Сериозен руски исчекор кон Македониjа

Извор: Reuters.

Извор: Reuters.

Во последниот блог на нашиот редовен колумнист Ристо Никовски се прави анализа на значењето на рускиот гас за Македонија. За сите околности на овој договор, читајте во текстот на Никовски само на страната на Руска реч на македонски.

После повеќе одложувања, договорот меѓу Македонија и Русија, за приклучување кон гасоводот “Јужен тек“, сепак, се потпиша. Македонија може да здивне, да се радува и, дури – да слави. Со договорот, Македонија отвори реален простор за обезбедување на стабилна енергетска иднина и тоа со најевтиниот и најчист енергенс.

         За да нема никакви забуни, треба да се каже дека во Русија имаше сериозни колебања – дали овој договор е воопшто потребен? Причина беше фактот што Македонија, веќе од 1997, има на располагање гасовод со 800 милиони кубни метри кои – не ги користи. Минатата година, на пример, биле увезени само 130 милиони м3 или нешто преку 15% од одамна изградениот капацитет! Пред тоа, искористеноста беше околу 10%. Драгиот пријател, сега покоен, Вангел Арнаутов, извонреден познавач на македонската енергетика, кој повеќе години работеше во Москва, аргументирано тврдеше дека со скромни додатни инвестиции (во пумпни станици), капацитетот на гасоводот може да се зголеми до 1,2 милијарди м3!

Овој наш срам, добро го знаеше и Москва. Затоа, нивната дилема беше логична  - зошто да се гради нов гасовод? Кога се знае тоа, многу е важно што за нас се’ успешно се заврши.

         Во досегашниот процес на гасификација, Македонија максимално се посрамоти. Изразот е веројатно и премногу благ. На голема врата, во земјата дојде рускиот гигант Гаспром, се изгради гасоводот и, кога требаше да почне експлоатацијата, Владата и Макпетрол се скараа кој е газда!?! Одеа по судови а нашето ефикасно судство ништо не решаваше и гасоводот (скоро) не функционираше.

Во секој случај, потегот кој го направи Москва, со потпишувањето на горниот договор, Македонија мора највисоко да го цени и почитува. Ни останува и да се надеваме дека тоа ќе отвори простор и за забрзано динамизирање на соработката и разбирањето меѓу двете земји и народи, на најширок план, во сите сектори од взаемен интерес.

Гасот само капеше и поради ниската искористеност на капацитетот, цената беше превисока. Дури и фабриките што се приклучија во системот, инвестирајќи пари за тоа – не го користеа. Останаа измамени. За разлика од цел свет – нафтата или струјата им беа поевтини. Се создаде маѓепсан круг кој продолжува и денес да ја блокира земјата. Ако се знае дека цената на гасот може да биде и преку 30% поевтина од другите енергенси, станува јасно за колку е намалена конкурентноста на македонските производи и на домашниот, а уште повеќе на светскиот пазар и за колку сите живееме поскапо. И така со години, без никој да одговара.

         Од дипломатска гледна точка, анализирајќи го случајот, се наметнува заклучокот дека одлуката на Москва, сепак, да се потпише договорот со Македонија, во добар дел има - политички конотација. Ако е така, а така изгледа, се работи за сериозен исчекор на Русија кон Македонија. Тоа е направено во околности кога Москва не покажува поголем политички интерес за Балканот, на кој е слабо присутна. Волно или не, на безбедносен и на политички план, таа регионот и го препушти на САД, кои агресивно го освоија после распадот на Југославија. Така, Русите, нагласката ја ставија на својот економски, пред се’ енергетски продор, што е неспорен интерес и на сите земји од регионот. Меѓутоа, не гасифицирана, и како мал пазар, Македонија не генерира никаков реален интерес, за Русија да овозможи ширење на “Јужниот тек“ и кон земјата. Впрочем, и замислата на гасоводот е да оди прво кон север а потоа кон запад. Не директно кон запад, што би значело Албанија, евентуално Косово, Јужна Италија...

Од дипломатска гледна точка, анализирајќи го случајот, се наметнува заклучокот дека одлуката на Москва, сепак, да се потпише договорот со Македонија, во добар дел има - политички конотација.

Имајќи го сето тоа предвид, логично е да се смета дека, во конкретниот случај за Македонија, Москва користеше поинаква диоптрија, од обично. Како изгледа, за наша голема среќа, во Москва значајна улога одиграле политичките консидерации кои отворија извонредна можност и за поврзување на Македонија со гасоводот. И, сето тоа во услови кога нема никакви гаранции дека и за 10-тина години на земјата ќе и требаат додатни количини гас. Да се надеваме дека е тоа резултат и на руските сознанија дека Запад, предводен од САД, си поигрува со судбината на македонскиот народ и неговата држава. Впрочем, непишано правило е поголемиот православен брат да се грижи за помалиот, особено кога е тој во неволји. А денес, македонскиот народ е сериозно загрозен.

Дури, и ако не е таква позадината, овој руски исчекор ја зајакнува севкупната позиција на Македонија ù го шири маневарскиот простор, вклучувајќи и околу проблемот сврзан со името.

         Во секој случај, потегот кој го направи Москва, со потпишувањето на горниот договор, Македонија мора највисоко да го цени и почитува. Ни останува и да се надеваме дека тоа ќе отвори простор и за забрзано динамизирање на соработката и разбирањето меѓу двете земји и народи, на најширок план, во сите сектори од взаемен интерес.

Но останува да се надеваме дека интензивниот процес на гасификација на Македонија, кој објективно се очекува наскоро да започне со руско учество, ќе валоризира многу латентни можности кои постојат меѓу двете земји.

         Поширокото присуство на Русија на Балканот, и надвор од енергетиката, може да биде од општ интерес. Руските инвестиции би го забрзале развојот на регионот, а оттука можат да се регрутираат голем број на високо квалификувани работници, кои нив им требаат... Така, користа може да биде двострана. Можностите за експанзија на нашиот извоз во огромната, незаситна Русија, за што веќе и пишувавме, се немерливи. Арно ама, за да го постигнеме тоа, Македонија мора прво да изгради соодветна стратегија која, потоа, мора упорно и доследно да ја спроведува. Потребно е некој конкретно да се заангажира и се’ да организира. Засега, се’ уште, критична маса за еден таков развој – нема.

         Но останува да се надеваме дека интензивниот процес на гасификација на Македонија, кој објективно се очекува наскоро да започне со руско учество, ќе валоризира многу латентни можности кои постојат меѓу двете земји. 

         Договорот за приклучување на Македонија на гасоводот, за жал, во земјата доведе до одредено разногласие. Место сите да го поздравиме договорот, главната опозиција од македонскиот блок, го зема на нож. Де бараше да се објави текстот на договорот, де член 2 им покажувал дека тој ништо не значел бидејќи не давал никакви гаранции дека ќе се реализира... и слични марифети. Жалосно, навистина жалосно. Тие, како да живеат на друга планета и да не ја знаат вистинската ситуација со гасот во земјата. Како да немаат и (добар дел!) директна одговорност што сегашниот гасовод е доведен во апсурдна ситуација која предизвик(ув)а огромни штети за земјата.

         Ако веќе Москва ни пружи рака и ни отвори пат за долгорочна енергетска стабилност, зарем некој треба да го потценува тоа? Или, што очекуваше опозицијата да направи Москва – без двоумење да склучи договор со нас, како  целиот проект да зависи од нашето приклучување? Или, веднаш да започнат да градат крак за Македонија кој, како и првиот, ќе зјае празен?

Скоро никогаш во историјата, Русија не била на страната на Македонија. Нивни фаворити во регионот биле Бугарите, Србите... ама не и Македонците. Сега е моментот не само да се надеваме туку мораме и се’ да сториме таквиот однос на Москва да се смени.

Впрочем, што мисли опозицијата? Ако во договорот беше прецизирана трасата, финансиската конструкција, периодот на градењето, капацитетот... та дури и цената на гасот – тоа ќе беше некаква трајна гаранција дека се’ така и ќе биде? Апсолутно не. Примерот на нафтоводот Бургас – Александрополис, кој долги години беше актуелен и требаше да се гради со директно учество и на Русија, од каде ќе доаѓаше и нафтата, апсолутно го потврдува тоа. Бројни договори за истиот беа потпишани, проекти подготвени, се објавуваа датуми за почеток на градбата... По тој повод, та дури и Путин беше во Атина. И, што се случи? Ништо. Аш. Пред некоја година објавија дека нема да има таков нафтовод! Во 2006 година, додека истиот беше на насловните страници, заменикот руски министер за надворешни работи, на авторот на овие редови му рече дека тој нафтовод – нема да го биде! И така излезе. И покрај целиот гламур. Што се’ се случувало зад таа фарса, Господ знае.

Скоро никогаш во историјата, Русија не била на страната на Македонија. Нивни фаворити во регионот биле Бугарите, Србите... ама не и Македонците. Сега е моментот не само да се надеваме туку мораме и се’ да сториме таквиот однос на Москва да се смени. Брзата гасификација на земјата може да биде првиот сигнал.

Македонија е на потег.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.