Зошто главната режисерка на Третиот Рајх Лени Рифенштал ја посети Русија

Legion Media
Лени Рифенштал снимаше филмови по нарачка на Хитлер и Гебелс. Во нив го креираше визуелниот идентитет на националсоцијализмот, а со тоа се етаблираше како активен промотер на Третиот Рајх. Во 2001 година таа дојде на филмски фестивал во Русија за да прими награда за придонес во филмската уметност. Како дојде до тоа?

Годишниот меѓународен фестивал „Порака до човекот“ се одржува во Санкт Петербург од 1989 година. Како што се наведува во првиот правилник, фестивалот е основан „со цел да придонесе за контакти и размена на идеи меѓу филмските творци од различни земји, кои во своето творештво ги разгледуваат темите на доброто, социјалната правда и мирот“. Во тој контекст, поканата испратена до Лени Рифенштал за учество на фестивалот во 2001 година изгледа навистина необично.

Режисерката се запозна со Адолф Хитлер во 1932 година. А веќе следната година, министерот за пропаганда Јозеф Гебелс ѝ предложи да сними филм за митинг на Националсоцијалистичката германска работничка партија. Потоа сними уште неколку филмови посветени не само на партиските митинзи, туку и на Летните олимписки игри во Берлин 1936 година.

Во април 1945 година Американците ја уапсија Лени Рифенштал. Во 1948 година, за време на процесот на денацификација, таа беше ослободена од обвиненијата.

56 години по падот на Хитлерова Германија, Лени Рифенштал дојде во Русија на фестивалот на документарниот, краткометражниот, анимираниот и експерименталниот филм.

Нејзините остварувања „Триумф на волјата“ и „Олимпија“ беа прикажани во рамките на специјалната програма „Документарниот филм во тоталитарните држави“. Беше планирано да се прикаже „Триумф на волјата“, посветен на митингот на Националсоцијалистичката партија, во едно од најстарите кина во Санкт Петербург, „Аврора“. Тоа кино не престана да работи ниту за време на опсадата на Ленинград.

Поради масовни протести, проекцијата на филмот на Лени Рифенштал беше преместена во „Домот на филмот“ и се одржа зад затворени врати.

Директорот на фестивалот Михаил Литвјаков на режисерката ѝ врачи награда за придонес во кинематографијата. Јавноста се подели на два табора: едни зборуваа за лицемерие и протестираа што Германката која по наредба на фирерот снимаше филмови и делумно сноси одговорност за настаните од минатиот век во Санкт Петербург ја дочекуваат со почести. Додека другите ѝ се радуваа на можноста да ја запознаат живата легенда на филмската уметност.

Во секој случај, Михаил Литвјаков две години по филмскиот фестивал помина одејќи по различни инстанци сé до Државното обвинителство и Државната Дума, објаснувајќи зошто го покани на гости најконтроверзниот филмски творец на XX век.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња