Курско-Коренската икона „Знамение“ на Мајката Божја од 13 век се смета за една од најважните православни реликвии. На неа е прикажана Богородица со Христос, која ги крeва рацете нагоре во заштитничка молитва, а над неа се прикажани Господ Саваот и старозаветните пророци.
Токму оваа икона во детството го исцелила Серафим Саровски, еден од најценетите руски светители. Пред неа руските војници со векови примале благослов за воените подвизи, а литија во нејзина чест е прикажана на една од најпознатите слики на Иљја Репин.
Денес иконата се чува.. на Менхетн, во њујоршката Знаменска црква на Руската православна црква во странство. Стана симбол и светиња на сите Руси одвоени од домот и распрснати ширум светот.
Пред да дојде во својот сегашен дом оваа икона има преживеано многу. Од наездата на Татаро-Монголците до експлозии и селидби по Европа.
Според легендата, иконата е пронајдена на денот Раѓање на Пресвета Богородица 8 септември 1295 година. Овој датум и денес се одбележува како Ден на наоѓање на иконата. Тие години Русија била изложена на татаро-монголски напади. Недалеку од Курск, урнат и запален од страна на војсководецот Батиј, еден ловец покрај корен од дрво ја нашол иконата (затоа се нарекува „коренска“).
Кога ја кренал, од местото каде што лежела избил извор. Ловецот за иконата изградил капела. И набргу сите жители од околината почнале да доаѓаат и да ѝ се поклонуваат.
Речиси сто години подоцна Татарите повторно ја нападнале курската земја. Кога на својот пат наишле на капелата со икона, решиле да ја запалат, но тоа никако не им успевало. Тогаш ја зеле иконата и ја пресекле на два дела, фрлајќи ги на различни страни. Дури тогаш можеле да ја запалат капелата.
Старецот-свештеник го заробиле и долго го мачеле за да се одрече од својата вера и да прими друга, Но, по чудо, кога тој по кој знае кој пат запеал молитва во чест на Богородица, го виделе пратениците на московскиот цар и го откупиле од заробеништво.
Старецот се вратил на местото каде што била капелата и ги нашол деловите од иконата. Кога ги составил тие веднаш сраснале, како иконата да не била никогаш оштетена.
Курск конечно е обновен по татарско-монголската наезда дури во 1597 година. Тогаш во чест на иконата таму е подигнат манастир – Коренаја пустина.
Многумина верници доаѓале да се помолат на иконата, а нејзината чудотворна сила и слава биле надалеку познати. Ова во Смутната доба го искористил Лажниот Дмитриј Први. Како поранешен монах знаел какво влијание има иконата врз населението и дека таа може да му помогне во намерата да ги привлече луѓето на своја страна. Освен тоа, сакал и самиот да ја почувствува нејзината благодат.
Наредил иконата да му се донесе во штабот во Путивљ и се молел секој ден, а подоцна ја зел со себе за време на походот на Москва. Извесно време се чинело дека иконата навистина му помага. Имено, самозванецот успеал да ја преземе власта во Москва. Но, на крајот е убиен во завера... Додека иконата била отсутна, во нејзиниот роден Курск верниците сепак доаѓале да ѝ се молат. И по долгата опсада од полската војска, градот е ослободен.
Новиот цар од династијата Романови, Михаил Фјодорович, наложил иконата да се врати во Курск и во нејзина чест го изградил Знаменскиот манастир. Оттогаш заживеал обичајот на деветтиот петок по Велигден да се одржува литија со иконата од Знаменскиот манастир до манатирот Коренаја пустина, некогашното нејзино престојувалиште. Токму оваа литија е прикажана на позната слика на Иљја Репин.
Кон крајот на 19 век православието во Русија доживува криза. Се појавил голем број револуционерно настроена младина, која не верувала во Бога. Дел од нив водел терористичка борба против царскиот режим, редовно организирајќи експлозии и терористички напади. Четворица атеисти од Курск во 1898 година направиле бомба и ја поставиле во црквата. Сакалe себеси и на целата своја околина да докажат дека иконата не поседува моќ што ѝ се припишува и дека Бог не постои.
Во црквата навистина дошло до силна експлозија. За среќа, таа се случила по службата, кога храмот бил празен. Но, на сеопшто изненадување, иако покрај иконата била уништена камената и металната ограда и скалилата, самата икона не е оштетена. Сите прозорци на црквата, па дури и некои ѕидови се напукнати, но стаклото на кивотата на иконата не настрадало.
По Револуцијата, во 1918 година иконата одеднаш исчезнала. Неколку недели подоцна пронајдена е фрлена во стара вреќа заедно со својата копија. Од двете била отстранета скапоцената риза, а бидејќи ретко кој ја видел без риза, тешко било веднаш да се препознае која е вистинската. На помош дошол иконописецот што ја направил копијата. Иконата потоа добила нова сребрена риза покриена со син емајл 0 во неа иконата се чува и денес.
Болшевичката војска во 1920 година му се приближила на Курск и белогардејците на Деникин започнале да се повлекуваат од градот, нудејќи им на свештениците да тргнат со нив. Архиереите одлучиле дека треба да се спаси иконата од болшевиците и тргнале со неа на југ, а потоа во Србија, каде што бил евакуиран голем дел од војската.
Сѐ до 1944 година се чуваше во српскиот манастир Јазак, а потоа во црквата Света Троица во Белград. Но, разорната сила на Втората светска војна ги принуди свештениците повторно да се евакуираат заедно со иконата. Православните архиереи се плашеа од приближувањето на советската војска. И иако тие ја ослободуваа Европа од нацистите, свештениците запаметиле како во СССР се пресметувале со религијата.
Иконата најпрво е префрлена во Карслбад, потоа во Минхен, во Женева...
Челниците на Руската православна црква во странство во 1950 година одлучиле седиштето да го префрлат во САД и таму да ја пренесат иконата. За иконата во Махопак во близина на Њујорк е изградена Ново-Коренаја пустина. А, во 1958 година на Менхетн е подигната Знаменската синодална црква.
Иконата за првпат повторно ја посети Русија дури во 2009 година, 90 години по евакуацијата. А, претходно пропатува низ САД, ја посети Јужна Америка, па дури неколку пати беше во Австралија.
Во Курск секоја година и понатаму се одржува литијата од Знаменската црква во манастирот Коренаја пустина со старата копија на иконата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче