Николај Данилевски (1822-1885)
Откако во минатиот текст ви ги изложивме основните идеи на еден од зачетниците на словенофилството – Хомјаков, во овој текст ќе видиме како се развивале тие словенофилски идеи во размислите на нивните продолжувачи.
Продолжувачите на словенофилите своите идеи ќе ги насочат кон многу поконкретни цели. Словенофилското учење, востановено од Кирејевски и Хомјаков ќе добие различни нијанси во учењата на К.С. Аксаков и Ј.Ф. Самарин, како и во различните варијации на Н.Ј. Данилевски, Н. Страхов, К. Леонтјев и А.Д. Григорјев. Овие продолжувачи на словенофилската традиција, во основа повеќе се интересираат за историски, политички и социјални истражувања, отколку за строго научни, теориско - философски или религиозни.
Тоа е и очекувано, со оглед на тоа што словенофилската идеја, во принцип содржи уверување дека руската стварност треба да се организира според специфична, домашна философија, а првите словенофили веќе разработија таква философија, па на следбениците им останувало единствено да ја „тестираат“ во стварноста. На некој начин, тие се практичари на словенофилската философија. Тие се обидуваат да најдат соодветна геополитичка рамка за експресија на онаа идеологија дефинирана од нивните претходници.
„
Словенофилското учење, востановено од Кирејевски и Хомјаков ќе добие различни нијанси во учењата на К.С. Аксаков и Ј.Ф. Самарин, како и во различните варијации на Н.Ј. Данилевски, Н. Страхов, К. Леонтјев и А.Д. Григорјев. Овие продолжувачи на словенофилската традиција, во основа повеќе се интересираат за историски, политички и социјални истражувања, отколку за строго научни, теориско - философски или религиозни.
Но како што секогаш се случува, со сите ученици воопшто, така и со следбениците на првите словенофили – и тие развиваат само еден аспект од идеите на своите ученици. Па така и Данилевски и Леонтјев, словенофилските идеи ги претвораат првенствено во политички програм, платформа за политичко делување во меѓународните политички односи. Впрочем, кај нив се огледа еволутивната динамика на словенофилството, од философски кружок, до социјално движење со панславистичка политичка програма. Тука е зародишот на она што се нарекува „панславизам“.
Н.Ј. Данилевски, е најзначајниот претставник во оваа група, во својата влијателна книга Русија и Европа, преку еден природо-научно емпириски пристап се обидува да ја поткрепи, во суштина словенофилската идеја, дека Русија не треба да го копира патот на Западот, туку дека треба да чекори по сопствен, автентичен пат, затоа што (како што тој верува дека покажал), културите во принцип се несовмесни. Историјата не е универзална, а особено не е праволиниски и постојан прогрес – тоа е основната позиција на Данилевски. Затоа, Данилевски ја заменува оваа теорија на едносмерен и универзален развој со различни „типови на развој,“ кои во принцип се несомерливи. Со други зборови, не постои еден правец во историскиот развој, а кој со самото тоа не ниту обврзувачки за сето човештво. Историјата е дивергентна и во различни степени. Овие различни правци, Данилевски ги нарекува „културно-историски типови.“
„
Н.Ј. Данилевски, е најзначајниот претставник во оваа група, во својата влијателна книга Русија и Европа, преку еден природо-научно емпириски пристап се обидува да ја поткрепи, во суштина словенофилската идеја, дека Русија не треба да го копира патот на Западот, туку дека треба да чекори по сопствен, автентичен пат.
Постојат само такви – културно-историски типови, нема општо-човечка цивилизација. Такви типови Данилевски разликува десет: египетски, кинески, древно-семитски, индиски, ирански, еврејски, грчки, римски, арапски и европски. Народите кои ги создале овие типови се творци на историјата, затоа што успеале да создадат самобитни цивилизации. Во вака конципирана теорија - каде е местото на Русија во светските процеси? Прво, тој е против процесот на европеизација на Русија. Ако Русија продолжи да инсистира на европеизирање, нејзината судбина ќе биде да стане само етнографски материјал за европскиот културно-историски тип. Затоа, руската задача е да изгради самобитен словенски културно историски тип. Тоа е новиот тип на хоризонтот на историјата – ете ú на Русија автентична улога во светско-историските процеси, на основа на релативистичкото сфаќање на историјата.
Затоа Данилевски се залага за формирање на пан-словенски сојуз, и тоа со Цариград како главен град. Покрај Ерусалим, Цариград е најважната точка на земјата, а особено на нејзиниот источен дел, затоа треба да стане престолнина на овој нов културно-историски тип. Оваа федерација, според Данилевски, конечно ќе го реши и (тогаш многу актуелно, а веројатно и денес) т.н. источно прашање, прашањето за ослободувањето на балканските Словени од турското ропство. „Сесловенскиот сојуз е единствено цврсто тло на кое може да се изгради самобитна словенска култура, услов кој е sine gua non за неговиот развој. Тоа е општата смисла, главниот заклучок на целото наше истражување.“ – вели тој во споменатата книга Русија и Европа.
„
Ако Русија продолжи да инсистира на европеизирање, нејзината судбина ќе биде да стане само етнографски материјал за европскиот културно-историски тип. Затоа, руската задача е да изгради самобитен словенски културно историски тип.
Навистина интересна идеја – нов сојуз на држави на светската политичка мапа и тоа, ни помалку ни повеќе, туку со Цариград како главен град! Ова е особено провокативно денес со проширувањето на ЕУ, која не се гледа како една голема, навистина обединета Европа, со некогашниот центар на светот – Константинопол/Визант! Дали таква Европа, Европа без Турција, Европа без Босфорот, навистина може да биде обединете Европа? Зарем вистински обединетата Европа, не би требало да биде обединета ЕвроАзија!
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче