„Запросувањето на мајорот“, Павел Федотов
Третјаковска галеријаФедотов работел на сликата една година. Тоа било негово трето дело. Тој бил пензиониран офицер на царската гарда на Финскиот полк, па во сликарството се определил за воена тематика. Меѓутоа, се покажало дека тој одлично пренесува на платно сцени од секојдневниот живот.
„Нов кавалер“, Павел Андреевич Федотов, 1846.
Третјаковска галеријаНа почетокот тоа биле сликите „Нов кавалер“ и „Пребирлива невеста“. Кога ги видел Карл Брулов, тогаш познат сликар, толку се воодушевил што издејствувал стипендија за младиот автор.
„Пребирлива невеста“: Павел Федотов
Третјаковска галеријаЗа добиените 700 рубли, уметникот почна да ја слика „Запросувањето на мајорот“. На својата работа ѝ пристапил темелно и совесно како вистински војник. Ги купил потребните работи за да ги слика во живо. Купил дури и раскошна венчаница. Ги облекувал куклите и ги ставал во различни пози за ситуацијата да биде што поверодостојна.
Мајка и ќерка (цртеж на Павел Федотов за сликата „Запросувањето на мајорот“, 1848)
Public domainВо 1849 година Павел Федотов ги покажал сите три свои дела на изложба на Академијата за уметности. Вниманието на публиката било насочено кон новото платно: гледачите се смешкале со раката на уста или отворено се смееја, а самиот уметник им ги рецитирал на насобраните своите стихови кои ја објаснувале суштината на „Запросувањето на мајорот“.
Сите ликови на сликата се во движење: офицерот си го засукува мустакот и ѕирка од влезната врата; готвачката става кулебјака на масата; мајката ја фаќа за фустанот невестата која сака да побегне. Проводаџиката ги крева рамениците, таткото се обидува да го закопча долгиот капут, а кутрата старица го прашува слугата што се случува.
Некој би рекол - ништо посебно... Обична гужва пред запросувањето. Но, не е сè толку едноставно. Како прво, очигледно е дека луѓето кои стапуваат во брак се со нееднаков социјален статус. Во тоа време, осиромашените благородници масовно се женеле со ќерките на добростоечките трговци. Користа била очигледна и за двете страни - едните добивале средства за живот, а другите привилегиите на високото општество. Иако се гледа дека сите се подготвувале да го пречекаат младоженецот, сепак неговото доаѓање предизвикало метеж. А тој, сигурен во својот успех, не донел ниту букет цвеќе.
„Запросувањето на мајорот“, Павел Федотов
Третјаковска галеријаТесниот долг капут очигледно му е неудобен на трговецот кој не е навикнат на такво одело. Дамите, спротивно на бонтонот, облекле балски фустани. Мајката има марама на главата, а не чепец (капче) што го носеле сите мажени дами. Фустанот на невестата има преголемо деколте и премногу накит. И наместо да држи лепеза во рацете, таа е обвиткана со марама од тантела.
Сервирањето на масата пред ручек, која е претесна за толку многу луѓе, исто така било критикувано. Чаршавот за маса не одговара на приликата. Наместо чисто бел, ставен е розов со дезен, а шишето шампањ и чашите некако мизерно стојат на страна.
Од таванот, беспоштедно насликан со нимфи, виси огромен кристален лустер, а наместо модерни слики, ѕидовите ги краси портретот на митрополитот.
Гледачите забележувале многу недоследности што ги боделе очите на современиците. Гиздавата облека и прекршувањето на бонтонот во „Запросувањето на мајорот“ укажуваат на тоа дека нејзините херои сакаат брзо да склучат профитабилна зделка и воопшто не се срамат од тоа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче