Оваа советска фотографија стана меѓународно „меме“ во 1960-тите

Russia Beyond ( Виктор Ахломов/МАММ / МДФ/Russia in photo; Иља Питаљев/Sputnik)
Денес речиси секоја фотографија може да стане вирална, но во 20 век не беше воопшто лесно да се стекне таква популарност. Една фотографија објавена во советскиот весник „Известија“ успеа да го привлече вниманието на светската јавност.

Потекло на фотографијата

Автор на сензационалната фотографија е Виктор Ахломов, дописник на весникот „Известија“. Фотографијата настанала случајно, а нејзиниот автор ниту на сон не очекувал толкава светска слава.

Кога во 1965 година Ахломов тргнал во редакцијата за да изврши некоја задача, токму пред канцеларијата видел маж со детска количка и со бебе во рацете. На ваквата фасцинантна глетка фотографот не можел да одолее – чкрапнал со фотоапаратот и тргнал понатаму да си врши работа.

„Гајле ми е за Малтус!“, 1965.

А, потоа со фотографијата се случило нешто неочекувано.

„Кога ја донесов фотографијата во редакцијата, сите се засмеаја и веднаш почнаа да смислуваат потпис за неа и да се натпреваруваат чиј ќе биде најдуховит“, се сеќаваше Ахломов.

Овој натпревар го прекина Виктор Веселовски, уредник на рубриката за хумор, кој предложи таа работа да се препушти на читателите. Така во еден од следните броеви беше распишан конкурс за најдобар потпис. Тоа во советското новинарство беше направено за првпат и токму случајот со фотографијата на Ахломов стана причина за отворање нова рубрика „Смисли потпис“.

Фоторепортерот Виктор Ахломов закачен за градежен кран фотографира изградба на зграда, 1967.

Меѓутоа, приказната за фотографијата не завршува тука...

Светска турнеја

Сликата објавена на страниците на весникот предизвика незапаметен интерес, како во Советскиот Сојуз, така и во странство (што е особено интересно). Фотографијата на Ахломов ја забележаа уредниците на британското списание „Сандеј тајмс“ и дојдоа до идеја да организираат „челинџ“ од типот „Ајде да се натпреваруваме со Русите во досетливост!“ А, потоа на Британците им се приклучи уште половина Европа.

Виктор Ахломов со колеги од Естонија, 1984.

Ахломов раскажуваше дека потоа во редакцијата на весникот почнале да стасуваат писма од целиот свет. Секој предлагал смешни потписи за фотографијата која веќе стана легендарна.

На пример, Англичаните предложија потпис: „Ги купив во продавница“, а од Чехословачка стаса предлог: „Гајле ми е за Малтус!“ (Томас Роберт Малтус беше демограф од 19 век кој сметаше дека неконтролираниот пораст на населението на Земјата во иднина неизбежно ќе предизвика глад во светот и смрт на човештвото. Тој апелираше до луѓето да не раѓаат премногу деца за да го спасат општеството од уништување). Оваа чехословачка верзија стекна популарност и стана официјален назив на фотографијата.

Отворање на изложба на фотографии посветена на 25 конгрес на КПСС. Виктор Ахломов (во центр), 1976.

Најдобра варијанта во СССР беше: „Со ваков маж и во оган и во вода“.

Кој е грижливиот татко?

Неочекувана популарност на фотографијата ја наведе редакцијата да се запраша кој е јунакот од неа. Тие мислеа дека е чесно да го пронајдат и да му соопштат дека станал славна личност. Виктор Ахломов, автор на фотографијата, беше убеден дека фотографирал московјанин зашто, наводно, ги препознал неговите градски манири. Тоа не беше доволен „податок“, така што потрагата не даде плод. Не е ни чудо, Москва и тогаш беше огромна и во неа живееја многу татковци со две деца.

Виктор Ахломов на отворањето на изложбата-ретроспектива Централна изложбена хала „Манеж“, 2008.

Набргу беа издадени еден милион разгледници со оваа фотографија и петте најдобри потписи што стасаа од целиот свет. Неочекувано беше пронајден јунакот од фотографијата, но дури во Хабаровскиот крај, далеку од престолнината.

Во писмото што стаса во редакцијата пишуваше дека лицето од фотографијата е Борис Емануилович Заљцман, дека е роден во Москва, но како шеф на геолошки истражувања моментално работи на Далечниот Исток. Виктор Ахломов го фатил во објективот среќниот татко кога со својата сопруга Тамара и со децата дошол во престолнината да ги посети своите родители.

„Идеите на Малтус не доаѓаат предвид! (Долу Малтус!).“, 1974.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња