10 најважни советски филмови од педесеттите

Филмот „Жеравите летаат“, снимен во 1957 година, воопшто не потсетуваше на она што се снимаше во СССР пред тоа. Во него, речиси за прв пат, главните ликови не беа шаблонски „правилни луѓе“, туку човечки несовршени.

1. „Верни другари“ (Верные друзья), 1954.

Сашка, Борка и Васка од предградијата на Москва некогаш се заколнале дека дефинитивно ќе одат да сплаварат на голема река. Триесет години подоцна тие ги оставаат сите свои обврски и се собираат за да го остварат тој сон.

„Верни другари“ е една од најуспешните и најпопуларните советски комедии. Но, таа за малку немаше да се појави поради самоволието на чиновниците. Тие бараа сплавот да се замени со пароброд, бидејќи, според нив, на угледните луѓе не им доликува да се занимаваат со такви детски работи. За среќа, авторите успеаја да ја одбранат својата идеја.

2. „Максим Препелица“, 1955.

Максим Препелица е весел и снаодлив момчак од украинско село, истовремено крајно мрзлив и лекомислен. Неговите лудории го вознемируваат целото маало. Кога Максим ќе добие повик за војска, селаните ќе се понадеваат дека војската може да направи човек од него.

Токму во филмот „Максим Препелица“ за прв пат на големото платно се појави автоматската пушка „Калашников“, примена во вооружувањето  во 1949 година.

3. „Случајот Румјанцев“ (Дело Румянцева), 1955.

Возачот Саша Румјанцев врши рутинска работа на испорака на стока, не сомневајќи се дека криминалците подготвуваат заговор против него. На крајот, товарот е украден, Румјанцев е уапсен и сега треба да даде сé од себе за да ја докаже својата невиност.

Еден од првите советски детективски филмови е снимен во Талин и првично шефот на криминалната банда беше Естонец. Чиновниците сметаа дека тоа поттикнува меѓуетничка омраза, па авторите мораа да го направат главниот негативец Русин кој се претставува како Естонец.

4. „Карневалска ноќ“ (Карнавальная ночь), 1956.

Работниците на Домот на културата се подготвуваат за костимиран новогодишен бал, кога во нивните планови се вмешува в.д. директорот Серафим Огурцов. Нему не му се допаѓа веселата програма и има намера да ја замени со здодевна бирократска содржина. Колегите, се разбира, не се согласуваат со тоа.

Пред прикажувањето во кината, „Карневалска ноќ“ го гледаа чиновници, кои оценија дека филмот е многу неуспешен. Затоа, премиерата на музичката комедија се одржа тивко и без реклама. На изненадување на сите, филмот доживеа огромен успех кај публиката. Не само што стана најгледан во кината, туку според магазинот „Советски екран“ беше прогласен за најдобар филм во 1957 година.

5. „Пролет во улицата „Заречнаја“ (Весна на Заречной улице), 1956.

Наставничката по руски јазик и литература Татјана Левченко се вработува во вечерното училиште за работниците на металуршкиот комбинат. Но, тоа не е лесна работа. Не само што неодамна дипломираната наставничка нема работно искуство, туку и нејзините ученици се на иста возраст со неа или дури и значително постари од неа.

Името на улицата „Заречнаја“ го измисли авторот Феликс Миронер. По големиот успех на филмот, низ Советскиот Сојуз почнаа да се појавуваат улици со ова име и денес ги има во повеќе од 30 градови.

6. „Жеравите летаат“ (Летят журавли), 1957.

Борис и Вероника планираат да се венчаат и се чини дека ги чека прекрасна безгрижна иднина. Меѓутоа, ненадејниот почеток на војната ги нарушува сите нивни планови и станува искушение за нивните чувства.

Актерите не се штедеа себеси на снимањето. Татјана Самојлова во улогата на Вероника доби туберкулоза, но не престана да работи, а Алексеј Баталов, кој ја толкуваше улогата на Борис, дури и заврши на операционата маса поради сериозна повреда на лицето. Благодарение на вештите хирурзи, сé помина во најдобар ред.

„Жеравите летаат“ е единствениот советски долгометражен филм кој ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал.

7. „Тихиот Дон“, 1957.

Играниот филм во три дела според истоимениот роман на Михаил Шолохов раскажува за сложената судбина на донското козаштво за време на Граѓанската војна во Русија, кога роднините и блиските пријатели се најдоа на спротивните страни од барикадите. Во центарот на приказната е личноста на козачкиот командант Григориј Мелехов, кој преминува од еден во друг спротивставен логор, обидувајќи се да сфати кој пат е правилен.

„Тихиот Дон“ е снимен во козачките краишта на советскиот југ, каде сè уште живееја учесниците во тие трагични настани. Така тие се појавуваат како главни консултанти на филмот, кои им објаснија на актерите како да станат вистински Козаци.

8. „Висина“ (Высота), 1957.

Филмот е посветен на обичното секојдневие на советските градители на високи печки. Тие секојдневно ги ризикуваат своите животи, искачувајќи се на големи висини. Притоа мораат да решаваат и низа проблеми во приватниот живот.

Сцените што се случуваат на голема висина се снимени со метод на комбинирано снимање. Актерите снимени во студио се комбинирани со позадина снимена во природа.

Во исто време, овој дел од сцените е снимен за време на вистинската изградба на високата печка на металуршкиот институт во Днепроѕержинск (денес град Каменское во Дњепропетровската област) на височина од околу 40 метри. На снимањето беа постојано присутни каскадери, иако главните актери претпочитаа сите вратоломии да ги изведуваат самостојно.

9. „Судбината на човекот“ (Судьба человека), 1959.

„Судбината на човекот“ е дебитантско остварување на Сергеј Бондарчук, кој подоцна се прослави со екранизацијата на романот „Војна и мир“ и филмскиот спектакл „Ватерло“. Тој ја игра и главната улога во филмот.

Филмот е прогласен за најдобро остварување за 1959 година според анкетата на магазинот „Советски екран“, а освои и награди на меѓународни филмски фестивали во Чехословачка и Австралија.

10. „Балада за војникот“ (Баллада о солдате), 1959.

Војникот Алексеј Скворцов уништува од противтенковско оружје два германски тенка, па командата решава да му дозволи да си оди дома и да ја посети мајка си. Филмот раскажува за ова негово ни малку едноставно патување, каде на самиот почеток се најавува дека војникот не ја дочекува Победа.

Филмот „Балада за војникот“ беше прикажуван со голем успех и во Советскиот Сојуз и во странство. Ја освои специјалната награда на жирито на Канскиот филмски фестивал, а исто така беше номиниран за Оскар во категоријата „Најдобро оригинално сценарио“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња