – таа не е ниту Европа, ниту Азија, таа е Евроазија.

Во својот текст во споменатиот прв евроазиски зборник, Трубецкој заклучува: „Русите, заедно со Угро-финците и волошките Турци, чинат посебна културна зона која има врска и со словенството и со туранскиот Исток.“ Долгата и исклучива европеизација го потиснала ова самопознание, затоа освестувањето на ова „источното“ во рускиот идентитет било главна задача на евроазиците, тоа го доживувале како враќање кон себе, спознание на самите себе, што значи остварување на културно-историската самобитност. Затоа и не бадијала, прв текст во зборникот е на П. Савицкиј, насловен токму како Враќање кон Исток. Впрочем, како што Савицкиј и прашува: „Но самата Русија – зарем не е веќе `Исток`“.

Географскиот факт, за евроазиците станува клучен конституент на рускиот идентитет и самобитност. Савицкиј инсистира на нова реинтерпретација на просторот: „според својата географска содржина, ова учење (евроазиското – Т.С.) се сведува на `откритие` на нов континент - Евроазија“ – вели тој. И навистина, со ваква, можеби радикална интерпретација на географскиот простор, евроазиците си овозможуваат создавање на сосема поинаква философија на културата и историософија. „Работата е во тоа што во основниот копнен масив на Стариот свет, во кој претходната географија разликуваше два континента – Европа и Азија, евроазиците почнаа да разликуваат и трет, средишен континент – Евроазија, според кој го добија и своето име“ – вели А. Дугин, еден од најпознатите денешни руски геополитичари. Со ваквиот редизајниран простор, евроазиците не само што си добиваат посебен континент, туку го третираат како централен, а Европа и Азија ги сведуваат на обални, островски и полуостровски периферии. Во ваквиот простор, Русија и Русите конечно добиваат достоинствено, централно - не само географско, туку и културно-историско - место. Тие стануваат центар меѓу два света, но центар огромен и самодоволен.

Рускиот идентитет повеќе не се бара во ништо друго, туку во самиот географски факт. За евроазиците  посебниот идентитет произлегува од посебниот „континент“ Евроазија и историско-културното влијание на туранскиот елемент.

Ова е навистина достоинствено место за големата Русија, она што отсекогаш го посакуваат, не само во светската географија, туку и во светската историја. Сега, овој простор треба културно и идејно да се осмисли, да се изнајде соодветна идеја која ќе го оправда и ќе му даде смисла.  Кои се тие културни карактеристики за „новиот континент“ Евроазија, ќе зборуваме веќе во следниот текст на страната на „Руска реч на македонски“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња