Два века од раѓањето на познатиот маринист: Ремек-делата на Алексеј Богољубов

А.П. Богољубов, „Виљ“, 1887.

А.П. Богољубов, „Виљ“, 1887.

Саратовски државен музеј „А.Н. Радишчев“
Благородник, внук на писателот Александар Радишчев, помoрски офицер и сликар, останал запаметен не само како одличен маринист. Тој успеал да го отвори првиот јавен музеј надвор од руската престолнина и да му даде име по својот дедо и покрај тоа што тој паднал во немилост на царот.

По завршувањето на Поморскиот кадетски корпус Алексеј Богољубов (1824-1896) стапил на служба во флота. Службата и благородничките пијанки не го спречиле времето да го посвети на својата главна преокупација, цртањето, кое му помагало да „состави крај со крај“. Младиот аматер црта опрема за бродови и карикатури и ја добива првата државна нарачка. Во низата пловидби заминува на островот Мадеира во 1848 година што имало судбинско значење, со оглед на тоа што таму го сретнал врвниот сликар Карл Брјулов кој позитивно се изразил за неговите дела. Сепак, за офицерот и иден голем сликар познанството со војводата Максимилијан Лихтенбершки, инаку и претседател на петербуршката Императорска академија на уметноста, кој со бродот „Камчатка“, чудо на техниката, пловел на едномесечно закрепнување на Мадеира било од непроценливо значење. Кога авторитативниот војвода му препорачал сериозно да почне да се занимава со сликарство, за Богољубов повеќе немало никакви дилеми. Потоа се запишал на Академијата како таканаречен незадолжителен слушател, не напуштајќи ја службата, поради средства за живот. За „Санкт Петербург на зајдисонце“ во три дела, поглед на Равел, од Академијата добил Голем златен медал.

„Поглед на Равел од море“, 1852.

Златниот медал подразбирал стипендија за повеќегодишно усовршување во странство. Во тоа време Алексеј Богољубов веќе ја напуштил поморската служба и во октомври 1854 година заминал за Венеција. „Топла венециска вечер, исплови полна месечина, како нарачана, ноќта падна на земјата како завеса. Тогаш Венеција уште повеќе ми се допадна. Црните гондоли правеа површината на каналот Гранде и лагуната да се прелеваат во сребрена боја. Сѐ добиваше тенка синкава коприна“, ги запишал своите впечатоци во „Белешките на морнарот-сликар“ Богољубов, признавајќи дека овој град ќе го слика до крајот на животот. Така и било, има насликано и нацртано најмалку сто верзии на Венеција.

„Венеција ноќе“, 1881 година.

Богољубов минал во странство шест години, проучувајќи ги ремек-делата на светското сликарство и усовршувајќи се кај странските колеги. Во Париз тоа биле Кутјур, сликар што работел на историски теми и маринистот Ежен Изабе, дворски сликар на францускиот крал Луј Филип Први. Во француската престолнина се запознал со Енгр, подоцна со Коро, Добини и Русо. Во Дизелдорф ги откривал тајните на реалистичкото сликарство во ателјето на пејзажниот сликар Андре Ахенбах и под „негова диригентска палка“ насликал неколку големи дела, вклучувајќи го и „Панаѓур во Амстердам“, програмски труд, симболично сумирајќи го периодот што го минал како стипендист. Во Русија Богољубов се вратил кон крајот на 1860 година со голем број слики и скици коишто со успех биле претставени на изложба во Академијата, со што неговиот статус на голем сликар бил само потврден. Императорот Александар Втори не штедел пари за „Панаѓур во Амстердам“ и сите слики за Кримската војна што настанале во периодот од 1853 до 1856 година. Уметникот од царот добил нарачка да ја овековечи историјата на поморските битки на Петар Велики во циклус слики.

„Панаѓур во Амстердам“, околу 1859 година.

Богољубов уште во текот на животот станал славен како сликар-маринист и мајстор на воени сцени без конкуренција, благодарение, меѓу другото, на искуството како поморски офицер. Сликал сцени на поморски битки од времето на Петар Велики па сѐ до Руско-турската војна (1878-1887). На циклусот слики посветен на поморските битки на Петар Први работел во седмата и во осмата деценија на деветнаесеттиот век, непрекинато патувајќи. На сликата е прикажана сцена на првата победа на руската флота на море во моментот кога рускиот адмиралски брод „Портсмуд“ испукува плотун на шведски брод. Богољубов скицата заедно со други дела, ја подарил на Музејот Радишчев во Саратов кој инаку го основал самиот во 1885 година. Тоа бил првиот јавен музеј во Русија кој се наоѓал надвор од престолнината. Работата на основање на музејот претставува негово животно послание во кое има вложено многу труд, особено за установата да го понесе името на неговиот дедо по мајка Александар Радишчев, писателот на „Патување од Петербург во Москва“, кој паднал во немилост на царот. Во тоа многу му помогнало пријателството со Александар Трети. Меѓутоа, во царевото најблиско опкружување тоа предизвикало озборување и чудење како музејот можел да добие име по револуционер. Својот имот и 200 илјади рубли Богољубов ги оставил на музејот.

„Прва битка на руската флота против Шведска под команда на Н. А. Сењавин во близина на островот Езел“, 1866 година.

Со братот Николај, морнар и писател, Богољубов во 1861 година тргнал на патување по Волга за потребите на водичот по регионот што планирале да го направат. За Богољубов кој претходно долго живеел во странство ова било запознавање со својата земја која, како што самиот велел, малку ја разбирал. На негово изненадување во Јарослављ од Богојавление до доцна есен се одржувале повеќе од дваесет литии. Тие го окупирале неговото внимание и станале една од главните теми на неговиот опус. Неколку години подоцна сликарот поминал пет дена во Јарослављ во состав на свитата на великиот кнез Николај Александрович кој купувал слики од него. По ненадејната смрт на принцот тие се нашле во збирката на идниот император Александар Трети кој покрај сликите, како што е познато, од постариот брат „во наследство“ добил и невеста, данската принцеза Дагмар, идната императорка Марија Фјодоровна.

„Литија во Јарослављ“, 1863 година.

Богољубов не бил само еден од омилените сликари на Александар Трети, туку и негов пријател кој ја подучувал Марија Фјодоровна да слика. Успеал и да формира императорска збирка од 800 предмети растурени по разни дворци. Александар Трети во 1870 година во знак на признание закачил триесеттина слики на уметникот во трпезаријата на Александровскиот дворец и го нарекол „Салон на Богољубов“. А, оваа слика се наоѓала во кабинетот на Александар Трети во Аничковиот дворец, неговата рездинеција.

„Рибарски брод влегува во пристаништето Сан Валери ен Ко“, 1859 година.

По 1873 година Богољубов поради проблеми со срцето постојано живеел и работел во странство и ретко доаѓал во татковината. Тоа, меѓутоа, воопшто не му пречело да биде во тек со сето она што се случувало, да учествува на изложби на передвижниците, благодарение на своето влијание им помага на младите уметници. Така во 1885 година неговото залагање придонело за симнување на забраната за изложување на сликата на Иљја Репин „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581 година“ којашто не му се допаднала на Александар Трети. Исто така успевал да издејствува нарачки за сликари, меѓу другите за Поленов, Сависки и Крамској. Создавачите од Русија во Париз редовно го посетувале ателјето на Богољубов во Ру де Рома бр. 95, познато и како „Руски Париз“ и куќата на пејачката Полина Виардо во која настани во знак на поддршка на руската младина организирал еден од нејзините покровители писателот Иван Тургенев. Круна на „вторниците“ кај Богољубов и на „четвртоците“ кај Тургенев било организирањето на „Друштвото за заемна парична помош на руските сликари“. Паралелно се одвивало организирање воено-политички сојуз на Руската Империја и Третата француска република.

„Тулон“, 1893.

По посетата на француската ескадра на Кронштадт, во Тулон во 1893 година отишла руската ескадра на адмиралот Авелан што претставувало клучен настан во приближувањето на двете земји и резултирало со Француско-руски сојуз. Богољубов станал најважна културна врска помеѓу Франција и Русија и императорот го избрал за официјал сликар којшто ќе ја овековечи церемонијата во Тулон. Непосредно пред смртта добил орден витез на Легијата на честа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња