Да се најде книга со среќен крај во руската литература е предизвик. Повеќето познати романи не завршуваат добро. Или, дури и да има трошка надеж на крајот, повеќето од ликовите пред тоа би биле мртви или многу би страдале. Па дури и вистинската љубов никогаш не е среќна или лесна.
Многу книги прикажуваат мрачен живот или мрачни луѓе во мрачни околности и пејзажи. Темни градски пејзажи, сиромаштија, луѓе кои страдаат од самоволието и немилосрдноста на нивните газди.
Сетете се на која било книга од руската книжевност што сте ја прочитале... Се обложуваме дека ќе има убиства, физичко насилство... Селанец си го убива кучето („Муму“ од Иван Тургенев), пријател убива пријател во дуел поради жена („Евгениј Онегин“ од Пушкин, „Херој на нашето време“ од Лермонтов), синот си го убива таткото („Браќата Карамазови“ на Достоевски), жената си ги убива сопругот, свекорот, па дури и малиот внук („Лејди Магбет од Мценскиот округ“ од Николај Лесков). Да не спомнуваме уште романи каде што луѓето се убиваат...
Обично тоа е неоправдано насилство кое нема граници и смисла. А читателот останува фрустриран и престанува да верува во човештвото, мислејќи дека особините и агресијата се насекаде, на секој агол.
Додека Гогољ ги ревитализира сите несвети сили, полнејќи ги своите дела со вистинско зло, покажувајќи дека тоа е насекаде околу нас. Морничаво!
Што треба да научи жената што ја чита „Ана Каренина“? Да жртвува сé и себе си за љубов? Со децении модерните жени се подучуваат на феминизам, еднакви права и потреба од самореализација. И како, добога, тие би требало да се чувствуваат откако ќе прочитаат класичното дело за жена која се самоубива без да најде мир во љубовта?
Конечно, руската литература од XIX век понекогаш е многу комплицирана за разбирање. Многу реалности од животот едноставно веќе не постојат, и затоа што сето тоа се случувало многу одамна и затоа што тоа било друга земја, Руско царство, кое болшевиците го уништија со сите детали на благородничкиот и селскиот живот. Млад богаташ кој никаде не работи и кому социјалниот живот му е здодевен, како Евгениј Онегин, не може да се замисли ниту во ХХ век, а камоли во ХХI.
Претераното размислување и анксиозноста се некои од главните проблеми на нашата генерација кои ги наведуваат луѓето да одат кај психолог. А руската литература не прави ништо друго освен да ги подгрева овие чувства!
Ликовите не размислуваат како подобро да си го организираат животот, не размислуваат многу за заработка или за градење семејство. Не, тие размислуваат за тоа како се врти овој свет и нивната улога во тоа. Кутриот студент Родион Расколников од „Злосторство и казна“ го интересира само дали има глас на овој свет. И се бори со фактот дека тој не е човек кој носи големи одлуки. И да докаже дека има право да смени нешто... убива старица!
Во меѓувреме, некои романи се само натрупани со морализирање, прашања за честа и достоинството, како и со традиционалниот православен поглед на животот. Толстој предлага да се откажете од сексот и забавата и да се посветите на служење на другите луѓе и грижа за нивните гревови и потреби. И секој брак го смета за лажен договор меѓу двајца похотливи луѓе.
На крајот, велат дека мора да размислувате повеќе за другите отколку за себе, ве прекоруваат дека сте мрзеливи (како „Обломов“ од Иван Гончаров) или дека имате слабости (на пример, коцкарите во делата на Пушкин и Достоевски).
Во Русија се шегуваат дека ученичките кои ја читаат „Војна и мир“ ги прескокнуваат воените сцени, а момчињата приказите на баловите и мечтаењето на Наташа Ростова за љубовта. Понекогаш (а тоа не е само одлика на Толстој), руските автори се едноставно премногу речити. Тие повеќе пати ги џвакаат истите поими и мисли со многу различни зборови. Она што може да се каже со едноставни кратки фрази се претвора во поглавја. А и нивниот опис на природата кој трае со страници!
Современиот корисник на социјалните мрежи веќе не е во состојба да апсорбира толку долги текстови и толку многу информации кои немаат практична полза.
А сепак, не случајно е вреженото мислењето дека Толстој, Достоевски и другите биле генијалци. Затоа што тие се: 20 мудри цитати на руски писатели.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче