Пет причини да го посетите новиот музеј „Подземна Москва“

Музеј „Подземна Москва“
Тука експонатите можат да се допрат со рака: сите се автентични и содржат приказни за скриената историја на градот: за московските подземни ходници и тунели, за легендите што ги крие метрото, за засолништата и тајните команди места.

Единственото цивилно засолниште во Русија што станало музеј

Додека шетате по улица веројатно нема веднаш да го забележите музејот. Тоа е мала, црна зграда на којашто пишува „Подземна Москва“. Зад натписот има скалила што водат надолу во некогашното цивилно атомско засолниште на Краснопресненската рафинерија за шеќер „Мантулин“, изградно уште во 1972 година. Фабричките погони одамна прекинаа со работа, па се чинеше дека засолништето наменето за работници повеќе никому не му е потребно. Меѓутоа, пред неколку месеци соработниците на музејот започнаа со негова обнова. Му го вратија автентичниот изглед и го исполнија со експонати од своите лични колекции.

Единствени експонати коишто можат да се допрат со рака

Тука експонатите не се во стаклени музејски витрини и речиси сите можат да се допрат. На пример, импресивната експозиција на колекција предмети за цивилни засолништа осмислена е така што посетителите добиваат целосна претстава за нивната функција и за тоа како изгледа да се престојува во нив. На пример, можете да прелистате некое од списанијата „Правда“ за 1972 година, да дознаете како се вршел специјален третман над оние што стасувале од контаминираните зони и да се прегледаат скафандерите за хемиска и биолошка заштита. И со сопствени раце можете да го одвртите винтот за прочистување воздух.

Покрај фасцинантната колекција гас-маски, музејот има специјално заштитена комора за мали деца. Таа личи на голема спортска торба со филтри и со мали прозорци.

Со помош на теренската хемиска лабораторија можат да се идентификуваат токсичните супстанции. Во специјални лабораториски шишиња со налепница со мртовечка глава со вкрстени коски се наоѓаат реагенси со мирис: на пример, мирис на печено јаболко предупредува на присуство на иперит.

Покрај многубројните уреди, тука има и грамофон за репродукција на звук од грамофонски плочи, но тие не служат за украс. Излегува дека винилот е најсигурен носач на информации во вонредни ситуации. За разлика од магнетната лента или од флеш-меморијата, плочата нема да ве изневери. Аудиозаписот на винилна плоча се користи за предупредување на опасност во вонредни ситуации, на пример за емитување сигнали што предупредуваат на воздушен напад.

Дознајте како функционира „Тајниот бункер“

Една од просториите на музејот е посветена на тајните бункери со пунктови за комуникација, од кои во случај на катастрофа може да се продолжи со управувањето со државата. На посетителите им се чини како да се во филм. На сите страни има различна опрема: електричен телеграф што пренесува пораки со Морзеова азбука, телепринтери, телекси и телефони за комуникација на раководството преку заштитени линии.

Запознајте ги легендите на Московското подземје

Во „Подземна Москва“ можете да ја видите скриената страна на престолнината и да се запознаете со легендите и со приказните за подземните градски објекти. На пример, се смета дека во најстарите објекти спаѓаат одаите на економот при Архангелскиот храм, изградени во 1485 година. Во музејот можете да дознаете кои приказни за подземната престолнина се вистините, а кои не се, и колку Сталинови бункери навистина има во Москва. Популарната теорија дека под Москва има страшни празнини е измислена.

Запознајте го метрото од спореден влез

Московското метро со станици што личат на подземни дворци веројатно сите го знаат. Но, не виделе како изгледа метрото онаму каде што патниците не одат. Во музејот се изложени фотографии на тунели и вентилациски отвори, кантини, па дури и печурки коишто во изобилство растат во близина на местата каде што забрзано минуваат возовите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња