Деловниот центар „Москва Сити“ денеска е симбол за една нова Русија - економски моќна Русија со која треба да соработуваме. Фото: 28-300.ru
1. Македонската економија е мала, недоволно развиена и соочена со бројни структурни проблеми. Долгото непризнавање на државата, двогодишната на јужната, и повеќегодишната блокада на северната граница (санкциите на ООН врз Србија), комбинирано со катастрофалната приватизација, му нанесоа тешки удари на македонското стопанство. Светската банкарска и европска финансиска криза исто така имаат силно влијание врз неговите токови, иако тоа не се манифастира нагласено.
2. Стопанството е носител на спиралата на севкупните движења. Кога има брз развој, со висок пораст на БДП - се оди нагоре. Се создава клима за разрешување на сите други проблеми. Без развој, сè оди - надолу.
3. Денес, излезот од бројните проблеми, кои често изгледаат и нерешиви, можеме и мораме да го бараме пред се во зголемување на извозот кој е главен генератор на развојните процеси. Тоа би овозможило поголемо искористување на расположивите индустриски, земјоделски, туристички и други капацитети, кои не се за потценување. Така би се намалиле трошоците, би се зголемила економичноста и конкурентноста, а со тоа и доходот, би се зголемиле и платите а би имало и нови вработувања, без поголеми нови инвестиции.
4. Клучното прашање е - каде Македонија треба да ја усмери својата извозна експанзија? Западот е заситен, затворен, избирлив а веќе 60,6 проценти од извозот (2011) оди во ЕУ. Можностите за зголемување се, објективно - мали.
И со балканските земји е постигнат некаков максимум. Истата година, кај нив се реализирани 27,6 проценти од вкупниот извоз и поспектакуларен пораст - не е возможен.
5. Реално гледано, значаен извозен резултат, во релативно кус период, може да се постигне пред се во - Русија, иако не треба да се забораваат и Белорусија и Украина. Трите заедно се пазар од скоро 200 милиони потрошувачи (480 во ЕУ), повеќе или помалку познат а, од времето на Југославија и - традиционален. Во тогашниот СССР, извозот од Македонија достигнуваше и преку 300 милиони долари годишно. Потребно е значи враќање на макар дел од овој огромен пазар, сега поделен во повеќе држави. До таму и транспортот не е проблем - ако се развие работата, можно е организирање и на поефтини мандатни, специјални возови до крајните дестинации.
6. Враќањето на рускиот пазар може да се постигне само со јасно дефинирани и координирани активности на државните органи, на сите комори и на стопанските субјекти. Со оглед на условите, компаниите тешко можат сами да остварат позначаен продор. Поедини фирми веќе се присутни во Русија, други активно се обидуваат, но сето тоа е срамежливо, недоволно. Треба да се тргне организирано, одлучно, заеднички и сите проблеми и тешкотии, кои секако ќе се јавуваат на тој пат, да се решаваат во од. Упорно мора да се оди напред, со длабока увереност дека мора да се успее.
7. Нашите деловни луѓе, кои подолго време живееја и работеа во Москва, беа едногласни: сè што се произведува кај нас, може да се продаде во РФ, под услов стоките да се однесат таму! Ситуацијата нема вечно да биде таква и затоа треба што поскоро организирано да се тргне во офанзива.
8. Извозната експанзија може да се реализира само со отворање на дистрибутивни центри. Локацијата и нивните капацитети, би бил почетниот предизвик. Првиот, на пример, би можел да биде во Московската област. Потоа би се одело пошироко. Закупувањето на соодветен магазински и продажен простор би било според конкретниот интерес на компаниите.
Најефикасно би било ако финансирањето на почетните активности, за формирањето на дистрибутивни центри, ги покрие Владата. По нивното разработување таа би се повлекла и својот дел би го продала на заинтересираните компании, со што би го вратила вложениот капитал. Истиот би можел да се искористи за отворање на нови центри.
9. Би било корисно да се обезбеди и одредено поволно финансирање на производството наменето за Русија, особено на потрајни стоки, како што е мебелот, одредена електро опрема... Таму се гради огромен број на станови годишно и за нив е потребен намештај. Го нудат од целиот свет и нашите производители сигурно би нашле интерес да бидат присутни. Бидејки сите тие се мали, некој треба да ги организира во кластер и да им помогне со финансирање под преференцијални услови а не со високи банкарски камати. Треба да се врши и рефакција на транспортните трошоци, барем во првите години.
10. РФ има и огромен слободен капитал кој бара атрактивни проекти. Освен рудникот ТЕ-ТО, Саса, Лукоил, фабриката во Бунарџик... кај нас има малку руски инвестиции. Промоциите направени во Русија (Road show-ата) се исклучително важни и добро е што продолжуваат.
11. Досега, со гасификацијата се усрамивме и пред себе, и пред Гаспром, како партнер. Постојниот гасовод долго години беше (скоро) празен. Во корист на сопствената штета. Најшироката гасификација на земјата, вклучувајки и детална на Скопје и на другите поголеми градови, која се најавува, е извонредна можност за развој на соработката со Русија. Мора да се вклучат и земјоделските региони, каде со ефтина и чиста енергија би се развивало раноградинарско производство кое главно е наменето за извоз. Голем дел од тоа може да се пласира токму во Русија. Русите имаат и искуство во гасификацијата и можност да финансираат. Поврзувањето со гасоводот Јужен поток треба да ни донесе нови квалитети. Ќе се намали увозот на електрична енергија и нафта, што ќе донесе големи заштеди.
12. Русија ни е блиска и духовно, и верски бидејки корените на писменоста се кај нас. Со адекватна промоција, десетици и десетици илјади ходочасници ќе доаѓаат во Македонија. Руските туристи го освоија светот. Ги има насекаде, освен кај нас.
13. Првиот наш чекор би требало да биде регистрирање на сите заинтересирани фирми, со најава на стоки и количини кои сакаат да ги извезуваат во Русија. Би следело формирање на еден вид конзорциум на овие компании. Потоа, со помош на амбасадите, промоторите и други релевантни институции, би се подготвила конкретна стратегија за акција.
14. Ова се само начелни размислувања. По логиката на нештата, коморите би требало поконкретно да се ангажираат на овој план и, со разработени проекти да бараат подршка од Владата, која мора да биде своевиден мотор на една таква експанзија. Со активностите за привлекување странски инвестиции, Владата покажа дека има осет за вакви потреби.
15. Ако се реализира ова замисла, евентуалниот успех ќе отвори перспективи за настап и во другите поранешни советски републики. И не само во нив.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче