Слика: Наталија Михајленко.
Не така одамна овде напишав дека никогаш не сум била во Русија (ниту, пак, во поранешниот Советски сојуз). Деновиве на мојот Факултет добивме покана за воспоставување долгорочна соработка со еден универзитет од Полска (Лублин), па станав свесна за отсуството на академска соработка со колегите и институциите од поранешниот „источен свет“, како и за причините, па и последиците од тоа. Веднаш да напомнам дека е ова намерна генерализација, за да ја истакнам поентата на оваа моја размисла, но таа во никој случај нема за цел да ја потцени или омаловажи соработката меѓу Македонија и Русија, која со децении се негува во некои области (во областа на славистиката или математиката, првенствено).
Научните области со кои се занимавам (политички науки, меѓународна безбедност, меѓународни односи, мирот и конфликтите) се целосно „вестернизирани“, и тоа до мерка во која ја губиме од вид призмата на препознавање на спецификите на сопствената земја, регион, или дури и континент.
Мојата генерација (од 50-те и 60-те години на минатиот век) растеше во една релативно голема држава, со 22 милиони жители, и голем број универзитети. Места за размена на научни сознанија, па и за академски натпревар, имаше. Но, факт е дека постоеше релативна затвореност во однос на она што се нарекува глобална или меѓународна соработка. Со почетокот на демократската транзиција (која коинцидираше со стекнувањето на независноста на Република Македонија), постепено се отвараа дотогаш невидени можности за излегување надвор и за академска комуникација, но првенствено со т.н. Запад. Тие можности беа великодушно поттикнувани и создавани од разни фондови на странски влади (првенствено на САД и на земјите од сегашната ЕУ), но тука беа и бројни фондови, фондации (првенствено германските), невладини организации, тинк-тенкови, и сл. (Кога веќе ги споменувам фамозните тинк-тенкови, ми паѓа напамет една умна и духовита забелешка на Наоми Клајн, која ги дефинира како „луше платени да мислат од оние кои произведуваат тенкови“.) Оттука, не е чудно што моите први контакти со колеги од Русија, кои редум беа брилијантни, луцидни и елоквентни, се случуваа на места како Стокхолм, Цирих, Бостон, Сеул или дури и Гармиш Партенкирхен („Џорџ Маршал“ центарот). За жал, ние и натаму најчесто се среќаваме на „неутрален терен“. (Пред десетина години го поканив мојот драг колега од Москва, Владимир Рукавишњиков на конференција во Охрид, но оттогаш соработуваме само виртуелно - тој е член на уредувачки одбор на нашето научно списание „Безбедносни дијалози“, контрибутор со текстови, ама ништо повеќе од тоа.) Кога се среќаваме, со моите руски колеги разговараме на она што е сега lingua franca (на англиски јазик). Сме се обидувале да зборуваме „нашки“, секој на својот мајчин јазик, но набргу ќе свртевме на англиски, како на побрз и посигурен начин дека ќе се разбереме. Но, овде најмалку сакам да заговарам промоција на учењето на рускиот јазик (обратното е уште помалку веројатно), не затоа што тоа не е добра идеја, туку од друга, посуштинска причина. Станува збор за достапноста на научната мисла, и за (невидливите) граници кои попречуваат взаемна размена, вистинска борба на мислења и анализи за светот во кој живееме.
Развојот на теоријата не секогаш е резултат на реалните промени во меѓународните односи, туку на настојувањата тие да се објаснат на начин кој ја оправдува таа стварност, или во сфаќањето дека настанал момент на драматичен пресврт (што беше случај со еуфоријата по крајот на Студената војна или вознемиреноста од 11 Септември).
Научните области со кои се занимавам (политички науки, меѓународна безбедност, меѓународни односи, мирот и конфликтите) се целосно „вестернизирани“, и тоа до мерка во која ја губиме од вид призмата на препознавање на спецификите на сопствената земја, регион, или дури и континент. Научна продукција (на книги или часописи) покажува „закономерност“, која само ја потврдува мислата на Роберт Кокс, кој од позиции на критичката школа вели дека „теоријата е секогаш за некого и со некаква цел“. Со други зборови, секоја научна анализа е пристрасна, односно ја одразува политичката филозофија и разбирање на општествените односи кај самите истражувачи, односно оние за кои тие работат. Развојот на теоријата не секогаш е резултат на реалните промени во меѓународните односи, туку на настојувањата тие да се објаснат на начин кој ја легитимира (оправдува) таа стварност, или во сфаќањето дека настанал момент на драматичен пресврт (што беше случај со еуфоријата по крајот на Студената војна или вознемиреноста од 11 Септември). Кога станува збор за Република Македонија, традициите на проучување на меѓународните односи и безбедноста се доста слаби. Всушност, дисциплината за прв пат почна да се изучува на систематизиран начин по 1991 година, но главно се сведе на „увоз“ на западната теориска мисла и на желба да се надомести „заостанувањето“ (па дури и да се избришат „гревовите“ од бившиот систем). Во тој контекст, се случи од едно едноумие да се влезе во друго, да се прифати се што доаѓа од Запад како единствено добро и пожелно, со што се изгуби не само способноста за критичко мислење, туку „заедно со водата, се исфрли и бебето“ (да го парафразирам Маркс). Првите објавени дела беа хрестоматии или преводи, или барем интерпретации на познатите дела од западната наука. Тоа се уште се оправдува со стратегиските цели, т.е. со настојувањето земјата да се интегрира во НАТО и ЕУ. Научната заедница само ги следи стапките на политичкиот естаблишмент, без обид за сопствена „еманципација“ од какви било центри на моќ (дома или надвор).
Се случи од едно едноумие да се влезе во друго, да се прифати се што доаѓа од Запад како единствено добро и пожелно, со што се изгуби не само способноста за критичко мислење, туку „заедно со водата, се исфрли и бебето“.
Но, и покрај „трчањето“ за да се фати приклучок со најразвиената научна мисла, Македонија повторно губи чекор. Токму кога релевантните научни и државни инстанци помислија дека научиле се што е битно за меѓународните односи, светот се смени - од униполарен се трансформира во мултиполарен. Но менталниот „чип“ е програмиран со еден начин на гледање на она што претставува „меѓународна заедница“ т.н. „американски интелектуален пазар“ доминира ширум светот. Всушност, пазарната логика владее дури и на планот на научната мисла што ја детерминира и изложеноста на универзитетите и научните институции речиси исклучиво на еден вид на т.н. mainstream и западно-центрично гледање на нештата. Во оваа смисла Екехарт Крипендорф вели: „Тоа е Големата лага на американските Меѓународни односи: заводлива потрага по теорија која може да се квалификува како „научна“ преку позитивистички стандарди, теорија која е над и осолободена од историјата и политичката економија, теорија која е валидна за односите меѓу државните актери во кое било време и на кое било место, без оглед на нивната големина, димензија, идолошки профил и вкупната позиција на конкретните држави во меѓународниот систем.“ На тој начин, САД како светска сила исчезнуваат зад димната завеса на навидум научниот и објективен академски јазик.
Наша задача како истражувачи и слободни мислители е да се ослободиме од секакви димни завеси кои ни го поедноставуваат светот, и да направиме напор за што поактивна соработка која конечно ќе ја избрише наметната визија за Истокот како нешто назадно, реакционерно и неразвиено.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче