Русија И САД: период на нови глобални конфронтации

Карикатура: Нијаз Карим.

Карикатура: Нијаз Карим.

Од 2008 година наваму, финансиските кризи сериозно го тресат светот. Во прашање беа доведени фундаментите на капитализмот кој спасот го побара преку класични социјалистички мерки. Паралелно, без многу да се забележи, загрижувачки се заострува и меѓународната политичка ситуација. Економските кризи носат невработеност и глад. Политички конфликти, но и војни и крв.

Сè започна, ММЕ, во времето на Елцин, кога Русија беше во хаос. САД го искористи тоа за нејзино заобиколување  со НАТО, преку зачленување на нејзините соседи. Блискоста до границите на Русија беше силен аргумент за (по)брз влез во алијансата. Има(ше) обиди дури и Украина и Грузија да се турнат во орото. Саакашвили, сакаше ем ефтина руска нафта ем, симболички речено, американски ракети, свртени према Москва. Резултатот е познат. Грузија ги загуби Јужна Осетија и Абхазија. Во Украина, Јушченко ја потцени поделеноста во земјата и немаше осет за испреплетеноста на меѓусебните интереси со Русија. Со Тимошенко, ја загубија власта, а премиерката е во затвор.

Опколувањето од страна на НАТО ја вознемируваше Москва која немаше услови за посериозно спротивставување, се додека Путин не дојде на власт. Цврстината со која тој започна да ја води земјата, не беше по ќефот на Вашингтон. Веќе нема дилеми дека САД ја преферираат Русија како слаба и преокупирана со сопствени проблеми, а не како партнер.

Следеше намерата на САД за изградба на антиракетен штит во Европа. Москва смета дека тој е и против нејзината безбедност и понуди соработка. Взалуд. Ако намерите беа чисти, зошто се одби нејзиното учество во проектот? Впрочем, безбедноста на Европа не е возможна без Русија.  

ЕУ нема ниту ќе има заедничка надворешна и безбедносна политика. Ниту општа, уште помалку кон Русија. Под сериозно влијание е на Вашингтон, од една, а поради историското искуство, антируско расположение зрачат Полска и балтичките земји, од друга страна. Германија, пак, смета дека приближувањето со Русија е неминовно. Меркел ги следи своите претходници, продолжувајќи со интензивни контакти со  Путин и Медведев, и отворајки нови перспективи и за Германија ама и за ЕУ. И Берлускони беше на таа линија додека Франција сѐ уште се нема децидно определено. Традиционално, Велика Британија ја држи атлантската врска. Сè заедно, европските односи со Русија во значајна мерка остануваат во функција на политиката на САД, кои сѐ уште се гарант на европската безбедност. Тоа особено доаѓа до израз и преку политиките на НАТО каде што, повторно, САД се главни.

Иако повеќе не е супер сила, Вашингтон сѐ уште ја смета Русија за главен ривал. Не се потценува ни растечката улога на Кина, која стана економско чудо и има втор воен буџет, веднаш зад американскиот и двојно поголем од рускиот. Ама таа, во последните 2000 години, горе-долу е во истите граници. Русија беше империја. Војуваше, се ширеше и се стеснуваше и беше закана за соседите. По Втората светска војна, доминираше во Источна Европа. Денес, единствено Русија може воено да ги загрози САД а, со своите огромни природни богатства, може силно да влијае и на економските движења... Затоа, веројатно, САД се плашат од стабилна и просперитетна Русија и претпочитаат некаков Елцин да ја води.

ЕУ нема ниту ќе има заедничка надворешна и безбедносна политика. Ниту општа, уште помалку кон Русија. 

Така е и покрај фактот што, од Горбачов наваму, Русија не покажува агресивност. “Дозволата“ на Москва да се распадне СССР, веќе доволно говори дека таму владее нова клима. Овозможија и џабе да се обедини Германија, иако можеа скапо, многу скапо тоа да го наплатат. Епизодите со и околу Грузија во никој случај не можат да се сметаат како некаков (нов руски) империјализам. Тие беа а) резултат на погрешните политики на Саакашвили, потикнувани токму од Вашингтон и б) директна последица на настаните сврзани со  Косово.

Новата политичка филозофија, која превладува во Кремљ, е концентрирана на економска експанзија. И, во тоа нема ништо лошо. Тоа е во интерес и на САД, и особено на Европа. Русија инвестира огромни средства нејзините енергенси да станат достапни за Кина, Германија, Велика Британија, Австрија, Турција... Корист од тоа имаат сите заинтересирани. Секако не треба да се дозволи преголема енергетска зависност од Москва, ама на тоа веќе се работи.

Играњето на слаба и нестабилна Русија е погрешна политика која може да ја загрози Европа. Вашингтон веројатно стравува дека затоплувањето  на германско-руските односи може да биде следено и од ЕУ, што би влијаело на добрите односи преку океанот. Тоа е сосема неосновано бидејќи таквиот развој нуди компатибилност на линија Москва – Брисел - Вашингтон, не конфронтација.

Нагласениот интерес за последните претседателски избори во Русија беше резултат и на заострените односи меѓу Москва и Вашингтон. Настаните, кои им претходеа, не беа ни случајни, ни чисто внатрешни. Во Москва имаше инциденти и со новиот американски амбасадор...

Настаните во Либија, Северна Кореја, Сирија, Иран... се нови точки на директна конфронтираност. Руското (и кинеско) блокирање на резолуцијата на СБ на ООН, за осуда на Сирија, беше повод Клинтонка да ја избербати Москва без да бира зборови. Не е спорно каков е режимот на Асад туку начинот на кој се оркестрира неговата смена. Ако се прифати како практика за промена на режими, западното сценарио утре може да се примени каде било. Сетете се што му  се случи на Гадафи, кој има слики со голем дел од европските лидери. Иран, со неговата нуклеарна програма, ќе биде проблем околу кој Москва и Вашингтон уште долго ќе кршат копја...

Историски факт е дека центарот на светот, од Медитеранот, преку Атлантикот, се пресели на Пацификот. Европа ја (за)губи својата позиција. Доаѓа ерата на Азија. Трите нејзини гиганти, Русија, Индија и Кина, заедно со Бразил и Јужна Африка, ја динамизираат меѓусебната соработка и, преку БРИКС, артикулираат поголеми глобални амбиции. (Ќе) се доведуваат во прашање стекнатите позиции. Порано или подоцна, структурата на светската сила и моќ ќе (мора да) биде преиспитана. Тоа ја загрижува единствената супер сила а според народната мудрост – поарно е да се спречи, отколку лечи. Тука се крие опасноста. Промените кои ги најавуваше Обама пред првиот избор, создавајќи големи надежи на најширок план, испаднаа лажни. Се покажа дека желбите се едно, а рамките на високата политика нешто сосема друго. Политиката на сила продолжува да доминира во светот, а Македонија е една од конкретните жртви.

Историски факт е дека центарот на светот, од Медитеранот, преку Атлантикот, се пресели на Пацификот. 

(Засега), растечката конфронтација меѓу главните меѓународни актери не се рефлектира директно на Балканот. Москва не покажува поизразен политички интерес за регионот и САД (асистирани од ЕУ) прават што сакаат. Пасивното држење на Русија веројатно е и во функција на избехнување на додатни искри во односите со САД. И така, земјите од регионот немаат алтернативи. По распадот на Југославија, за прв пат во историјата, САД се тука неприкосновени господари. Спротивно на меѓународните норми, создадени се две нови држави – Република Српска и Косово, кои станаа објективни пречки за целосно стабилизирање на регионот.

Ни останува да се надеваме дека ќе се реализира доверливото ветување кое Обама му го даде на Медведев, кое непланирано отиде во етер, дека во вториот мандат ќе има повеќе простор нешто да стори за меѓусебните односи. Во дадените констелации, меѓутоа, достапните индикатори - не ветуваат многу.

Статијата за првпат беше објавена во печатениот додаток „Руска реч на македонски“ во дневниот весник „Нова Македонија“ од 13 април 2013 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.