Русија и Русите во „Наполеон“ на Ридли Скот: вистина или имагинација?

Ридли Скот, 2023/Scott Free Productions
Во светските кина се прикажува историската драма за успесите и за падот на легендарниот војсководец со Хаокино Феникс во главната улога. Како што можеше да се очекува, значајна улога во филмот има и рускиот цар Александар Први.

Русија била активен учесник во Наполеоновите војни – како во сојузот со Франција, така и во коалицијата пред неа. А, токму катастрофалниот Наполеонов пораз во Русија во 1812 година беше почеток на крајот на оваа уникатна политичка кариера.

Историчарите во филмот најдоа бројни „уметнички слободи“, на што Ридли Скот, жива легенда на кинематографијата, на критичарите им порача да се „занимаваат со сопствениот живот“ (get a life). Секако, секој историски филм има право на извесна имагинација, а филмовите на Скот не се исклучок. Но, интересно е што рускиот аспект од приказната претрпел многу поради фантазијата на филмаџијата.

Рускиот цар бил воодушевен почитувач на Наполеон? – Па, не баш.

Во филмот Александар Прв и изгледа како енергичен блондин (улогата ја толкува 24-годишниот Французин Едуар Филипона), кој е восхитен од Наполеоновиот гениј и како војсководец сака да ја имитира неговата тактика. Рускиот цар се приклучува на коалицијата против Наполеон под влијание на позрелиот и поискусен австриски цар Франц Втори, но освен политичките аргументи, со младиот владетел очигледно раководи желбата на бојното поле да го совлада непобедливиот Французин. Резултатот им е познат на сите. Во битката на тројцата цареви кај Аустерлиц во 1805 година победа славел Наполеон. Исклучителен опис на оваа битка има дадено Лaв Толстој во романот „Војна и мир“.

Во реалноста разликата во годините меѓу противниците не е толку голема. Александар бил помлад од Наполеон, но само 8 години. За време на битката кај Аустерлиц имал 27 години. Со други зборови, бил млад, но не повеќе момче, косата почнала да му опаѓа (барем така е прикажан на сликата на Николај Гос, која ја прикажува Тилзитската средба од 1807 година, каде што кај него се гледаат залистоци). Точно е дека Александар Први страшно му завидувал на Наполеон на неговата воена слава, но во тоа не бил осамен. И точно е дека рускиот цар пред поразот кај Аустерлиц бил мошне самоуверен, но веќе тогаш тешко би можеле за него да кажеме дека бил наивен.

Наполеон кај Аустерлиц победил зашто го ставил непријателот во замка? – Точно така

Една од најимпресивните епизоди од филмот е реконструкцијата на познатата битка кај Аустерлиц. Ова е една од најголемите победи на Наполеон, благодарение на лукавоста, решителноста и добро уиграната „воена машинерија“ успеал да го совлада бројно надмоќниот непријател. Неговата армија броела 73,5 илјади војници кои се судриле со 85 илјади припадници на руско-австриската сојузничка војска.

Тактиката на Наполеон во филмот е сосема добро прикажана. Тој армијата ја поделил на две групи и едната ја оставил на видно место, за сојузниците да помислат дека ги чека лесна победа и тргнале во напад. Кога ја загризале мамката, замката се активирала: во акција стапува втората група француски сили, која непријателот го тера на повлекување преку мразот што пука под нивните нозе. Навистина, како што велат историчарите, Наполеон веројатно многу ги преувеличил загубите што ѝ ги нанел на руско-австриската армија. Се претпоставува дека под мразот загинале до илјада војници, а не 20 илјади како што тврдел тој.

Русите самите ја запалиле Москва за да ги натераат Французите да заминат? – Па, така некако.

По Аустерлиц Русија и Франција извесно време биле сојузнички, но подоцна Александар Први ја избрал страната на Англија, најголемиот непријател на Наполеон. Така Бонапарта во 1812 година тргнал во поход на Русија.

Тој стасува дури до Москва – вториот по значење град во земјата по престолнината Петербург. Но, Москва не е освоена, туку е едноставно оставена. Хоакин Феникс во улогата на Наполеон го јава коњот по празниот Црвен плоштад и околу себе гледа глетка на напуштеност. Навреден е: „Русите не знаат достоинствено да губат“. А, наскоро започнува и страшен пожар. Наполеон е исплашен кога дознава дека Русите самите подметнале оган за да го натераат окупаторот да се повлече.

Токму така и било. Денес историчарите практично не се сомневаат дека пожарите се подметнати по директна наредба на московскиот губернатор Фјодор Ростопчин, кој исто така наредил од Москва да се изнесат сите водени пумпи. Освен уништувањето на намирниците и местото за сместување на француската армија московскиот пожар имал уште една последица: предизвикал силно будење на патриотските чувства. Војната станала Татковинска (како што по традиција и денес се нарекува во руската историографија). Со други зборови, против Наполеон не се борела само редовната војска, туку и доброволци, и партизани – целиот народ.

Дали Москва во филмот е веродостојно прикажана? – Не!

Всушност, во филмот Москва не може ни да се види. Таа е нацртана со помош на компјутерска графика, при што очигледно не се тежнеело кон веродостојност. Само понекогаш во задниот план ќе се види некоја архитектонска знаменитост: камбанаријата на Иван Велики или куполите на Успенската црква. Првобитно Ридли Скот сакал да го сними Кремљ во Вестминстерската црква во Лондон (која што е подигната во неовизантиски стил на преминот од 19 кон 20 век), но за тоа не добил дозвола.

Наполеон не успеал да ја покори Русија поради силната зимна и благодарение на нападите од страна на Козаците? Секако дека е така. Но, не само поради тоа.

По прикажувањето на филмот во кината Ридли Скот вети дека на видеосервисот Apple TV+ ќе објави проширена режисерска верзија на филмот од 4,5 часа. Ова се однесува и на неславниот обид да се освои Русија, по што Бонапарта конечно го напуштила среќата. Во кино-верзијата на филмот оваа воена кампања трае само 10 минути.

За толку кусо време авторите не успеваат јасно да објаснат зошто генијалниот војсководец претрпел пораз. Се вели дека кампањата траела премногу долго, дека започнал студ, дека војниците умираат од глад и болести, дека се зајакнало дезертерството. Русите не влегуваат во директен судир, туку Французите ги исцрпуваат ненадејните козачки напади.

Секако, списокот причини не завршува на ова. Пред сѐ, Наполеон ја повторил грешката на Александар пред Аустелицката битка: го потценил непријателот. Меѓу другото, тешко можел да претпостави дека војната ќе добие општонароден карактер и дека рускиот војсководец Михаил Кутузов ќе покаже талент (меѓу другото, послушувајќи го планот за кампања против Наполеон кој во 1810 година го изнел Михаил Барклај де Толи). Кутузов, патем, во филмот воопшто го нема, а познатата Бородинска битка трае само 3 минути.

Дали Александар I навистина се додворувал на поранешната сопруга на Наполеон Жозефина Боарн? – За тоа не постојат докази.

Љубовната линија помеѓу Наполеон и Жозефина (нејзиниот лик го толкува Ванеса Кирби) е една од основните во филмот и многу Наполеонови одлуки директно се објаснуваат со настаните од неговиот личен живот.

Така, на пример, според филмот, Бонапарта бега од првиот прогон на островот Елба и се обидува да се врати на тронот откако во весник ја прочитал веста дека во дворецот на Жозефина наминал Александар Први. Наполеон, нормално, е бесен: не само што тоа „момче“ му ја одзело власта (токму по поразот во Русија морал да се откаже од престолот), туку сега претендира и на неговата сопруга. Бонапарта одлучува да ги поврати власта и Жозефина.

По падот на Наполеон историјата вели дека Жозефина и Александар навистина редовно се среќавале. Дури постои и слика на Хектор Виже „Царицата Жозефина во Малмезон го пречекува царот Александар и ги претставува своите деца“. Освен тоа, таа овие средби ги платила со главата. Имено, Жозефина умира од воспаление на белите дробови, а пет дена претходно излегла да се прошета со рускиот цар во студената вечера по балот.

Навистина постојат нагодувања за тоа дека тие двајца биле во тајна врска. На пример, Мајкл Броерс, автор на неколку книги за Наполеон и консултант на филмот, е уверен дека Александар не сакал да ја заведе Жозефина, туку таа рускиот цар, за да ја поправи својата положба. Но, за тоа не постојат никакви докази, како што не постои ниту директна врска помеѓу прошетката на Жозефина со Александар Први и бегството на Наполеон од Елба.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња