Тринаесет клучни советски и руски филмови за вселената

Klim Shipenko/Russia-1, 2017; Рудольф Алфимов/Sputnik
Некои од овие филмови послужија како инспирација за познати холивудски режисери, а еден навистина беше снимен во вселената.

„Предизвик“, 2023.

Првиот во историјата игран филм снимен во вселената. Граден хирург лета до Меѓународната вселенска станица (МВС) за да изврши итна операција во услови на бестежинска состојба. Главната актерка Јулија Пересиљд и режисерот Клим Шипенко поминаа две недели на МВС и се вратија со 78 часа снимен материјал од вселената.

„Спутник“, 2020.

Фантастична сага, своевидна комбинација на реалноста на современата руска космонаутика и хорор. Вселенскиот брод „Орбита 4“ успешно се враќа на Земјата, славен од целиот СССР. Ова го пренесуваат медиумите. Меѓутоа, тие премолчуваат дека на бродот се случил мистериозен инцидент, а единствениот преживеан член на екипажот не може да објасни ништо. Поканетиот доктор-неврофизиолог се обидува да дојде до вистината и сфаќа дека космонаутот кој долетал од вселената не е сам, туку дека во него има непознат облик на живот.

„Саљут-7“, 2017.

Филмот е заснован на вистински настани и раскажува за советската орбитална станица „Саљут-7“, која во 1985 година престана да комуницира со командниот центар. За да се откријат причините за дефектот на комуникацијата, во орбитата се испраќаат искусни космонаути чија задача е за прв пат во историјата да се поврзат со неконтролиран објект во вселената. Овој маневар сè уште се смета за најтежок во историјата на космонаутиката.

„Време на пионери“, 2017.

Уште еден филм базиран на вистински настани, овојпат станува збор за еден од најважните настани во светот на космонаутиката. Павел Бељаев и Алексеј Леонов се главните актери на вселенскиот лет во орбитата на Земјата, кој го има за цел првото излегување на човекот во отворена вселена, за да Советскиот Сојуз излезе како победник во вселенската трка со САД.

„Гагарин: Првиот во вселената“, 2013.

Биографски филм за првиот човек во вселената Јуриј Гагарин. И прв обид за екранизација на неговата биографија, од детството и првата љубов, преку борбата да биде најдобар, до најважниот момент во неговиот живот.

„Кин-ѕа-ѕа!“, 1986.

Култната филмска сатира на тема класна борба развиен низ приказната за една далечна планета.

Раководителот на градилиште Владимир Машков, враќајќи се од работа на пат до самопослуга, сретнува бездомник кој тврди дека е вонземјанин. Како доказ покажува тнр. машина за телепортација. Владимир случајно ја вклучува и се префрла во пустина. Ќе испадне дека тој всушност се нашол на друга планета!

„Тајната на третата планета“, 1981. 

Дејствието се врти околу вселенска експедиција во потрага по нови видови на живот. Меѓутоа, случајно, експедицијата се претвора во спасувачка операција и опасна потера по вселенските пирати. Станува збор за долгометражен научно-фантастичен анимиран филм кој веднаш се здоби со легендарен статус на целиот советски простор.

„Преку трње до ѕвездите“, 1980. 

Екипажот на патролен брод за извидување со долг долет во вселената наоѓа уништен брод на непозната вонземска цивилизација. Откриваат дека сите мртви членови на меѓуѕвездениот вселенски брод се клонирани. Меѓутоа, меѓу мртвите клонови забележуваат жива девојка и решаваат да ја земат со себе за да откријат која е и од каде е.

Филмот покрена важно морално прашање за вештачки создадени организми со однапред одредени карактеристики, а неговата главна порака беше дека тоа во никој случај не е прифатливо.

„Јамката на Орион“, 1980.

Од седумдесеттите години на минатиот век, и во Советскиот Сојуз и на Запад (сетете се на „Блиски средби од трет вид“ на Стивен Спилберг), многумина беа загрижени за прашањето на безбедноста на контактите со вонземски цивилизации. А советскиот „Јамката на Орион“ беше токму за тоа. На границата на Сончевиот систем е регистрирано моќно зрачење кое полека ги излудува космонаутите. Земјаните го испраќаат вселенскиот брод „Фаетон“ на одредена локација за да го откријат неговиот извор. Излегува дека зрачењето било само сигнал од вонземјани. Тие сакале да ги предупредат Земјаните за страшна закана.

„Соларис“, 1972.

Филм на култниот режисер Андреј Тарковски, снимен во 1972 година според истоимениот роман на Станислав Лем. Филмот покренува бројни етички прашања на човештвото низ призмата на контакт со вонземска интелигенција, поради што, според резултатите од бројните анкети, се смета за еден од најважните научно-фантастични филмови во историјата на светската кинематографија.

„Планета на бурите“, 1961.

Филм за тешко патување до Венера каде што експедицијата пронаоѓа живот. Филмот на Павел Клушанцев користеше напредна технологија за „комбинирано снимање“ која ги надминуваше странските колеги. „Планета на бурите“ изврши големо влијание врз целата филмска фантастика. Летечката машина од овој филм беше позајмена за флипер во „Војна на ѕвездите“, а Ридли Скот го искористи дизајнот на космонаутот во неговиот филм „Прометеј“.

„Патот до ѕвездите“, 1957.

Филмот е комбинација од игран и научно-популарен филм. Го опишува животот и кариерата на Константин Циолковски, а потоа зборува за првиот лет на човекот во вселената и слетувањето на Месечината многу пред тоа навистина да се случи. Без оглед на тоа што техничките аспекти на летот беа далеку од реалноста, филмот шокираше со неверојатните за тоа време специјални ефекти.

„Аелита“, 1924.

Најверојатно првиот долгометражен филм за летот во вселената, впрочем, снимен пред сто години. Се смета за класика и важна етапа во светската кинематографија. Дејствието се врти околу марсовската кралица Аелита која сака да дознае повеќе за животот на Земјаните, и инженерот Лос кој тајно склопува вселенски брод за лет на Марс.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња