Членовите на групата „Корољ и Шут“ (Крал и Шут) Михаил Горшењов и Андреј Књазев (од лево кон десно) во текот на претставата на територијата на Зелениот театар на отворено во паркот „Горки“.
Максим Шеметов/TASSВо средината на 1990-тите се чинеше дека на секој агол можете да ги слушнете песните „Шумар“ (за волци-канибали) и „Куклата на бајачот“ (за девојка која станала жртва на црна магија). Но, моментите на слава брзо минуваат. Со текот на времето, музичкиот вкус се менуваше заедно со генерациите, така што денес во мода е сосема поинаква музика. И одеднаш, хитовите на групата „Корољ и Шут“ повторно се најдоа на топ листите, а серијата за историјатот на бендот ги руши рекордите на гледаност. Како се случи тоа? Спојлер: помогна TikTok.
Настап на групата „Корољ и Шут“ во Зелениот театар на отворено, Парк „Горки“, Москва, Русија.
Антон Белицки/Global Look PressРуската панк-музика на почетокот на 1990-тите беше концентрирана во неколку градови. Вечните ривали Москва и Петербург беа засенети од сибирскиот Lo-Fi. Имаше многу стилски варијации, од ска-панк до нојз. Меѓутоа, петербуршката група „Корољ и Шут“ се издвојуваше дури и во такви околности. Во нивните песни немаше критика на општеството ниту непристојни изрази. Тоа беа вообичаените симпатии кон анархизмот и панкерски „драјв“ во кожни јакни, но во комбинација со поетски мотиви од бајките и фантастиката. Секоја песна е мал злокобен мјузикл со неочекуван расплет. А соло виолината е нешто сосема нечуено во панкот!
Лидерот на групата „Корољ и Шут“, Михаил Горшењов „Горшок“
Photoagency Interpress/Global Look PressЗвучи малку чудно, но и двајцата фронтмени, Андреј Књазев (Књаз) и Михаил Горшењов (Горшок), истакнуваа дека првата плоча со рок- музика што ја слушнале во животот била советската аудио-снимка на театарскиот мјузикл „Бременските музиканти“. (1969). Тие момци очигледно, како што велат, „пораснале, но не израснале“, па всушност се надоврзале на „Бременските музиканти“. Додека The Misfits, како родоначалници на американскиот хорор-панк, го преземаа дејствието од научно-фантастичните и хорор филмови од Б продукција, „Крал и Шут“ беа инспирирани од западноевропскиот фолклор, т.е. од волшебниците и вештерките, иако можеше да се појави и словенски вампир или воден дух, како и Дагон од расказот на Лавкрафт или морски разбојници кои се очигледна реминисценција на франшизата „Пиратите од Карибите“.
Членот на групата „Корољ и Шут“ Андреј Књазев „Књаз“ на годишниот фестивал на руска рок-музика „Инвазија“ (рус. „Нашествие“) во Тверската област.
Александар Рјумин/TASSДвајцата лидери одлично се надополнуваа. Књазев го напиша најголемиот дел од стиховите, а Горшењов ја компонираше музиката. Често пееја во дует. Тоа беа два импресивни баритона, со тоа што Књазов беше малку повисок. Покрај интересната боја на гласот, Горшок ја воодушевуваше публиката и со својата неверојатна енергија. Во секоја песна како актер се соживуваше со улогата. Неговиот лик на концерт беше очигледна алузија на средновековен лакрдијаш, поради „чироки“ фризурата која наликуваше на лакрдијашка шапка и беззабата насмевка што Горшок ја „заработил“ како дете кога останал без четири заба поради облог со други деца дека без раце, само со заби ќе се држи за шипка и така ќе виси на неа.
На концерт во клубот Arena Moscow, солистот Михаил Горшењов „Горшок“ и гитаристот Александар Леонтјев „Ренегат“ (од лево кон десно).
Владимир Астапкович/SputnikЗа само неколку години „Корољ и Шут“ стана најпопуларната панк-група и еден од најпознатите бендови во земјата. Собираа голема маса на луѓе на концертите, настапуваа како хедлајнери на најважните фестивали, свиреа како предгрупа на концертите на The Stranglers и The Exploited и ја добија наградата MTV Russia. Песната „Ќе скокнам од карпа“ (руски: „Прыгну со скалы“) во 2000 година цели шест месеци беше на врвот на топ-листата на „Наш радио“, најпопуларната рокерска радио-станица во Русија. На ранг-листата на 500 најдобри руски рок-песни (составена од истата станица), оваа песна го зазеде 19-тото место, додека на прво место беше веќе споменатиот „Шумар“ (руски: „Лесник“).
На музичкиот фестивал „Инвазија-2012“, Тверска област.
Владимир Астапкович/SputnikСо други зборови, во текот на 2000-тите во Русија немаше никој што не слушнал за групата „Корољ и Шут“ или што не слушнал барем една нивна песна. Тие станаа „народен“ бенд. Од друга страна, со растот на популарноста, сé повеќе им се припишуваше репутација на „уличен бенд“, бидејќи малолетните деликвенти доаѓаа на концерти за да се „забавуваат“, т.е. да ги врескаат зборовите на песните, да пијат пиво и да иницираат тепачки. Музичките критичари не го криеја својот презир, а и меѓу љубителите на рокот долго време не беше престижно јавно да се изразува симпатија кон овој бенд.
Михаил Горшењов како Свини Тод (во втор план) и пејачот Никита Селедцов како Месар (седи), сцена од зонг-операта „TODD“ на режисерот Владимир Золотар.
Валериј Шарифулин/TASSИ во самиот бенд имаше спротивности кои го нагризуваа одвнатре. Горшок сакаше да има повеќе панкерски максимализам и тежок ритам во духот на The Exploited. Јавно зборуваше дека ги мрази фолк-рок песните „Ќе скокнам од карпа“ и „Куклата на бајачот“, кои Књазев ги напиша сам и ги изведуваше без Горшењов, иако токму тие две песни ја извадија групата „КиШ“ од панкерското гето и ѝ донесоа популарност во целата земја. И, најпосле, форматот на кратки бајки сам по себе тешко му паѓање на Горшењов – нему му требаше многу „поширока приказна“. Инспириран од филмот на Тим Бартон за Свини Тод, тој дојде на идеја да направи голем мјузикл за познатиот сериски убиец-бербер. Књаз одби да учествува во тоа, па во 2011 година ги напушти КиШ и основаше свој бенд.
Горшок навистина постави хорор зонг-опера „Todd“ и во неа ја одигра главната улога, но ненадејно почина летото 2013 година, три недели пред неговиот 40-ти роденден. Тогаш групата „Корољ и Шут“ и официјално престана да постои.
Групата беше на врвот на својата популарност во текот на 2000-тите, но не може да се каже дека брзо падна во заборав по смртта на Горшењов. Генерацијата која израсна на песните на „Корољ и Шут“ не ги заборави своите идоли. Хитовите на овој бенд сè уште се вртат на радио, редовно некој ги препејува, а навивачите на фудбалскиот клуб „Зенит“ дури и скандираа на мелодијата на „Куклата на бајачот“ (руски: „Кукла колдуна“). Меѓутоа, на почетокот на 2020-тите, се случува нешто необично. Сега групата „Корољ и Шут“ повторно станува многу популарна.
На последното испраќање пред закопот на Михаил Горшењов, солистот на групата „Корољ и Шут“ во Палатата на спортовите „Јубилеј“
Руслан Шамуков/TASSСè започна од една кавер-верзија на телевизиското шоу „Голос“ (руски: „глас“). Имено, во декември 2020 година, Дмитриј Венгеров ја отпеа „Куклата на бајачот“ (клипот на YouTube имаше 1,6 милиони прегледи), а во јануари 2021 година, победникот на „Песна на Евровизија“ Александар Рибак ја отсвири истата песна на виолина, а тој клип имаше над 300.000 прегледи на TikTok. Песната неочекувано стана вирален хит, па со себе ги повлече и другите, така што денес клиповите на ТикТок со хаштагот #корољишут имаат веќе 50,4 милиони прегледи, а со хаштагот #куклаколдуна дури 144,1 милион. И тоа е само врвот на сантата мраз. Хитовите се проширија на интернет и во вид на мимови, така што сега многу луѓе ги пеат и на нив монтираат аматерски клипови. Зумерите кои не ги наследиле предрасудите на своите родители сметаат дека песните на „Корољ и Шут“ имаат одлични текстови, рифови кои лесно се паметат и добри аранжмани. Младината им ги „отвори очите“ и на музичките критичари, така што дури сега се појавуваат првите сериозни написи за творештвото на оваа група.
Рекордните бројки не останаа незабележани. „КиноПоиск“, еден од најголемите руски видео-сервиси, даде „зелено светло“ за создавање серија за кариерата на групата во 8 епизоди. Тоа е единствениот преседан во руската филмска индустрија, каде биографски филмови обично им се даваат на културните херои од советската ера. Продуцентите не згрешија. Во март се појавија првите две епизоди на серијата „Корољ и Шут“ и за шест дена ги погледнаа 1,3 милиони претплатници, што е апсолутен рекорд на таа платформа. И самиот бенд направи триумфално враќање на музичките топ-листи. На почетокот на месецот, првите три места по слушаност на сервисот „Јандекс мјузик“ ги зазедоа песни на „Корољ и Шут“, а дури 22 нивни нумери беа меѓу 100-те најслушани.
Гледачи на концертот на групата „Корољ и Шут“, одржан во рамките на прошталната турнеја во знак на сеќавање на лидерот на бендот Михаил Горшењов, во клубот Stadium Live.
Владимир Астапкович/SputnikПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче