Десетте најпознати кражби од руските музеи

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media; Tiziano Vecellio)
Желбата за убавина е длабоко вкоренета во секој човек. Изгледа дека кај некои е толку силна што мораат да крадат уметнички дела од музеи.

Франс Халс

Кражбата на слики од Франс Халс од изложбата во московскиот Музеј на ликовни уметности „Пушкин“ имаше толкав одек во јавноста што за неа беше снимен филмот „Враќањето на Свети Лука“. Две слики на Халс од циклусот портрети на евангелисти „Свети Лука“ и „Свети Матеј“ во 1965 година беа донесени во Москва. Крадецот дента кога музејот беше затворен исече една слика од рамката. Исчезнувањето беше забележано 24 часа подоцна.

„Свети Лука“, Франс Халс

Случајот сакаше ремек-делото на холандскиот уметник да биде вратено шест месеци по исчезнувањето на „Свети Лука“. Пред една продавница на Арбат, во центарот на градот, на убаво облечен маж кој бил соработник на КГБ му пришол човек кој му понудил слика од рангот на Рембрант за цена од сто илјади рубли. На крајот извршителот е уапсен. Излегло дека станува збор за вработен во Музејот „Пушкин“ Валериј Волков. Со оглед на тоа што немал факултетска диплома Волков имал намера да ја купи во замена за сликата. Работата не се реализирала, а извршителот самиот одлучил да го продаде ремек-делото на Халс и бил фатен.

Жан Леон Жером

Страста кон уметнички дела кај некои крадци е толку голема што тие всушност и не ја кријат особено во текот на кражбата. Така било со сликата на Жан Леон Жером „Базен во харем“ од збирката на Ермитаж.

„Базен во харем“, Жан Леон Жером

Извршителите во 2001 година го искористиле тоа што салата во која беа изложени сликите од овој уметник беше затворена за посетители и едноставно ја прескокнаа оградата. Останатото го направија рутински. Сликата со ноже ја исекоа од рамката и ја однесоа. Извршителите не се пронајдени, но во 2006 година сликата беше фрлена во холот на канцеларијата на Комунистичката партија.

Александар Саверкин

Годините минати надвор од музејските услови на чување оставија последици, сликата беше оштетена и веднаш беше испратена на реставрација. По три години вратена е во изложбениот простор.

Икони и накит

Накит, икони, предмети со скапоцени камења, над 200 музејски реликвии во вредност од 150 милиони рубли исчезнаа од фундусот на Ермитаж. Исчезнувањето беше откриено во 2006 година.

Ермитаж

За кражбата беше осомничена музејската работничка Лариса Завадскаја и членови на нејзиното семејство. Излезе дека извршителите вредните предмети ги заменувале со помалку вредни, а потоа ги продавале оригиналите со помош на соучесници. Благодарение на публицитетот вратени беа 34 предмето. Меѓутоа, значителен дел од украденото всушност не е пронајден.

„Гитаристот сиромав“

„Гитаристот сиромав“, Василиј Перов

Една пролетна ноќ во 1999 година двајца извршители го скршија прозорецот на првиот кат од Рускиот музеј и ја украдоа сликата на Василиј Перов „Гитаристот сиромав“, како и скицата на уметникот за сликата „Тројка“. Штом го слушна алармот, обезбедувањето побрза по извршителите, но тие успеаја да избегаат.

Враќање на украдените слики

На крајот сите беа уапсени, а сликите беа пронајдени во гардеробата на Варшавската железничка станица во Петербург.

Богатството на Сарматите

„Златната грозница“ го обзема извршителот кој реши да го опљачка локалниот музеј во Ростов на Дон во 1971 година. Мушнувајќи се низ прозорецот во салата, ја скршил витрината и ги собрал златните украси за коњска опрема, пронајдени во курганот на сарматски водач.

Древната историја не го интересираше многу, едноставно сакаше за златото да земе пари. Крадецот дури и успеа да ги претопи златните украси, па така музејот остана без скапоцените експонати засекогаш.

„Ај Петри. Крим“

„Ај Петри. Крим“, Архип Куинџи

Во галеријата преполна со посетители на 27 јануари 2019 година извршителот едноставно од рамката ја извади сликата на Архип Куинџи „Ај Петри“ и замина. Посетителите мислеа дека вработен во Третјаковската галерија некаде ја носи сликата. Дури по еден и пол час вистинските вработени открија што се случило и кренаа паника. Крадецот беше брзо уапсен, а сликата беше пронајдена скриена на градилиште во московското предградие Одинцово.

Рембрант, Тицијан, Кореџо

Кога тој 25 април 1927 година вработените во московскиот Музеј на убави уметности „Пушкин“ дошле на работа забележале дека на ѕидовите ги нема делата на Рембрант, Тицијани, Кореџо, Пизан, Долчи. На велигденската ноќ, додека црковните камбани ѕвонеле, крадецот ги искршил прозорците и ги украл ремек-делата. Припадниците на милицијата кои стасале на увид биле фрапирани, парчињата стакло биле исчистени заедно со потенцијалните докази, а белешката што ја оставил извршителот минала низ рацете на неколку лица. Мошне бргу е пронајдена само една слика на Џовани Пизан „Камшикувањето на Христос“.

Дури есента 1931 година приведен е службеникот на пошта и телеграф познат во криминалните кругови како Фјодорович. Тој на сослушувањето ја негирал вината, но на крајот го предал познаник. Како што излегло Фјодорович уште во 1924 година сакал да го опљачка музејот. Ремек-делата долго време минале во сандаци под земја и биле сериозно оштетени. Ова особено се однесувало на сликата на Тицијано Esse Homo во која извршителот ја завиткал „Христос“ на Рембрант.

Ecce Homo, Тицијан

Филонов

Дека со делата на Павел Филанов во Рускиот музеј се случува нешто чудно, оперативците знаеле одамна. Во осумдесеттите години од минатиот век во парискиот Центар Жорж Помпиду ненадејно се појавија дела од овој уметник, иако тој не ги продавал во странство. Згора на тоа, сликите биле дел од збирката што Рускиот музеј ја добил од сестрата на уметникот Екатерина Глебова. Тогаш е откриено дека во Петербург цело време наместо оригиналите се чуваат копии што некој ги подметнал.

„Глави“, Павел Филонов

Сомнежот во оригиналноста на делата на Филонов се појавија во 1992 година кога на музејски стручњак во странство му е донесен на експертиза цртеж кој официјално се води како дел од збирката на Рускиот музеј. И повторно наместо оригиналот е откриена копија. Истражните органи успеаја да ги решат и двата случаи и да ја откријат криминалната група којашто од музејот ги изнесувала оригиналите и ги користела за изработка на копии. А, во 2000 година од Париз во Петербург вратени се седум цртежи од овој автор.

Репин, Шишкин, Крамској

„Ангелот на смртта ги убива најстарите египетски деца“, Иљја Репин

Само неколку дена траеше потрагата по 16 слики украдени од музејот на Руската академија на уметности во декември 1999 година. Иако ноќта кога е извршена кражбата се активирал алармот, на пристигнатиот одред на милицијата ништо не му било сомнително, со оглед на тоа што катанците биле на свое место, а прозорците не биле скршени. Меѓутоа, крадците, очигледно, сѐ испланирале внимателно, претходно се скриле во една од просториите на академијата, а потоа ја обиле вратата, влегле во музејот и ги исекле сликите од рамките. Зеле дела на Репин, Крамској, Хруцки, Маљавин, Тропинин, а вредноста на уметничките дела беше над еден милион долари. За среќа, сликите беа брзо најдени и вратени.

Како во лош филм

„Железничка станица“, Исак Левитан

Се случува кражбите во музеите да потсетуваат на третокласни акциони филмови. Така крадците за да украдат слика на Вјачеслав Бичков го исекле плафонот на Кинешемскиот уметничко-историски музеј (Кинешма е мало гратче на реката Волга). А, во Вјазники (Вјазники е гратче близу Владимир) троица криминалци претходно се скриле во просториите на историско-уметничкиот музеј, ставиле маски на лицето, го врзале чуварот и ги украле сликите „Шума. Борови“ на Шишкин, „Риболов“ на Коровин и „Првиот снег“ на Жуковски. Плен бил „тежок“ три милиони долара.

Во Државниот историско-архитектонски и уметнички музеј во градот Пљос извршителите одлучиле да не се мачат многу: ги полиле надзорните камери со боја, со чекани го скршиле блиндираното стакло и украле пет слики на Исак Левитан. По неколку години пронајдени се во текот на рација во Нижни Новгород каде што покрај другото е откриено дека кражбата во Кинешма, Вјазники и Пљос ги извела истата банда.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња