Идентитетски компас

Европскиот Парламент. Фотографија од слободни извори

Европскиот Парламент. Фотографија од слободни извори

Кој крај да се фати: Исток или Запад, Север или Југ? Сето тоа се вештачки поими погодни за манипулација и доминација. Она што ги обединува луѓето од различните меридијани е при¬падноста на човечкиот род, припадноста на иста социјална класа на луѓе кои соз¬даваат вредности но немаат еднаков глас во носењето на одлуките кои се однесуваат на квалитетот на нивниот живот.

Кој за што, ние за името и европските интеграции! Тема која не само што стив­ну­ва, туку која станува алфа и омега на секоја јавна дебата. На кантар се ставаат вред­ности и посакувани стратегиски цели, се мери која е поважна од другата и ко­ја има поголема/помала цена. Никако да се сфати дека станува збор за две раз­лич­ни категории, дека секоја си има своја тежина и вредност, но дека е невоз­мож­но едното да го трампате за другото. Во почетокот на ноември учествував на јавна три­бина на која по кој знае кој пат се дебатираше оваа тема, а мене (по обичај) ми бе­ше доделена улогата на „бранител на името“, односно на тврд националист кој, ете, не поддржува промена на името и идентитетот на македонскиот народ за по­че­ток на преговори или за влез во ЕУ (и НАТО). Интелектуалците многу држат до сво­јот антинационалистички имиџ - едноставно, тоа е она што некого дефинира ка­ко „вистински интелектуалец“. Ако се осмелиш да ги искритикуваш Брисел или Ва­шингтон, тогаш нема спас од етикетата на поддржувач на власта и на „анти­к­ви­за­цијата“, но и на некој кој заговара свртување на Исток. Ако се слуша по­вни­ма­тел­но, лесно може да се забележи колку е застарен јавниот дискурс.

Можеби за­ра­ди отсуството на демократски традиции и на дисидентство (дури и во еле­мен­тарна форма), доминира вокабулар својствен за некои минати времиња и кој нео­до­ливо потсетува на Студената војна. За најголемиот број учесници на јавната сце­на нема дилема каде е и што претставува „Западот“, а што „Истокот“.

За да се до­д­ворат кон оние кои ги молиме за влез (дури и по цена на самонегирање и нацио­нален мазохизам) се промовира говор на дистинкција карактеристична на „доб­рите и лошите момчиња“ од старите вестерн филмови. Во свеста на овие лу­ѓе, Западот е симбол на благосостојба, демократија која не може и не смее да се до­веде во прашање, на правичност и алтруизам. Од друга страна, Истокот асо­ци­ра на назадност, нецивилизираност, деспотизам и непочитување на човековите пра­ва. Со други зборови, Истокот и Западот се категории кои се взаемно исклу­чи­ви. При тоа, кога се настојува да се најде местото под сонцето за Македонија, двој­ба не само што нема, туку и се истакнува една теза која е многу пробле­ма­тич­на од идентитетски аспект. Можеби, попроблематична и од фамозниот спор со име­то... Имено, добар дел од моите соговорници на јавна сцена тврдат дека Ма­ке­до­нија нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ затоа што „отсекогаш сме биле дел на западната цивилизација“, па затоа и сега таму „природно“ припаѓаме. Како да го изгубиле или заборавиле идентитетскиот компас!? Ова се рефрени кои беа ти­пични и за земјите на Средна Европа, Балтикот, но и сите балкански земји, во си­туација кога сакаат да се дистанцираат од своето „источно“ минато (поврзано со со­цијализмот), и да укажат на старите историски корени во полза на западната ори­ентација. Тоа е оној познат синдром на прифаќање на западните стереотипи за Ориентот (за кои пред 40-тина години пишуваше Едвард Саид) како свои. Тоа е ста­вање на вештачка козметика и одрекување од својот културен идентитет во на­деж дека другите ќе ти простат што некогаш си бил дел на Византија, Отоманската Им­перија или на социјалистичкиот свет.  

Современиот свет, пак, одамна ги надмина вештачките идеолошки разлики, па затоа е бесмислено да се зборува за поделби на Исток и Запад или на Север и Југ. 

Во земјите на Западот јакнат антикапиталистичките тенденции, никнуваат ен­кла­ви на неразвиен и сиромашен Југ; и обратно, во земјите на светскиот Југ јакне кор­поративизмот и желбата да се биде меѓу водечките капиталистички економии. Ру­сија одамна не е Исток, а тоа богами уште помалку се Кина и Јапонија. Низ приз­ма на меѓународниот систем сѐ поголем број теоретичари се сложуваат дека настанува нов мултиполарен поредок. Капитализмот е несомнен победник (барем за догледно време) бидејќи социјализмот, и воопшто левата идеја се оцрнети до сте­пен на неможност од морална и политичка рехабилитација. Нашите вљубеници во Западот се подготвени да ја бутнат главата в песок и да се однесуваат како ној, са­мо да не признаат дека оваа победа на западот е пирова, носи до сеопшта ми­ли­та­ризација, деградација на човековата средина и уништување на идејата за со­ци­јална правда. Веројатно слично се однесуваат и другите поклоници на неговото ви­сочество Капиталот, без оглед дали е митот прикажан како супранационална зо­на на мир или како силна национална држава.

Иако ќе ме обвинат за носталгија (кон бившиот систем или бившата татковина), но кога ги слушам мудреците кои проповедаат за назадниот Ориент (иа­ко одат во истите џамии да се помолат и се восхитуваат на културните спо­ме­ни­ци, уживаат во традиционалната музика и јадења) наспроти развиениот Ок­ци­дент, ми навираат стиховите на стара револуционерна песна која е превод од рус­ки. Во нашата (всушност, српска) верзија таа гласеше „Се буди Истокот и Западот, се буди Северот и Југот“. (Оригиналот на руски гласи „Смело, товарищи, в ногу“). Таа е повик до сите пролетери на светот, и претставува(ше) израз на идејата (и на­дежта за) интернационализам на тогашната лева идеологија (која, сепак, за­вр­ши во национални држави, односно во еден блок наспроти друг). Во неа се говори за братскиот сојуз и слободата (од експлоатација), ослободување од ланците на роп­ството и сиромаштијата. Еден стих вели „сето она на што се потпираат тро­но­ви­те е создадено од рацете на работниците“. Денес, иако со други зборови, но со слич­на идеја се и движењата како „99%“, „Окупирај го Вол стрит“, итн. Југосло­вен­ска­та верзија на оваа песна е повеќе со антифашистички тон и беше прилагодена за потребите на народноослободителната војна - времето кога сојузници станаа Ис­то­кот и Западот во битката против заедничкото зло, фашизмот.

Македонското општество навидум се „заколнало“ дека ќе оди на Запад - со ав­ион (за кој се тврди дека има голем резервоар за да издржи долг и неизвесен лет), со автомобил (за кој се поставува прашање дали има два волана и кој од два­та премиера, македонскиот и албанскиот, врти кон Исток, а кој кон Запад), или со воз (за кој постојано нѐ плашат дека ќе замине и ќе не остави како последна на­пуш­тена и заборавена станица).

Малкумина се осмелуваат да кажат дека каде и да тргнала Македонија ќе остане тука каде што се наоѓа, во физичка/географска ама и културна смисла. Можеби најсубверзивната идеја која може да се каже е онаа за тоа дека идејата за вештачка поделба на човештвото на Исток и Запад, Се­вер и Југ, е бариерата која нѐ спречува да ја видиме целата глобална слика на мно­зинството фатено во заложништво на малцинството (богати и моќни). Моќните сфа­тија дека се сојузници, каде и да се наоѓаат на планетата, особено ако се со­о­че­ни со револуционерни и радикални барања одоздола. (Да потсетам зборот „ра­ди­кално“ нема врска со екстремизам и тероризам, туку со коренито менување на опш­тествениот систем). Она што ги обединува луѓето од различните меридијани е при­падноста на човечкиот род, припадноста на иста социјална класа на луѓе кои соз­даваат вредности но немаат еднаков глас во носењето на одлуките кои се од­не­суваат на квалитетот на нивниот живот. Низ историјата тие создале свои кул­ту­ри, но кога културите се претвораат во оружје на делба вината за тоа не треба да се бара во нив, туку во оние кои раскажуваат приказни и втемелуваат стереотипи за „иманентно“ лоши или добри цивилизации. Начинот на живот, начинот на вред­ну­ва­ње на нештата во човечкиот живот, ставање на пиедестал на индивидуата (и гло­рификацијата на егоизмот како движечка сила) наспроти колективитетот (об­ви­нет за назадност и традиционализам, наместо да е прикажан како извор на иде­ја­та за заедништво, емпатија и солидарност) - тоа е најдобриот начин луѓето да се гле­даат како подобри во однос на другите и да се градат јазови кои ги делат. Што се однесува до Македонија и земјите на Балканот, ним им останува да се осло­бо­дат од наметнатиот баласт и срам од „балканизмнот“ како нешто лошо. Напротив, тие можат да понудат многу во контекст на идејата за мултикултурализам и то­ле­ран­ција, на алка која ги поврзува Западот и Истокот, регион во кој културите пра­ват така убав амалгам како ретко каде на светот.    

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња