Како вонземјански роботи и фантастични возила населија сибирска депонија (ФОТО)

Павел Кузмичов
Што може да се направи од расходуван автомобил, фрижидер или дури и од тенк? Мајстор од Иркутск создаде од старо железо неверојатен музеј на отворено.

Музејот на Александар Расторгуев е едно од најнеобичните места во Иркутск. Се наоѓа во близина на градската депонија и сите експонати се направени од отпад. И ние решивме да ги погледнеме овие чуда од старо железо.

Посетители од вселената во Сибир

На влезот има капија која потсетува на стара сибирска дрвена тврдина. Пред неа се два брода со вооружени витези во оклоп. Покрај нас поминува натоварен камион. Тој оди на депонијата за цврст отпад од домаќинствата, а ние во музејот.

Првиот впечаток е дека сме во огромен парк! Посетителите ги пречекуваат научно-фантастични возила кои личат на јунаците од сагата „Трансформери“. Главниот робот е висок околу 7 метри и е направен на основа на булдожер на гасеници.

А ова е одред терминатори. Черепите се печатени на 3D-печатар, сето останато е заварено рачно. На ваквите ликови човек без проблем им дава и облека, и очила, и мотоцикл.

Одиме понатаму и пристигнуваме на бојното поле со вонземски чудовишта. „Вонземјаните“ се судираат со „предаторите“, а вие сте само случајни набљудувачи.

Тие се напаѓаат едни со други, пукаат од вселенски оружја, се опколуваат едни со други, се фаќаат во костец.

Посебен ефект предизвикуваат звуците од кои човек затреперува. Страшно! Но, многу е забавно да се гледаат овие суштества.

Хангар со историја

Музејот „на депонија“ е отворен во Иркутск во 2015 година благодарение на ентузијастот Александар Расторгуев.

„Дојдов да работам на депонијата во 2005 година. Тоа е депонија за цврст отпад од домаќинствата. Бев обичен мајстор, а потоа раководител“, вели Александар. „На депонијата имаше многу материјал и не сакав да го уништам тоа, туку да направам нешто“.

Изнајмил земјиште до депонијата и решил таму да отвори историски музеј. Александар 16 години бил на чело на депонијата за цврст отпад од домаќинствата, а сега се занимава само со развој на музејот.

Сè започнало од хангарот што Александар го нарекува „Сала на историјата“. Во него има стотици најразновидни предмети од депониите. Сè што фрлиле жителите на Иркутск: советски правосмукалки, старомодни телефони, балалајки и хармоники, фурки од прабабите, котлиња од леано железо за руски печки, преносни магнетофони, радиостаници, велосипеди, кукли за удирање. И, се разбира, стари чајници, играчки и фото-албуми.

 

Сигурно и многумина од вас фрлиле слични работи без воопшто да помислат дека такво нешто би можело да заврши во музеј.

Потоа почнале да се појавуваат и фигурите што Александар ги правел од старо железо.

Најпрвин тоа биле витезите што стојат покрај оградата. Александар за нив вели дека се „мали“, а се со висина на човек. Со текот на времето, мајсторот направил толку многу витези што имало доволно за цела војска. Коњаница на витези против коњаница на „орки“.

„А филмовите за предатори, вонземјани и трансформатори просто лично ми се допаѓаат, во тоа ја пронаоѓам својата специфична смисла“, објаснува тој.

Сé што гледаме овде е направено од отфрлен материјал. Додека металот Александар го купува на друга депонија за секундарна црна металургија. „Најпрвин решавам што ќе направам, а потоа одам на депонијата и бирам што ми е потребно.“

Александар има и помошници кои се занимаваат со осветлувањето, електриката и другите технички задачи и кои печат вкусни палачинки во кафе-ресторанот на музејскиот комплекс.

Од депонија до музеј

Во паркот можете да видите и други работи освен борби со вонземјани. На централниот простор Александар направил реконструкција на битките од Втората светска војна. Тука има вистински тенкови, авиони, артилерија.

„Воената техника е собрана од целата земја, од Калининград до Далечниот Исток“, вели Александар. „Сé се продава како старо железо. Се разбира, сè доаѓа во расипана состојба, а возилата ги склопуваме на лице место“. И тоа го прават толку добро што повремено ги возат посетителите со оваа техника.

Филмската индустрија одамна е запознаена со овој музеј. На ова поле се снимени неколку филмови (најпознатиот меѓу нив е посветен на битката кај Сталинград - „321-та сибирска“), многу работи се користат како реквизити на снимањата, а и актерите наминуваат тука за инспирација.

„Во моментов работиме на панорама-диорама на Прохоровската битка од 1943 година со многу детали, се обидуваме на набљудувачите да им го пренесеме сиот ужас од таа битка. Со звуци и тресење на земјата.“ Битката кај станицата Прохоровка (дел од Курската битка) беше најголемиот тенковски судир во Втората светска војна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња