„Покрстувањето на Русија“, слика на Виктор Васнецов.
Во историјата на секој народ постојат периоди, можеби и само мигови, но кои сепак клучно ја одредиле неговата судбина.
Во историјата на секој народ постојат периоди, можеби и само мигови, но кои сепак клучно ја одредиле неговата судбина. Тие понекогаш доаѓаат спонатано, случајно, ненадејно, како пратени од провидението или едноставно како судбински пројави на апсолутниот дух во историјата; а понекогаш, почитувани читатели, тоа се смислени сценарија, програми на елитите, кои се организирани и планирани како долгорочни проекти наменети да ја променат судбината на народот и текот на историјата. И тука не мислиме првенствено на војните или големите, видливи промени на општествено-политичката сцена, туку на таквите тивки промени кои влијаат суптилно, но суштински во преобразба на менаталитетот и духовниот хабитус на еден народ, кои ја детерминираат културата и секојдневието.
Во случајот со Русија би можеле да се издвојат три клучни историски мига кои биле детерминанта на руската национална судбина.
Би било вистински историософски предизивик да се пронајдат таквите настани во македонската историја. Да се открие што е тоа што низ историјата клучно нè одредило како народ, како менталитет, како култура. Едноставно зошто сме такви какви што сме? Идентитетот е конструкт – што нè конструирало нас како Македонци? Во кој историски миг можеме да кажеме дека сме се профилирале како посебен етно-историски субјект? Дали и во која мера тој субјект е резултат само на географскиот фактор – како средиште на Балканот и Европа; дали тоа е религиозниот фактор – какви ќе сме биле ако сме биле повеќе изложени на реформаторските движења? Какво е значењето на Светите Кирил и Методиј во профилирањето на нашата „посебност“? Кое е значењето на формирањето на ВМРО како историски код на македонецот, што е аманетот на „За македонцките работи“ или сл.? Кои промени ги внесе во нашиот историски код комунистичкиот период? Како и зошто се (пре)осмислуваме денеска, што е целта на „антиквизацијата“ – поврзување со едно (намерно) заборавено минато, создавање континуитет или раскинување, диконтинуитет и генерирање иднина преку митологија?
Овие прашања навистина чекаат одговор во македонската историографија и историософија. А дека е значајно да се издвојат таквите историски мигови и програми ќе видиме низ руската историја. Во случајот со Русија би можеле да се издвојат три клучни историски мига кои биле детерминанта на руската национална судбина.
Христијанизацијата за Русија првенствено значи нејзин влез во семејството на европските народи, и тоа на целосно рамноправни, културни, идејни основи.
Првиот таков миг е примањето на православието. Имено, во преиодот на т.н. Киевска Русија во X-от век, тогаш, древно-руската, рано-феудална држава, го започнува својот подем, особено во времето на владеењето на кнезот Владимир I (980-1015). За обезбедување на единство на своите територии, кои сè повеќе ги проширувал, на кнезот Владимир му требало и идеолошко единство. Затоа тој ја прави клучната реформа – во 988 година го прима христијанството од Византија, кое го прогласува за официјална, државна религија. Примањето на христијанството ја утврдило државната власт и територијалното единство на Киевска Русија. Но, тоа имало и големо меѓународно и културно-историско значење, заради тоа што Русите, отфрлајќи го `примитивното` паганство, сега стануват рамноправни со другите христијански земји со кои значително ги продлабочуваат врските. И особено, примањето на христијанството одиграло огромна улога во развојот на руската култура, претрпувајќи влијание од византиската, а преку неа и од античката култура.
Христијанизацијата за Русија првенствено значи нејзин влез во семејството на европските народи, и тоа на целосно рамноправни, културни, идејни основи. Тоа, пред сè, значело нејзино оддалечување од муслиманската Азија и културна идентификација со христијанската Европа. Со ова започнува „европеизирањето“ на Русија. Русија станува Европа!
Овој, повеќе од двовековен период на владеење на Златната Орда со руските земји, ќе биде скоро несовладлива пречка за развојот на Русија и нејзино вклучување во европските историско-културни текови. Русија веќе не е Европа, таа е „повеќе“ Азија!
Вториот клучен миг во историјата на Русија е Монголо-татарското ропство. Во 1240 година Монголите да го заземат Киев и владеат со Русија два века, сè до 1480 година. Ова ропство, пак од друга страна ја оддалечува Русија од западно-европската цивилизација. Со тоа, монголско-татарското ропство, според многумина, е најголемата несреќа во историјата на Русија, тоа е една од главните причини за заостанувањето на руските земји зад развиените западни земји. Биле нанесени огромни штети на економскиот, политичкиот и културниот развој на Русија. Овој, повеќе од двовековен период на владеење на Златната Орда со руските земји, ќе биде скоро несовладлива пречка за развојот на Русија и нејзино вклучување во европските историско-културни текови. Русија веќе не е Европа, таа е „повеќе“ Азија!
Третиот значаен миг во руската историја е всушност проект. Проект за целосно европеизирање на Русија од страна на Петар IВелики (1672-1725). Тој сака да ја развие, да ја модернизира Русија, да ја донесе на европската историска сцена, како силна и моќна, европска (но сепак и православна) држава. Петровите реформи се проект за целосна промена на менталитетот на рускиот народ кој треба да стане модерен европски народ без инсистирање на некаква руска посебност – русите се европјани – едноставен е мотивот на Петар Велики. Тој сакал раскинување со сето старо руско. Ја преместил и престолнината, а на новата и дал европско име – Санкт Петербург. Нема засебна руска култура и историја, туку тоа е дел од една единствена историја и култура – европската! Ете тоа е аманетот на Петар Велики.
Петровите реформи се проект за целосна промена на менталитетот на рускиот народ кој треба да стане модерен европски народ без инсистирање на некаква руска посебност
Значи, основата за различноста на Русите ја поставуваат православието и монголско-татарската наезда. Имено, иако во почетокот, со христијанизацијата, Русија се поврзала со Европа (и самата станала христијанска како и Европа, во времето пред шизмата), сепак со географската оддалеченост од западна Европа, но и блискоста со Византија, наместо со Рим, таа се исклучила од реформаторските и прогресивните движења на западна Европа. А потоа и со Монголско-татарското ропство, Русија дефинитивно се доближила повеќе до Азија, а се оддалечила од Европа. И на крај, Петровите реформи само допонително ја „збуниле“ руската душа, забивајќи клин во веќе напукнатото национално ткиво на земјата.
Со сето ова, Русија уште на почетокот од својата историја сама си ја предодредила судбината на „подвоена” земја, растргната помеѓу источна и западна Европа, но и помеѓу Европа и Азија - географскиот факт, станува и културна детерминанта. Со покрстувањето, Русија прво се спојува, а потоа се изолира од Западна Европа (а подоцна и од Византија), а со монголското владеење таа поприма дополнително и некој азијатски карактер, кој уште повеќе ги прави „неевропјани”. Русија никогаш нема да се ослободи од оваа подвоеност помеѓу Исток и Запад, помеѓу Европа и Азија. Русија станува посебна, засекогаш подвоена, еден голем Исток – Запад, неодредено на-среде. Во таа подвоеност лежи сета трагедија на руската душа, од таа подвоеност никне бурната руска историја до ден-денес.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче