Пет факти за Ана Павлова, најпознатата балерина на царска Русија

Kira Lisitskaya (Photo: Nemer-T, Bettmann/Getty Images)
Посветени ѝ се стихови и скулптури, а нејзиниот танц го воодушевил целиот свет. Дури и една од најотмените торти го има добиено името по руската балерина.

1. Тортата Павлова настанала во чест на руската балерина

Ана Павлова, 1910.

Воздушно изматена слатка павлака, свежи бобинки и богато безе што потсетува на сукња на балерина, тортата Павлова е популарна во целиот свет,

Австралија и Нов Зеланд и денес спорат околу тоа чии слаткари ја измислиле познатата торта. Едно, меѓутоа, е сигурно, десертот настанал по гостувањето на Ана Павлова во 1926 година, кога двете земји биле фасцинирани од грациознаста на руската балерина.

Во тоа време таа веќе била вистинска легенда, го минала целиот свет. Благодарение во голема мера токму на Павлова рускиот балет станал препознатлив светски бренд.

2. Ѝ се спротивставувала на гравитацијата

Зошто во пантеонот врвни руски балерини од почетокот на дваесеттиот век токму Павлова станала легенда? Работата е изгледа во леснотијата којашто е овековечена и во сушените пенесто изматени белки на тортата Павлова.

Нестварната леснотија на Ана Павлова редовно ја истакнувале нејзините современици коишто имале можност да ја гледаат на сцена. „Таа имаше тело исто како снегулка“, велеше балерината Тамара Карсавина.

Веднаш по завршувањето на Императорската театарска школа во Петербург во 1899 година Павлова е примена во трупата на познатиот Мариински театар. Енормно талентирана ги прескокнувала поставените скалила во фуриозниот развој на балетската кариера и веќе во 1902 година настапувала во улогите на Жизел, Ники во „Бајадера“, „Одета“, и „Одилија“ во Лебедовото езеро, Китри во „Дон Кихот“.

Нејзината работа ја фалел и самиот Мариус Петипа, француски кореограф којшто всушност го создал рускиот балет онаков каков што денес го знаеме, уметник којшто ги поставил поголемиот дел балетски претстави.

Историчарот на балетот Валеријан Светлов пишувал дека Павлова владеела со „тајната на кршењето на законот на гравитацијата и со необична леснотија на лебдење во воздух“.

Павлова имала исклучително висок рис. Во балетанките ставала парче цврста кожа за полесно и посигурно да стои на врвовите на прстите што денес го применуваат сите балерини. Вајарот Борис Фридман Клузел ја овековечил во бронза нестварно свиената нога на Павлова.

3. Прва балерина која го извела прочуениот „Лебед што умира“

Соработката со младиот кореограф Михаил Фокин ќе излезе како мошне плодотворна. Токму тој за Павлова ја претставува кореографската минијатура „Лебед“ првпат изведена на сцената на Мариинскиот театар во 1907 година. (Многумина грешат, мешајќи и сметајќи го како дел од „Лебедовото езеро“, што не е). Подоцна станала позната под називот „Лебедот што умира“. Гледачите биле воодушевени не само од драматичноста и неверојатното мајсторство, туку и од уверливоста со која Павлова го играла лебедот, особено со тоа како нејзините раце филигрански ги подражавале движењата на птичјите крилја.

Ана Павлова, околу 1905 година.

По оваа нумера балерината ќе стане најпрепознатлива, а ќе ја танцува и на гостувањата ширум светот. Павлова починала во 1931 година, на 49 години, од воспаление на белодробното крило по настинка, настапувајќи до последниот час.

Легендата вели дека последните зборови на балерината биле: „Подгответе го мојот костим на лебед!“

Зачувана е видеоснимка на еден од настапите на Ана Павлова во оваа нумера.

4. Имала своја балетска компанија

Павлова не блескала само во Петербург. Со балетанот Адолф Болм веќе во 1908 година собрала помала трупа со која тргнала на турнеја по Европа. Една година подоцна го освојува Париз, играјќи неколку премиерни балети на исклучително популарните „Руски сезони“ на Сергеј Дјагилев.

Павлова, меѓутоа, не останува во трупата на Дјагилев. Во тоа време таа веќе и самата креира танцувачки нумери и одлучува да формира своја балетска компанија.

Портрет на Ана Павлова, дело на ирскиот сликар Џон Лавери

Последната претстава во Русија ја игра во 1914 година и на почетокот од Првата светска војна заминува во Лондон. Сепак, таму не се појавува толку често и започнува турнеја по целиот свет. Павлова настапува во Австралија, Нов Зеланд, на Филипини, во Малезија, Кина, Индија, Египет, во бројни земји на Латинска Америка, и секако во САД и Европа. Во некои земји нејзините гостувања биле првите балетски претстави.

Голем настан претставувало гостувањето на Павлова во Мексико во 1919 година. Во земјата којашто штотуку закрепнала од револуцијата, претседателот Венустијано Каранса покажал особена грижа за безбедноста на балерината и на нејзината трупа и наложил на покривот на нејзиниот воз да се постават 200 војници што го следеле.

Ана Павлова пред својата куќа во Лондон, 1912 година.

Во Мексико Павлова одиграла неколку претстави во арена за борба со бикови. На репертоарот немало само балетска класика, туку и нумера од „Мексиканската фантазија“ што балерината ја поставила според мотиви од локалниот фолклор. Во Мексико повторно настапила шест години подоцна, освојувајќи ја публиката во „Дон Кихот“.

Мексиканскиот поет Рамон Лопес Веларде напишал песна „Ана Павлова“ во целост посветена на балерината со божествени нозе. Во песната има и стих „Верувај, со нас разговара Бог, на јазикот на твоите нозе!“.

5. Најпозната на руска балерина во светот

Во речиси сите земји ѝ врачувале награди или ѝ изразувале воодушевување на други начини. По Павлова не добила име само тортата, туку и атероид, алги, места на Венера, како и авиони и улици.

Во Холандија е одгледан специјален вид бели лалиња „Ана Павлова“.

Уште во текот на животот на балерината на куполата на лондонскиот Палас театар поставена е златна скулптура на Павлова (за време на Втората светска војна е изгубена, но во 2006 година е повторно поставена).

Сѐ до неодамна за духот (!) на Павлова на секоја претстава на овој театар беше означувано специјално место. Наводно, вработените во театарот гледале дух кој игра на празна сцена во времето кога немало претстави. Традицијата е прекината дури во 2016 година кога во театарот започна да се прикажува претставата „Хари Потер и проколнатото дете“, а „местото на Павлова“ е отстапено на живи гледачи. Но, затоа во соседната зграда пред неколку години беше отворен барот Pavlova's.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња