Провокацијата на Чаадајев

П. Ј. Чаадајев (1794 – 1856). Слободен извор

П. Ј. Чаадајев (1794 – 1856). Слободен извор

За Чаадајев, Русија не дала ништо вредно во светската култура и историја.

Едно списание во 1836 година објавува една статија – писмо, во кое авторот ја третира Русија како земја која не дала ништо вредно во светската култура и историја.  Русија е неиспишан лист хартија, на кој единствените цивилизациски вредни нешта го запишал Западот. Сиот развој, доколку го има, е резултат на западното влијание. Русија сама по себе е лишена од вредност. Со ваквите ставови во првото и единствено објавено писмо за време на неговиот живот, авторот ја вознемирил руската мисла, ја побудил на саморефлексија и ги принудил интелектуалните кругови на отворена и искрена дебата за „проблемот Русија“, т.е. за нејзиното место и улога во светската историја и култура. Годината во која е објавен овој текст може да се смета за моментот од кој Русите ќе почнат свесно да се бараат себе си во рамките на европската култура и цивилизација.

Русија е неиспишан лист хартија, на кој единствените цивилизациски вредни нешта го запишал Западот. 

Провокацијата од ова писмо е крајно неподнослива за да не ú се одговори. Царот Николај I одговара својствено за еден цар – го прогласува авторот за луд, секоја недела му праќа доктори, му забранува повеќе да напише било што, а му наредува да чита, се разбира по избор на царевиот вкус. А цар си е цар - авторот навистина повеќе не објавил ниту еден единствен текст за време на својот живот. Но и филососф си е философ, продолжил живо да дискутира за оваа тема на сите средби со интелектуалците и да зема активно учество во сите позначајни кружоци... и да продолжува да провоцира. Автор на ова писмо, кое ќе му обезбеди значајно место во руската култура, е П. Ј. Чаадајев (1794 – 1856).

Во ова свое „послание до Русите“, Чаадајев истура таков гнев, таква омраза кон (до)тогашната состојба во која се наоѓа неговата земја, што до ден-денес, тој останува ненадминат русофоб. Единствено ние русите– вели тој -  ништо не сме му дале на светот, на ништо не сме го научиле; ние не сме внеле ниту една идеја во масата човечки идеи, со ништо не сме го помогнале прогресот на човековиот разум, а сè што сме добиле од тој прогрес, ние сме го упропастиле. Оваа позиција кај него е последица на неговото убедување дека сиот општествен развој во е основа религиозен. Религиозните идеи се во темелот на општествениот развој. Па во таа смисла идеите на кои почива, се гради и се развива западниот свет се преземени од христијанството, поточно од западните варијанти на христијанството.

Во ова свое „послание до Русите“, Чаадајев истура таков гнев, таква омраза кон (до)тогашната состојба во која се наоѓа неговата земја, што до ден-денес, тој останува ненадминат русофоб. 

И затоа, според него, сета западна историја всушност е мотивирана и водена кон една и единствена цел – благосостојба на земјата - која во основа е религиозна верба. И уште повеќе, тој забележува дека Европа во прицип е христијанска, не само заради тоа што повеќето исповедаат христијанство, туку затоа што е устроена христијански, што значи дека и институциите и вредностите на кои почива и сета организација се во духот на христијанството. Ова навистина е антиципаторско гледиште, ако само се погледнат ставовите на творците на современата идеја за Европа, т.е. татковците на Европската Унија: Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер и др. Жан Моне, на пример, во својата книга За Европа, изразува токму таков експлицитен став кој е потврда на духот во кој е изградена современа Европа и воопшто современиот, западен свет: „Демократијата му го должи своето постоење токму на христијанството. Таа е родена на денот кога човекот беше повикан во својот материјален живот да го оствари достоинството на човековата личност, со слобода на единката, со почитување на правата на секој и преку негување на братска љубов кон сите. “ Гледаме, Европа и Европската Унија како проект, не само што е „христијански клуб“– како што ú приговараат нехристијанските земји аспиранти за членство, како Турција, заради мнозински христијанското население - туку во основа е построена на христијански идеи и вредности.

Православието, за разлика од католицизмот и протестантизмот не успеало да создаде вредности, да создаде култура, цивилизација, да креира историја. Православието е причина за заостанатоста на Истокот.

И затоа Чаадајев ја критикува Русија и руското православие. Православието, за разлика од католицизмот и протестантизмот не успеало да создаде вредности, да создаде култура, цивилизација, да креира историја. Православието е причина за заостанатоста на Истокот – тоа би бил последниот заклучок од ставовите на овој руски мислител. Православието е пречка, додека католицизмот и протестантизмот, мотор на развојот. Таа разлика во религиите, ја направила разликата во цивилизациските менталитети – па едните се развиваат, додека другите стагнираат. Исток и Запад станале два различни света, два универзума. Истокот е поезија, Западот физика. Истокот е срце, Западот разум. Истокот е копнеж и восхит, Западот е калкулација и резултат. И навистина, драги читатели, по што ние - Истокот припаѓаме на Западот!? И кои се плодовите што сме ги дале или можеме да ги дадеме на западната цивилизација во онаа форма во која ја знаеме денес – високо развиена, технолошки напредната и богата!? Дали нашиот менталитет може да произведе западна вредност!?

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.