„Добро е што главата не си ја заборавил!“ и други крунски фрази на руските учителки

Russia Beyond (Legion Media)
Последниот ред клупи е на руски „Камчатка“, а ѕвончето е за учителката. Најлошо е кога треба „да ти дојдат родителите“.

Веројатно сите ученици од Сахалин до Калининград ги слушнале овие фрази. Затоа што навистина се познати!

1. Добро е што главата не си ја заборавил! (А голову ты дома не забыл?)

Се случува ученикот да заборави дома учебник, тетратка, молив или домашната. Тогаш наставниците задолжително ја користат оваа фраза.

Козељск, 5 октомври 2017. Наставничката Марија Крилова на час во средното училиште бр.1.

2. Шума од раце (Лес рук)

„Кој сака на табла? Па, да, шума од раце“. „Кој ја знае разликата помеѓу синус и косинус? Повторно шума од раце“. Тоа всушност значи дека никој не кренал рака. А тоа понатаму значи дека наставникот „прашува по дневник“.

Првачиња на час. Ден на знаењето во Гимназијата бр. 2 во Владивосток.

3. Ѕвончето е за наставникот (Звонок для учителя)

Ѕвончето го потсетува учителот дека часот е завршен, но никој не може да оди на одмор додека сите не напишат што имаат за домашна. Во секој случај, токму тоа значи наведената учителска фраза.

4. Дојди ти седни на мое место, а јас на твоето (Давай ты сядешь на мое место, а я на твое)

Дали некогаш сте посакале да бидете на местото на учителката? Понекогаш таа нуди и таква опција, особено ако учениците не се многу мирни или ја бомбардираат со прашања кои немаат врска со материјалот. Вистина, таквата примамлива понуда секогаш останува само на зборови.

5. Излези и влези како што треба (Выйди и зайди как следует)

Оние кои доцнат на час не можат туку-така да влезат на час, тоа мора да го направат „како што треба“. Со други зборови, треба да тропнат на врата, да му се извинат на наставникот и одделението и дури кога ќе добијат дозвола тогаш можат да одат на своето место.

На одмор, Училиштето бр. 1392 „Д. В. Рјабинкина“

6. Сега ќе ги разместам овие муабетчии! (Я сейчас рассажу эту сладкую парочку)

Ова обично го кажува учителот или учителката за учениците кои си муабетат или се смеат на час наместо да ја следат наставата. Се разбира, многу позабавно е да планирате каде ќе одите после часовите отколку да се задлабочувате во вториот закон на термодинамиката.

 7. Засега ќе ти ставам единица со молив (Пока что ставлю двойку карандашом)

Доколку ученикот не го научи материјалот до утре, наставникот може да ја здебели двојката со пенкало (двојка е најниска оцена во образовниот систем на РФ – заб. на прев.), а тоа веќе ќе влијае на конечната оценка. Но, тоа е дури утре, денес ученикот може и да здивне, бидејќи сè уште не е сè изгубено.

Северна Осетија (Аланија), Ученици за време на одмор во средното училиште што го носи името на херојот на социјалистичкиот труд Саламгери Кокаев, село Хумалаг.

8. Кој тоа таму се смее на Камчатка? Кажи ни, сите да се смееме (А кто там смеется на Камчатке? Расскажите всем, вместе посмеемся)

Во Русија има многу региони кои се „на крајот на светот“, но поради некоја причина задниот ред клупи во одделението се нарекува Камчатка. Тоа е омилена позиција на повторувачите и на оние кои не се подготвиле за час. Таму се понезабележителни.

9. Сакате и оцената да ја поделите? (А оценку я вам на двоих ставить буду?)

Дали некогаш сте препишувале на час? Ако е така, тогаш веројатно сте ги слушнале овие зборови од вашиот наставник.

10. Утре да ти дојдат родителите! (С родителями в школу!)

Наставникот го вели тоа само во екстремни ситуации, кога ученикот се однесува многу лошо. Прво ги вика родителите на разговор, а потоа може да го испрати и кај директорот. Страшно-страшно!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња