„Дома имаме многу свеќи. Внук ми доаѓа: 'Бабо, дај ни, сакаме да разговараме со [популарниот рок-пеач Виктор] Цој' […] Јас велам: 'Дознајте од него... колку долго ќе живеам'. Тие го прашаа Цој. До осумдесет и пет, им рече. Сега имам 82, ќе живеам уште три години“. Оваа приказна на волoгодската селанка Ољга Никитина (родена 1924) е запишана во 2006 година од страна на етнографите Андреј Топорков и Анастасија Ајдакова.
„Детското повикување духови“ е феномен што во советското општество се појави во 20 век. Овој вид забава според сеќавањата заживеал во четириесеттите години од минатиот век. А, во шеесеттите-седумдесеттите се прошири низ целиот СССР. Московјанката Ана, чиј татко во осумдесеттите години работел на универзитетот во Константина во Алжир, се сеќава дека играта „повикување ѓаволчиња“ им била позната на апсолутно сите советски деца чии родители се наоѓале таму на дипломатска или на научна работа.
„Родителите заедно работеа на универзитетот и ние си игравме заедно – Руси, Ерменци, Молдавци итн. Секако, сите зборуваа руски и секој по летниот распуст поминат во Советскиот Сојуз носеше свои страшни приказни, црн хумор и мистични ритуали. Ѓаволчињата кај нас беа мошне популарни“, раскажува Ана.
Повикувањето духови кај народот веројатно се појавило како реакција на забраната на традиционалните „мистични“ ритуали од страна на болшевиците. Во свеста на советскиот човек гатањето на празникот Свјатки (празник кој трае 12 дена наспроти Божиќ) и на Иван Купала (Иванден) требале да заминат во заборав како реликти од минатото заедно со обредите од православната црква. Но, наместо тоа, меѓу советските тинејџери се појавило повикувањето духови. И самите деца овие обреди често ги нарекувале „гатање“, употребувајќи ги овие два термини како синоними.
„Гатавме ноќе, сите заедно, кога ја повикувавме Пиковата дама. Таа доаѓаше и ние фрлавме марама врз огледалото за што поскоро да замине. Беше страшна“, ѝ има кажано 11-годишната Оља на истражувачката Наталија Урванцева.
Кого повикуваа децата? Спектарот на овие битија беше широк. Како што пишува Урванцева, „на формирањето на современиот детски фолклор влијае народното творештво, литературата, медиумите, популарната култура“. Од Пушкин и неговата хероина „Пиковата дама“ повикувањето премина на други ликови од имагинацијата и од фолклорот. Меѓу нив беа домашниот дух „домовој“, Пепелашка, Русалка (водна вила), Црвенкапа, Карлсон (лик од цртан филм), Баба Рога. Се повикуваа и духови на историски личности: Екатерина Велика, Наполеон, Ленин, Сталин, поети и писатели како што се Гогољ, Лермонтов, Есенин, Мајаковски, Достоевски. Во деведесеттите години тинејџерите го повикуваа прерано починатиот рок-музичар Цој, па дури и убиениот популарен телевизиски водител Влад Листјев.
Меѓу најпопуларните ликови што се повикуваа беа „џуџето што пцуе“ и „бабата-пцујачка“. Децата раскажуваа дека ако се повикаат овие битија тие почнуваат да трчаат по собата и да пцујат. Тука се гледа желбата на децата да се приближат на забранетата култура на возрасните, чиј неразделен дел беше правото на употреба на пцовки.
Имаше многу начини да се повика дух, но сите тие имаа некои заеднички црти. Како што пишува Урванцева „со цел безбедност оние што повикуваа дух требаа да почитуваат определен начин на обраќање со оној свет, кои се составени од определени правила и забрани“.
Посебни услови за повикување духови беа:
Време и место кои истакнуваат обреден карактер за повикување: децата често се собираа ноќе, кришум од возрасните, во „забрането“ време. Доколку се соберат дење, тогаш се затвораа во соба, целосно ги покриваа прозорците, создавајќи „мистична“ атмосфера“.
Се почитуваа следниве забрани: на пример, за време на повикувањето на Пиковата дама беше забрането да се разговара. Постоеја и други забрани: никој не смее да се смее, да запали светло, да се движи и слично.
Постоеја повеќе начини да се повика дух:
Повикување преку огледало. На oгледалото децата доколку сакаа да ја повикаат Пепелашка цртаа со кармин скали, а на дното чевличе. Ако сакаа да ја повикаат Пиковата дама ќе нацртаа куќа од којашто таа „излегува“. Доколку на огледалото по повикот („Пикова дамо, излези!“) се појави „тресење“ или „дамки од светло“, се сметаше дека повиканиот лик се „јавил“. Друг начин: како кај народните гатања на Свјатки, децата на маса ќе поставеа две огледала едно наспроти друго, а меѓу нив ќе запалеа свеќи и, повикувајќи го саканиот лик, набљудуваа што се случува меѓу огледалата.
Повикување со помош на игла и лист хартија. На хартијата се црта круг со бројки, со букви и со зборовите „да“ и „не“. Во средината на кругот се црта ѓаволче, а низ неговиот папок (или низ срцето) се пробива остар врв од игла со конец, така што иглата слободно виси на конецот. Потоа децата го повикуваа ѓаволчето и, нишајќи ја иглата, му „помагаа“ да одговори на поставеното прашање.
Повикувањето со помош на тацна поставена во круг со букви и бројки. Децата ставаат прст на тацната и таа започнува да се движи. Овој метод е преземен од спиритистичките сеанси кои беа мошне популарни во Русија кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век како забава за возрасни.
Повикување со помош на нудење обредна храна. Во многу случаи децата на духовите им нудеа слатки за да ги примамат. „Се гата ноќе во мрачна соба. На огледалото се става парче чоколадо и трипати се повторува: 'Џуџенце, џуџенце, појави се!' Ќе се појави џуџето. Ако е црвено, тогаш можеме да посакаме некоја добра желба, а ако е црн, значи дека е лош“, има кажано десетгодишната Света од Кондопога.
Освен што повикувањето духови е забавна и страшна игра, нејзина цел, особено кај постарите деца (11-12 години), да дознаат што ги очекува во иднината. Многу деца веќе беа доволно возрасни за да сфатат дека повикувањето духови и игра на спиритизам и дека иглата ја движи детето што ја држи, а дека од страв марамата на огледалото се фрла пред некој воопшто нешто да разбере. Некои деца свесно манипулираа со тоа, наведувајќи ги другите да поверуваат дека навистина дошло „џуџето“ или „Цој“.
„Го викавме џуџето. Требаше во мрак да се изговорат некои бајалки од кои требаше од чешмата сама да потече водата, а тоа значеше дека дошло џуџето“, се сеќава Вероника од Самара. „Јас и другарка ми се затворивме во темната бања и почнавме да ги кажуваме бајалките, а јас кришум ја отворив славината и потече вода. Другарка ми многу се исплаши, се расплака и избега. Потоа ми беше срам“.
Обично децата продолжуваа да учествуваат во „повикувањето духови“ сѐ дури по бројни неуспеси не се разочараа. Сепак, нешто слично на повикување духови остана и во студентскиот фолклор: обичајот студентот пред колоквиум или испит да ја повикува среќата, подавајќи го ноќе индексот низ прозорец.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче