Девет руски филмови според кои во Холивуд се снимени римејк верзии

Марюс Вайсберг/Aldamisa Entertainment, Vincent Newman Entertainment, Exit Strategy Productions, 2022
Неколку советски и руски филмови беа толку инспиративни за американските продуценти што едноставно не можеа да одолеат да направат свои верзии на гореспоменатите приказни. Сепак, не можеше да се помине без клишеа и плагијати.

1. „За судбината“ (2022) / „Иронија на судбината“ (1975)

„За судбината“

Еден од најактуелните примери е „About Fate“ („Иронијата на судбината во Холивуд“, како што е преведен на руски). Американската верзија на советскиот хит на Елдар Рјазанов „Иронијата на судбината“ ја режираше Мариус Вајсберг.

Во оваа верзија, дејството се одвива во завеаниот Бостон. Главните ликови се адвокатот Грифин (Томас Ман) и агентот за недвижности Марго (Ема Робертс), кои во пресрет на Новата година, независно еден од друг, цврсто одлучиле да стават крај на нивниот осаменички живот. Томас планира да ја запроси својата девојка, блогерката Клементина, а Марго очекува нешто слично од нејзиното момче Кип.

Грифин традиционално се гледа со своите руски пријатели во сауна, пие по некоја и се враќа дома со такси. Меѓутоа, таксистот се збунува со адресата и го носи ликот во друг дел на градот со типска станбена зграда и истата адреса каде што тој вообичаено живее. Момчето не забележува никаква разлика без разлика на мачката и различниот мебел во станот. Наскоро Марго се враќа дома и наоѓа пијан странец во спалната соба.

„Иронија на судбината“

На почетокот гледаме речиси копија на советскиот филм, но холивудската приказна полека почнува да се разликува од оригиналната верзија. Дејството се одвива не само во станот, туку и во ресторани, надвор и во канцеларија.

Типична (исто како споменатата станбена зграда) романтична комедија со превез од новогодишни чуда и неизбежен хепиенд.

2. „Седум секунди“ (2018) / „Мајор“ (2013)

„Седум секунди“

Според мотивите на криминалистичката драма „Мајор“ на Јуриј Биков, „Нетфликс“ ја сними серијата „Седум секунди“ со Реџина Кинг и Дејвид Лајонс.

Од оригиналната верзија остана почетокот на приказната (полицаец случајно удира човек, а неговите колеги се обидуваат да ја искористат службената положба за да го прикријат случајот). Приказната се одвива во Џерси, а добива на актуелност бидејќи жртвата е тинејџер со афро-американско потекло.

„Мајор“

„Седум секунди“ беше добро примен од публиката, а Реџина Кинг доби награда „Еми“ и номинација за „Златен глобус“.

3. „Постариот син“ (2006) / „Постариот син“ (1976)

„Постариот син“ (САД)

Главниот лик на холивудскиот „Постариот син“ е руско-еврејски имигрант, кларинетистот Макс. Неговиот живот се менува кога крадец на автомобили се претставува како неговиот одамна изгубен син.

Американскиот филм со Шејн Вест и Лили Собиески е римејк на истоимениот филм од 1976 година на Виталиј Мељников со Евгениј Леонов, Николај Караченцов и Наталија Егорова.

„Постариот син“ (СССР)

Во советската лирска драма заснована на драмата на Александар Вампилов, странец во потрага по преноќиште се претставува како син на сопственикот на куќата.

4. „Крвавата кралица“ (1966) / „Во пресрет на сништата“ (1963)

„Крвавата кралица“

Не сите холивудски филмови беа и официјално римејк верзии. На пример, дејствието во филмот „Крвавата кралица“ е базирано на сценариото на советскиот научно-фантастичен филм „Во пресрет на сништата“ на Михаил Карјуков и Отар Кобериѕе од 1963 година.

Во советскиот филм се зборува за брод на вонземјани кој доживува несреќа Марс. Во потрага по вонземјаните од Земјата  се упатува вселенскиот брод „Океан“ со астрономот Тања, а набрзо на помош ѝ е испратена ракета во која е нејзиниот сакан.

Во Америка приказната е изменета, така што брод од Земјата тргнува да спаси урнат вселенски брод, а во кој има жена-вампир од друга планета. Во филмот играше Бејзил Ретбоун, познат по улогите на Шерлок Холмс во британските екранизации.

„Во пресрет на сништата“

Режисерот на „Крвавата кралица“ Кертис Харингтон призна дека седумдесет проценти од сценариото на неговото остварување „отпаѓа“ на советскиот филм. Покрај тоа, Харингтон без дозвола користеше сцени од советските филмови „Во пресрет на сништата“ и „Небото повикува“. Буџетот изнесуваше шеесет илјади долари, а по една година прикажување филмот заработи седумнаесет милиони долари.

5. „Битка надвор од границите на сонцето“ (1962) / „Небото повикува“ (1959)

Уште еден пиратски проект е „Битката надвор од границите на сонцето“ (Battle Beyond the Sun) во 1962 година. Режисер беше Роџер Корман, а негов асистент Френсис Форд Копола.

Се работи за реплика на филмот „Небото повикува“ на Александар Козир и Михаил Карјуков од 1959 година за советските и американските космонаути кои се натпреваруваат кој прв ќе слета на Марс. Во советската верзија победија ликовите од СССР.

„Небото повикува“

Во САД заплетот и некои детали беа сменети. Корман и Копола ги исфрлија сцените во кои Американците се негативни ликови, додадоа една битка на Марс, го префрлија дејството во иднината, а противниците станаа претставници на Северот и Југот. Имињата на главните ликови се исто така променети за да бидат поприемливи за тамошните гледачи.

6. „Волшебното патување на Синбад“ (1962) / „Садко“ (1952)

„Волшебното патување на Синбад“

„Римејкот“ на советскиот филм „Садко“ на Александар Птушко од 1952 година веројатно би можел да ја преземе титулата најневеројатен. „Садко“ беше награден со Сребрена мечка на филмскиот фестивал во Венеција, а потоа и прикажан во американските кина.

Десет години подоцна Роџер Корман буквално ја преработи оригиналната верзија и ја прикажа во кината. Филмот стана „Волшебното патување на Синбад “, а структурата на дејствието остана непроменета. „Авторите“ го скратија филмот за сметка на сцените со песните, додадоа наратор и на ликовите им дадоа други имиња. Интересно е што во шпицата може да се прочита дека сценариото го адаптирал Френсис Форд Копола.

7. „Патување на праисториска планета“ (1965) / „Планета на бурите“ (1961)

„Патување на праисториска планета“

Советскиот филм „Планета на бурите“ од 1961 година го сними Павел Клушанцев. Три вселенски бродови одат на Венера, а космонаутите се среќаваат со непознати жители, затекнуваат ерупција на вулкан и решаваат различни проблеми во колективот.

Филмот влијаеше на визуелната и сценска компонента на „Војна на ѕвездите“ на Џорџ Лукас, како и на филмовите „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик и „Терминатор 2“ на Џејмс Камерон.

„Планета на бурите“

Меѓутоа, во Холивуд дејствието беше директно позајмено за два проекти. Советскиот филм беше премонтиран, а беа доснимени неколку сцени, по што во 1965 година се најде во кино-дистрибуција под насловот „Патување на праисториска планета“. Подоцна дејствието на филмот беше искористено и за „Патување на праисториската планета на жените“.

8. „Три руски девојки“ (1943) / „Другарки од фронтот“ (1941)

„Три руски девојки“

Филмот „Другарки од фронтот“ од 1941 година зборува за медицински сестри во близина на фронтот за време на советско-финската војна.

Речиси идентичен американски филм „Три руски девојки“ снимија две години подоцна Фјодор Отсеп и Хенри Кеслер. Во срцето на приказната е медицинска сестра во болница во Сталинград која се вљубува во соборен американски пилот.

„Другарки од фронтот“

Во американската верзија, користена е филмска хроника снимена од советски сниматели на фронтот, а некои борбени сцени се сосема исти како во советскиот филм.

„Три руски девојки“ беше номиниран за „Оскар“ за најдобра музика.

9. „Сахара“ (1942) / „Тринаесет“ (1936)

„Сахара“

Истернот „Тринаесет“ од 1936 година за авантурите на црвеноармејците го прослави режисерот Михаил Ром.

„Тринаесет“

Шест години подоцна, инспириран од овој филм, Золтан Корда го сними „Сахара“ со Хемфри Богарт. Во неговата верзија, за време на Втората светска војна американска тенковска бригада се судира со германски баталјон на либанско-египетската граница. И тоа е главната разлика во однос на советскиот филм. Меѓутоа токму „Сахара“ на Корда беше номинирана за Оскар за најдобар звук, кинематографија и епизодна машка улога.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња