Најважните факти за најголемата светиња на Романови – Феодоровската икона

Public domain
Феодоровската икона, која потекнува од дамнешни времиња и чие настанување е обвиено со тајни, до денес останува покровителка на државната власт во Русија.

Феодоровска икона – јавувања и чудотворна

Не може со сигурност да се каже како настанала иконата и кој ја насликал. Според преданието, се наоѓала во Феoдоровскиот манастир во градот Городец во Нижегородската област, кога во 1238 година го запалила војската на Бату-хан, а потоа се „јавила“ втор пат, сега на жителите на Кострома.

Феодоровската икона без рамка и со рамка

Како што се наведува во Повеста за јавувањето на чудотворната икона Феодоровска, 15 август 1239 година, наспроти празникот Успение на Пресвета Богородица, жителите на Кострома на улиците на градот виделе воин со икона на Мајката Божја во рацете. Според преданието, тие во воинот го препознале светиот великомаченик Феодор Стратилат, покровител на христијанската војска. Тој ја носел иконата низ цел град, а следниот ден кнезот што ловел во близина на реката Запрудња, северно од Кострома, ја здогледал иконата на Богородица како виси на дрво.

Постојат три различни преданија во кои се споменуваат три различни кнеза кои ја нашле иконата: костромскиот кнез Василиј Квашња, владимирскиот кнез Јуриј Всеволодович и Василиј Јарославич, помладиот брат на Александар Невски.

Но, најважно е, како што пишува истражувачот Алексеј Фјодоров, „тоа што таа не му се јавила на селанец, на монах или на трговец, ами токму на кнез од родот Рјурикови. Тоа веднаш го предодредило статусот на оваа икона како покровителка на власта“

Феодоровската икона со житие. Втора половина на XVIII век

Како и да е, иконата е пренесена од Городец во Кострома, каде што е сместена во црквата на Феодор Стратилат. Според преданието, иконата не му се давала во раце на кнезот, туку можеле да ја пренесуваат само свештеници кои доаѓале од Кострома. Самото име „Феодор“ по кое е наречена иконата, од грчки се преведува како „Божји дар“.

Легендата вели дека во 1262 (или 1264) година на езерото Свјатое (4 километри од центарот на денешна Кострома) иконата објавила чудо и им помогнала на жителите на Кострома да го победат одредот на Монголо-Татарите, ослепувајќи го со „божествена светлина“. Оттогаш се почитува како чудотворна икона. Кон крајот на 13 век е сместена во Успенската црква на Костромската тврдина, чиј олтар не е свртен кон исток, туку кон север, кон местото на кое што е пронајдена. Ова е единствен ваков случај на црковна архитектура од тоа време.

Успенска црква

Била симбол на доаѓањето на Михаил Фјодорович на власт

Земскиот собор во 1613 година го избрал младиот Михаил Фјодорович Романов за цар. Тој во тоа време се наоѓал со својата мајка, монахињата Марфа, во Ипатиевиот манастир во Кострома. Иако изворите од тој период не ја споменуваат Феодоровската икона во врска со доаѓањето на Михаил Фјодорович на власт, туку „Новиот летописец“, настанат во времето на Романови, трвди дека пратеници упатени кон Михаил и монахињата Марфа ја понеле со себе Феодоровската икона. На 14 март (според стариот календар), кога Михаил го прифатил престолот, се смета за ден кога се слави сеќавањето на Феодоровската икона. Овој празник денес се обележува на 27 март по новиот календар.

Повикување на Михаил Романов во царството. 1800, Григориј Угрјумов

Во текот на првите години од својата власт Михаил Фјодорович, истакнувајќи го статусот на иконата како покровител на домот на Романови, испратил многу скапи дарови за Феодоровската икона и богато ја дарувал Успенската црква во која таа се чувала.

Иако стекнала статус на царска светиња, иконата останала во Кострома. Како што пишува Алексеј Фјодоров, „црковната традиција на почитување на јавувањето на богородичните икони не овозможува таа туку-така да се пренесе од едно на друго место. Ова почива на едноставното уверување дека местото каде ќе се наоѓа го определува волјата на самата Богородица. Ниту кнезовите, ниту царевите, ниту патријарсите не можеле според своја волја да го менуваат ова правило. Тие оделе на аџилак во Кострома, без да помислат дека иконата можат да ја пренесат во Москва или во Петербург“.

Феодоровската икона, 1910.

Во чест на Феодоровската икона многумина членови на царското семејство го добиле името по таткото

Кога во 1684 година московскиот цар, братот на Петар и совладетел Иван Алексеевич се венчал со првата жена, нејзиното име по татко, „неблагозвучно“ за царица, е заменето во чест на Феодоровската икона. Прасковја Александровна Салтикова така станала Прасковја Фјодоровна, а на нејзиниот татко Александар името му е сменето во Фјодор.

Во 1689 година, кога Петар се оженил со Прасковја Иларионовна Лопухина, нејзе ѝ го сменил и името (за да не се вика исто како другата царица) и името по татко. Станала Евдокија Фјодоровна, повторно во чест на Феодоровската икона.

Традицијата продолжила во 18 век, само овој пат по Феодоровската икона патроним добивале странците кои по пат на брак станувале членови на руското императорско семејство. Карл Петер Улрих Холштајн-Готорпски, внук на Петар Велики, така во православието станал велики кнез, а потоа и император Пјотр Фјодорович.

По уривањето на царската власт во Русија ликовите на иконата потемнеле

По Октомвриската револуција од 1917 година Феодоровската икона останала во Косторма. Меѓутоа, во извесен момент ликовите на неа потемнеле. Легендата овој настан го поврзува со абдикцијата на Николај Втори.

Во реалноста, меѓутоа, веројатно тоа се случило поради низата неуспешни реставрации. Комисијата на Народниот комесаријат за просвета во 1919 година под раководство на реставраторот Игор Грабар извршила испитување на иконата. Потоа на лице место во Косторма е извршена реставрација. Во 1929 година иконата повторно ја реставрирал Грабар во Москва. Потоа ликови станале речиси непрепознатливи, така што дури ни реставрацијата од 1964 година не успеала да ги поврати. Истражувачот Алексеј Фјодоров смета дека ликовите потемнеле поради несовесната работа лично на Игор Грабар и на неговите соработници.

Успенската црква, во која се наоѓала Феодоровската икона, е урната во 1934 година, а иконата потоа има сменето неколку адреси, пред да најде место во црквата на Христовото Воскресение во Дебра.

На 18 август 1991 година Феодоровската икона е пренесена во Богојавленската црква на Богојавленско-Анастасииниот манастир, која е вратена на Руската православна црква, станувајќи соборна црква на Костормската епархија.

Богојавленско-Анастасиин манастир

Во 2000 година иконата повторно стана покровителка на државната власт во Русија.

На денот на Феодоровската икона на Пресвета Богородица на 27 март 2000 година беа објавени резултатите од претседателските избори во Русија. Претседател стана Владимир Путин. Поклопувањето на овие два настана им овозможи на новинарите повторно да почнат да ја нарекуваат Феодоровската икона на Богородица покровителка на највисоката државна власт во Русија. Самиот Владимир Путин, пак, тоа никогаш не го истакнувал, но во август 2000 година од архимандритот Јован (Крестјанкин) доби на подарок копија на Феодоровската икона.

По благослов на патријархот московски и цела Русија Кирил Феодоровската икона во 2023 година е пренесена во обновената Богојавленска црква на Костромскиот кремљ.

Богојавленска црква

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња