Кои истакнати странци се обожаватели на Лав Толстој?

Russia Beyond (Photo: Hulton Archive/Getty Images; Mary Evans Picture Library/Global Look Press)
Од современиците на Толстој до писателите на 21 век – ова се најверните почитувачи на авторот на „Војна и мир“ и на „Ана Каренина“.

Гистав Флобер – одушевено извикувал додека ја читал „Војна и мир“

Иван Тургенев кој има многу направено за популаризирање на руската литература во Европа, на овој француски писател му го испратил преводот на епскиот ронан на Толстој. А, во писмо до Толстој Тургенев му ги пренел мислите на Флобер за романот:

„Ова е првокласно дело! Каков уметник и каков психолог! Првите два тома се возвишени“, напишал Флобер. „Особено на некои места достојни на Шекспир. Понекогаш извикував со воодушевување додека го читав, а тоа е долго читање„ Да, мошне е добро! Навистина добро!“

Патем, и самиот Толстој бил под големо влијание на „Госпоѓа Бовари“ на Флобер и многумина критичари подоцна нашле одек во „Ана Каренина“.

Теодор Драјзер – станал писател благодарение на Толстој

Драјзер ја видел „Толстоевата трајна величина“ не во неговите општествени и морални теории, туку во неговите романи. „Во нив, повеќе од каде било на друго место, блеска и продолжува да сјае неговата огромна хуманост и тежнеењето за подобар живот за сите, има напишано американскиот романописец во статија по повод 100-годишнината од раѓањето на Толстој во 1928 година.

Покрај тоа, во својата автобиографска книга за младоста „Зора“, Драјзер признава дека на него особено влијаеле доцните дела на Толстој – „Крајцерова соната“ и „Смртта на Иван Илич“.

„Бев толку запрепастен и воодушевен од сликите од животот што ги има претставено што одеднаш ми падна на ум – речиси како нова мисла – дека би било прекрасно да се биде романописец. Кога човек би можел да пишува како Толстој и да го има целиот свет да го слуша!“

Томас Ман – вистински обожавател

Според рускиот преведувач на Ман, Соломон Апте, германскиот писател во зрели години гравитирал околу Чехов, но Толстој бил „идол на неговата младост“.

„Светот веројатно не познава друг уметник во кој вечно-епската, хомерска традиција е толку јасна како кај Толстој“; има напишано Ман во статијата по повод 100-годишнината од раѓањето на Толстој.

„Чистата наративна сила на неговото дело е ненадмината“, вели Ман. Тој ја споредува силата на делото на Толстој со напрегнатите мускули на Атлас на Микеланџело.

Германскиот писател дури и нагодува дека Првата светска војна никогаш не би започнала „доколку острите, остроумни сиви очи на старецот во Јаснаја Полјана сѐ уште биле отворени кон светот“ во 1914 година. Толстој ѝ припаѓа на големата ера на 19 век, „титан чии рамена не се свивале под тежината на епскиот товар кој можел да ги скрши припадниците на сегашната анемична и астматична генерација“.

Махатма Ганди – „скромен следбеник“ на Толстој

Индискиот мислител водел преписка со Толстој. Ганди прво му пишувал на Толстој, велејќи дека неговите книги оставиле длабока трага во неговиот поглед на светот. Исто така му ги испратил на Толстој преводите на неговите дела: „... непотребно е да се каже дека мошне високо ќе ја оценам вашата критика на пишување“. Тој себеси во своите писма се нарекува „вашиот скромен следбеник“.

Доктрината на Ганди за пасивен, ненасилен отпор делумно е инспирирана од Толстој и од неговата идеја за „неотпор кон злото со користење сила“.

Во својата автобиографија Ганди признава дека читањето на „Царството Божје е во вас“ на Толстој за првпат го „преплавило“ до таа мера што му се чинело дека другите книги во споредба со „независното размислување, длабокиот морал и вистинитоста (на Толстој)... бледнеат во безначајност“. Ганди во своите списи често го цитира Толстој како „врховен морален авторитет“.


Томас Едисон – сакал да ги овековечи изјавите на Толстој

Во 1907 година пронаоѓачот на фонографот напишал писмо од Њујорк во Јаснаја Пољана. Барал согласност од Толстој да направи снимка на неговиот глас на англиски и на француски јазик. Ветил дека ќе му испрати опрема заедно со помошници.

„Вашата слава е светска и сигурен сум дека вашата порака со нетрпение ќе ја примат милиони луѓе кои не можеле да не бидат импресиониран од интимната личност на Вашите сопствени зборови, кои преку овој медиум би биле зачувани за сите времиња“.

Така и се случило: во 1909 година претставници на компанијата „Графофон“ го снимиле гласот на Толстој на руски, на англиски, на француски и на германски. Самата машина за снимање е оставена како подарок на Толстој, кој развил голем ентузијазам за снимките и диктирал приказни за деца и мудри изреки.

Ромен Ролан - Толстој ни е сѐ

Ролан во статија за Толстој на рускиот писател му доделува особено место во светскиот културен живот. „Никогаш во Европа не се слушнал таков глас... Не ни беше доволно а се восхитуваме на креативноста на Толстој: го живеевме тоа, ни припаѓаше. Беше наш со сета своја врела виталност и младоста на срцето... Наш со своите разоткривања на срамните цивилизациски лаги...“

Ролан признал дека Толстој исто така има извршено длабоко влијание на него лично. „До крајот на животот ќе бидам верен и благодарен мајстор на епскиот наратив на 'Војна и мир' и на писателот на популарните приказни Тој има место во моето срце покрај Шекспир, Гете и Бетовен“, му напишал Ролан на бугарскиот критичар Русин Филипов.



Орхан Памук – ја знае „Ана Каренина“ речиси напамет

„По мое мислење 'Ана Каренина' е најдобар роман што некогаш е напишан“. Ова турскиот писател и добитник на Нобеловата награда за литература го изјави на предавањето во Москва по повод врачувањето на литературната награда Јаснаја Пољана.

Памук ја има прочитано „Ана Каренина“ повеќе пати, признава дека ја знае речиси напамет и дека ја предава на Универзитетот Колумбија. „Ми се допаѓа сцената во која Облонски вечера со Левин во ресторан. Ја имам прочитано многу пати: делува вистински во животот и звучи толку природно и несмислено“.

Памук го смета Толстој за златен стандард на литературата. „Тој ни дава идеја за тоа што е животот и нѐ учи што е важно во животот“. Памук особено забележува дека Толстој со своите романи всадува највисоки вредности.

Јијун Ли – ја минала целата пандемија со Толстој

Во март 2020 година, на самиот почеток на пандемијата и на изолацијата, американската писателка Јијун Ли одлучи да започне проект кој вклучуваше колективно читање онлајн и дискусија за „Војна и мир“. Ли и нејзините онлајн-слушатели од целиот свет поминаа 85 дена во друштво на Толстој (своите впечатоци ги оставија на социјалните мрежи со хаштагот #TolstoyTogether).

За многумина тоа беше можност за првпат да го прочитаат легендарниот роман, додека Ли, излезе, повторно го чита секоја година! „Спознав дека колку што животот е понеизвесен, романите на Толстој даваат повеќе цврстина и структура“, вели писателката. И во 2021 година го повтори овој проект.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња