Тука нема никакви зли волшебници или грабливци кои ловат тревопасни животни. Основата на сижето на секоја епизода е односот помеѓу главните ликови кои со неисцрпна љубопитност го истражуваат светот околу себе, обидувајќи се да живеат хармонично, а притоа се борат само со внатрешните проблеми. Она што е уште поретко за детските цртани филмови, го нема ни главниот непријател на секоја радост - менталната дидактика.
Во Ромашковата долина живеат 9 јунаци - од зајак до лос. Авторите целосно се откажаа од „традиционалните“ мачки, глувци и кучиња. Тие бараа поинтересни животни, претежно од руските региони. Само како некаков вид егзотика, додадоа и пингвин. Сите јунаци се речиси совршено тркалезни. Уметниците намерно им го дадоа таквиот изглед за да може и некое дете да ги нацрта.
„Смешарики“ се намерно направени за да можат да ги гледаат деца на различна возраст. Се разбира, децата од предучилишна возраст се нивната главна публика. Но, серијата е интересна и за тинејџерите, па дури и за возрасните, а многу епизоди стануваат подобри колку повеќе ги гледате. Динамичниот заплет во најразлични жанрови - од вестерн до фантастика и детски трилер - ненаметливо ги поставува вечните прашања: како да се живее во заедница, како да се биде среќен, која е смислата на животот, конечно. И сето тоа за само шест минути!
Она што детето не може да го разбере на 5 години, ќе размисли за тоа кога ќе порасне малку. Во секој случај, хуморот е секогаш присутен. На руски името на серијата е комбинација од два збора: „смешной“ (смешен) и „шарик“ (топче). И тоа е сосема соодветно име: смешариките се навистина тркалезни и смешни.
Авторите не се откажаа од задоволството овде-онде да скријат неколку „подароци“ за возрасните. Посебно има многу алузии на руските филмски класици, од култната комедија на Ељдар Рјазанов „Внимавај, автомобил!“ до светски познатата драма „Вишновата драма“ на Антон Чехов.
Има дури и цела римејк-епизода на цртаниот филм на Јуриј Норштајн „Еже во магла“, но, како и секогаш, многу необична: Ромашковата долина има свое еже; еднаш како актер учествува во снимањето на научно-фантастичен филм, но работите излегуваат од контрола - сè е покриено со вештачки чад, а јунакот на филмот не ја пропушта можноста да се прошета и малку да филозофира во маглата.
„Смешарики“ упатуваат поздрав и до светската класика. Тие го цитираат „Форест Гамп“ (буквално викајќи му на едно јагне: „Трчај! Трчај! Трчај!“. Буквално се реконструирани сцената под тушот од „Психо“ и сцената со ливчињата од „Американска убавица“ (во двете сцени главната улога ја игра прасицата Њуша). А во една епизода наречена „Смислата на животот“ се комбинирани „Мртов човек“ на Џим Џармуш и „Сталкер“ на Тарковски.
Во цртаниот филм „Смешарики“, епизодите не се поврзани со една нишка на дејствието. Сите епизоди може да се гледаат поединечно и по кој било редослед. Меѓутоа, вистинските обожаватели со задоволство се обидуваат да ги поврзат сите настани во едно сиже, барајќи скриени мотиви или реконструирајќи ја врз основа на деталите „вистинската“ биографија на јунаците.
На пример, некои гледачи се убедени дека мечокот Копатич некогаш бил војник и ја објаснуваат неговата сомничавост со посттрауматско стресно нарушување. Најнеобичната теорија тврди дека смешарики егзистираат во мултиверзум сличен на универзумот на Марвел. Серијата неколку пати го менуваше форматот, почнувајќи од дводимензионална слика, преминувајќи во три димензии, па потоа враќајќи се во 2D.
А според едно толкување, серијата се состои од паралелни универзуми кои умираат кога сезоната ќе заврши, како во филмот „Одмаздници: Крај на играта“. Патем, беа опфатени и теми на заговор: во една епизода, зајачето Крош гледа сеопшта завера во сè.
Секогаш е тажно кога ќе заврши нешто добро. Децата во Русија ја знаат оваа вистина подобро од многу нивни врсници во странство, бидејќи старите руски серии беа катастрофално кратки. На пример, „Волкот и зајакот“ („Ну, погоди!“) имаше само 16 епизоди, „Вини Пу“ три, а „Карлсон“ две.
„Смешарики“ беа првите во Русија кои го изневерија овој лош обичај. Ако ги сметаме сите спинофи, а не сметајќи ги трите долгометражни филмови, веќе се снимени околу 700 епизоди, па серијата трае вкупно над 80 часа. Притоа „Смешарики“ и понатаму се снимаат. Секогаш е убаво кога нешто добро трае долго.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче