Седум ремек-дела на Борис Григорјев кои вреди да се видат

Борис Григорьев/Государственный Русский музей; Научно-исследовательский музей при Российской академии художеств; Музей А.М.Горького ИМЛИ РАН
Исклучително популарен на Запад во 1920-тите и 1930-тите, овој руски сликар до неодамна беше речиси заборавен во татковината. Многу од неговите дела се сметаа за изгубени.

Борис Григорјев е роден во Москва, а се школува и ја започнува својата кариера на Академијата за уметности во Петербург. Еден од истакнатите тогашни колекционери во главниот град беше Александар Коровин, сопственик на текстилни продавници, голем познавач на уметноста, личност со одличен вкус. Тој беше еден од првите што почна да ги купува делата на Григорјев и да зема часови по цртање од уметникот, со кого набрзо се спријатели. Значајно место во куќата на големиот естет Коровин зазема портретот на Всеволод Мејерхолд, дело на Григорјев. Најверојатно во куќата било и ова пано од Третјаковската галерија, со името на колекционерот.

Цвеќе. Декоративно пано, 1916.

Григорјев почнал да патува во странство уште додека се школува. Прво ги посетува роднините од страната на неговата мајка во Швајцарија (тој е вонбрачно дете на Клара фон Линденберг и банкарот Дмитриј Григорјев, семејството на таткото го прифаќа кога има четири години). Заминува за Париз како многу млад во 1913 година, и таму оди во приватната академија La Grande Chaumiere четири месеци, апсорбирајќи ги впечатоците и подготвувајќи се за конкурсот за слика на Академијата за уметности. Таму започнува неколку циклуси кои прикажуваат сцени од секојдневниот живот на париските пејачки, танчерки, циркуски уметници и проститутки. Подоцна сите се вклучени во циклусот „Интимност“ и во истоимената книга, објавена во 1918 година. Сликата „Улица на русокосите“ со париска куртизана во преден план беше на првата страница од книгата.

Улицата на русокосите, 1917.

Во периодот од 1916 до 1918 година, пред и по револуцијата, која остро ги поделува животите на многу луѓе, вклучувајќи го и самиот Григорјев, на „пред“ и „потоа“, уметникот работи на слики и цртежи од циклусот „Расеја“. Делата се покажани на изложби во Петроград и Москва и вклучени во истоимениот албум, издаден во 1918 година. На тие платна Григорјев слика селани во северниот дел на Русија, а на властите не им се допаѓа начинот на кој тие се прикажани, па албумот е забранет речиси до распадот на СССР. Григорјев со семејството го напушта Советскиот Сојуз во 1919 година и ја завршува работата над циклусот дури во емиграција, каде што се појавува уште едно проширено издание на албумот „Расеја“. Циклусот станува еден од најважните во работата на маестрото.

Село, 1918.

Григорјев одлично ќе се снајде во странство. Може да се каже дека никој од неговите сонародници не бил толку популарен и не изложувал толку често како тој. Уметникот пишува: „Денес сум најголемиот мајстор на светот. Не се извинувам за оваа реченица. Секој самиот треба да знае кој е, инаку нема да знае што треба да прави“. Огромното платно „Лицата на Русија“ е насликано во моментот на преселба од Берлин во Париз и на самиот уметник му било толку важно што никогаш не се разделил од него, освен на изложбите во Париз и Њујорк.

Лицата на Русија, 1921.

Многу угледни луѓе од руската култура од почетокот на ХХ век сонуваат да позираат за Григорјев. Тој има цела галерија на популарни современици. Поетите Сергеј Есенин и Велимир Хлебников, сликарите Иљја Репин и Николај Рерих, режисерот Всеволод Мејерхолд и оперскиот пејач Фјодор Шалиапин се само некои од неговите модели. Григорјев работи според моделот, внимателно регистрирајќи го лицето, движењето, бојата. Подоцна ги доработува портретите, без модел, нагласувајќи ја важноста на впечатоците, „кои можат да направат повеќе отколку работата според модел“, како што вели тој. На портретот на Горки на платно, покрај писателот кој му позира на Капри, се и јунаците од неговата драма „На дното“.

Портрет на Максим Горки, 1926.

Григорјев не живее во сиромаштија и може да купи куќа на Азурниот брег во Франција. Вилата го добива името „Борисела“ по сопствениците Борис и Ела. Меѓутоа, тој не се преселува веднаш, бидејќи во 1928 година добива понуда да стане професор на Академијата за уметности во Сантијаго. Ја прифаќа и, иако кариерата таму не му цвета, Григорјев успева да организира изложба во Аргентина и да ја обиколи Латинска Америка, сликајќи повеќе дела врз основа на мотивите на тоа патување. Таму ќе се најде уште еднаш, кон крајот на триесеттите години, кога доаѓа од САД.

Анди, 1929-1929

Сликата „Ревизор“ како и циклусот илустрации за романот „Браќа Карамазови“ спаѓаат во делата кои публиката во Русија ги нема видено претходно. Ги купува во странство за својот фонд „Врската на времето“ познатиот руски бизнисмен Виктор Векселберг. Тоа е последното дело на уметникот создадено непосредно пред неговата смрт, своевидно резиме на неговата креативност на полето на илустрацијата, која започнува уште во времето на неговото школување кога по нарачка на издавачот Александар Бурцев прави илустрации за руските класици. Сликата е вклучена во циклусот „Лицата на Русија“, што е своевидно продолжение на „Расеја“.

Ревизор, 1935.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња