Сурхарбан: Како се слави во Сибир главниот летен празник

Павел Кузмичев
Додека јунаците како од бајките се натпреваруваат во бурјатско борење, гаѓање со лак и стрела и коњски трки, гледачите навиваат толку возбудено што случајно изедуваат неколку килограми од традиционалното јадење „бузи“ и километри печиво „чебурек“.

Сибирска жега во Бурјатија. На 30 степени се чувствувате како да е 50. Полудените коњи јурат со сета сила, до финишот остануваат неколку секунди. Трибините замираат во исчекување.

И тогаш еден од лидерите во трката, ждребецот по име Погром, го исфрла својот јавач од седлото и исчезнува во долината. Општа конфузија, се појавува брза помош. Но, јавачот е своеглав како и неговиот коњ. Трча по него, го враќа на стартот и стигнува до целта.

Вака на почетокот на јули во главниот град на Бурјатија [руска република во близина на Бајкалското Езеро во Источен Сибир], градот Улан-Уде, се одржа древниот културно-спортски фестивал Надан-Сурхарбан. Во таа пригода најдобрите спортисти се натпреваруваат во традиционално борење, гаѓање со лак и стрела, коњски трки „мори урилдан“ и кршење коски со раце. Никогаш не сте виделе такво нешто!

Родени во седло

Се наоѓаме на хиподромот на Јангажинскиот дацан, 50 километри од главниот град на Бурјатија (тука на почетокот на XX век старешина на манастирот беше будистичкиот подвижник Даши-Доржо Итигелов). И покрај големата оддалеченост од градот и горештините, околу десет илјади луѓе дојдоа да ги следат натпреварите.

„Родени во седло“ - вака гледачите воодушевено ги коментираат вештите јавачи, додека тие со полна брзина јурат по степските долини, мајсторски престигнувајќи се еден со друг на опасните кривини. За да научат такви маневри, спортистите често за прв пат седнуваат во седло штом проодат.

Специфичноста на трката е што во неа учествуваат главно коњи од бурјатска раса, автохтони животни, ниски и лесни, но неверојатно издржливи. Вкупно се натпреваруваат во 9 дисциплини, од 1.200 метри до 21 километар.

Јавачите се вознемирени. Топло е, бучно, а карактерот на нивните коњи е таков што повеќе би сакале да избегаат од сето тоа. Тие се како ветрот во полето. Само маж роден во седло може да се справи со нив.

Три машки игри

Празникот Надан-Сурхарбан потекнува од дамнина. На тој ден се натпреварувале најдобрите воини меѓу номадите. Се одржува во текот на летото, во времето кога е завршена сеидбата на нивите, а сé уште не е време за косење. Локалните жители дури велат дека летото почнува дури по Сурхарбан.

„Надан“ се преведува како „игра“, а „Сурхарбан“ како „гаѓање во сур (кожна мета)“. Главните натпревари се: гаѓање со лак и стрела, бурјатско борење и коњски трки. Празникот порано се нарекувал така - „три машки игри“. Денеска му се додадени и други натпревари, како кршење коски со голи раце, кревање стап од 6 метри од коњ во трк, игри со коски „шагај надам“, вид шах наречен „шатар“, исто така. како показни настапи на стрелци на коњи.

Борба до крај

Од рано утрото се полнат трибините на Централниот стадион на бурјатската престолнина. Многумина доаѓаат од далечни региони само за да ги поддржат своите земјаци.

Бурјатското борење е вистинска уметност во светот на спортот. Учесниците настапуваат во шарени шорцеви со традиционални појаси. Пред почетокот на борбата тие изведуваат „орелски танц“ за да го исплашат противникот.

Една борба трае 5 минути. Поразениот во знак на почит поминува под раката на победникот. Годинава првото место го освои Баир Омоктуев, шампион на Русија, Европа и светот во самбо. Вистинска легенда на спортот!

Не помалку ефективно беше финалето во кршење коски со голи раце „hээр шаалга“. Натпреварувачот зема коска од големо говедо во едната рака и ја крши со ненадеен удар со тупаница на другата рака. За најдобар кршач на коски беше прогласен младиот спортист Валериј Лубсанов, кој се натпреварува само две години. За време на натпреварот скрши дури 26 коски!

Најпознатиот стрелец на Русија

А потоа во арената излегуваат стрелците: сите носат долги бурјатски костими со конусни капи. Вистина, во некои од нив под скутовите на наметките се забележуваат најмодерни патики. До метата има 45 метри, речиси е невозможно да се распознае од другиот крај на арената. Но, вистинските стрелци не се залажуваат. Еден од нив мирно ја затега тетивата и гаѓа прецизно - право во целта! „Најважно е добро да нанишаните и да го следите вашето чувство“, ни објаснува тој.

Потоа излегува дека тоа е еден од најпознатите спортисти на Русија, повеќекратен шампион на земјата и Европа, учесник во Олимписките игри во Сиднеј и Атина, Балжинима Циремпилов. А неколку часа подоцна Циремпилов ги надминува останатите учесници и излегува како победник на Сурхарбан.

Повеќе од спорт

На победниците во финалето им доделуваат награди најубавите девојки на Бурјатија. По тој повод тие беа избрани неколку дена порано во директен пренос. Имено, токму за таа цел беше организирана емисија на локална телевизија!

25 девојки од различни делови на Бурјатија се натпреваруваа за честа да станат првата Дангина Сурхарбан (Дангина значи „убавица“). Тие ги покажуваа своите таленти, зборуваа за родниот крај, ја воодушевија публиката со познавањето на обичаите и културата. Сите девојки добија награди, а победничката доби и сребрена круна

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња