Виктор Васнецов. „Битка на словени со скифи“ (1881).
Во овој текст ќе ја поставиме оваа дилема, која се појавила во руските интелектуални кругови, и трајно го одбележала не само XIX век, туку и целата идна интелектуална и културна историја на Русија. Во текстот ќе зачнеме некои од идеите на словенофилите, кои подетално ќе ги разработиме во наредните текстови, за да дојдеме и до идеите на западњаците и нивното мислење за развојот на Русија.
Петар Велики целосно се отворил кон Запад, прифатил и донел од таму сè што е ново и напредно
Отворањето на Петар Велики кон Западот, значело огледало за достигнувањата на Русија – до каде се, што направиле, на исто ниво ли се со Запад!? Петар Велики целосно се отворил кон Запад, прифатил и донел од таму сè што е ново и напредно. Руската култура и наука до тогаш ја сметал за заостаната и назадна и единствено Западот можел, според него, да го поттикне развојот и да ја внесе Русија во развиените европски народи. Отворањето на Петар Велики кон Запад во XVIII век, се рефлектирало целосно и на почетокот на XIX век. Затоа темата за односот помеѓу Русија и Запад, следствено и за рускиот идентитет и самобитноста, повторно се отвораат на почетокот на XIX век.
При отворањето на дебатата за „проблемот Русија,“ чиј катализатор беше Чаадајев, како најзначајни се издвојуваат двете групи: словенофили и западњаци - кои ќе оставаат и неизбришлив печат на сиот иден мисловен склоп на руските интелектуалци. Тие две групи се темелот на идниот интелектуален и културен развој во Русија. Воопшто, судирот меѓу словенофилите и западњаците е значаен катализатор за развојот на руската мисла, култура и наука. Со овие две групи Русија се обидувала да го пронајде својот пат – каде: на Запад, или кон себе: кон Исток и кон сопствените културно-историски особености.
На темелот на православната Црква, тие ќе се обидат да ја изградат руската култура, руската философија, рускиот идентитет, руската наука
Во лицето на словенофилите конечно триумфира желбата за изградба на самобитна руска култура. На темелот на православната Црква, тие ќе се обидат да ја изградат руската култура, руската философија, рускиот идентитет, руската наука. Кај словенофилите почнала да се раѓа, она што подоцна може да се нарече оригинална руска религиска мисла и култура. Иако тогаш попозната и повлијателна била другата група – западњаците, кои биле и поатрактивни и поактуелни, затоа што носеле нешто ново, нешто свежо од западот што го немало дома, а било сметано за основа на прогресот.
Првиот комплетен израз на тоа долго вриење на руската мисла, со кое се поставува темелот на еден длабок и плоден правец се првите, рани словенофили - Иван Кирејевски (1806-1856) и неговиот истомисленик Алексеј Хомјаков (1804-1860), на кои по десетина години ќе им се придружат имињата на Константин Аксаков (1817-1860) и Јуриј Самарин (1819-1876). Оваа линија на развој на мислата ќе биде присутна и во идеологијата на оние кои во историјата се класифицирани под името почвеници, каде би можеле да се сместат Аполон Григориев (1822-1864), Николај Страхов (1828-1896), и во извесна мера Ф.М. Достоевски (1821-1881), а чии теми всушност се варијации во духот на словенофилството. После нив доаѓа една нова генерација на автори кои создаваат нов пристап на словенофилската тема, тие се т.н. нови словенофили: Константин Леонтјев (1831-1891), Николај Данилевски (1822-1885).
Нивните идеи ќе провоцираат идентични движења во разни полиња – архитектура, сликарство, музика
Сите овие имиња, оставаат траен белег во руската култура, наука, уметност и општеството воопшто. Нивните идеи ќе провоцираат идентични движења во разни полиња – архитектура, сликарство, музика; имено, руската архитектура ќе бара автентичен, свој - руски израз, враќајќи се на архитектурата од до-петровската Русија, мешајќи ја со византиската архитектура, со што ќе го создаде т.н. нов руски стил. Од потрагата, пак по автентичен звук во руската класична музиката, во Петербург ќе се роди, т.н. големата петорка: Михаил Балакриев, Цезар Антонович Кјуи, Модест Мусоргски, Николај Римски Корсаков и Александар Бородин, кои повеќе од десет години ќе создаваат автентична руска класика. Литературата, пак, во поемите на Фјодор Тјутчев ќе го добие својот врвен претставник на овој словенофилски дух. Словенофилите, според многумина, се онаа автентична појава во руската мисла, која ќе ги постави основите за специфичната руска култура. И нивниот пристап кон проблемите и нивниот резултат се во духот на поодамнешната желба да се живее „по руски“. Во таа смисла, Берѓаев ќе каже: „словенофилството е наш прв обид за стекнување свест за себе, наша прва независна идеологија.“
Како и во секој текст во кој ја опсервирам руската култура, и во овој прашањето е упатено и до нас, до нашата мисла, до нашиот интелектуален и културен развој – која е нашата идеологија, која е автентичната, македонска идеја!? Има ли Македонија нешто „произведено“ во таа смисла и воопшто може ли да произведе? Дали да го следи сопствениот императив, или да се бара исклучиво во сеопштиот европски дух? Може ли да создаде нешто што би се сместило во светски контекст? Или секогаш само ќе имитира и следи?
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче