10 легендарни украсни предмети во СССР

Russia Beyond (Legion Media, avito.ru; Public Domain)
Советскиот Сојуз имаше сопствена естетика и таа немаше корени во советската архитектура и во парадите, но буквално од она што граѓаните на СССР го држеа во своите станови. Ова е наш избор на најтипичните украси од советскиот ентериер.

1. Милје од тантела

Станува збор за семејно милје што го има плетено баба или мама. Снежнобелите „салвети“ со тантела служеа како украс на перниците спакувани еден на друг, на комодите, на масичките во дневната соба, на телевизорите и на разни други празни површини.

Рачната работа, инаку, беше популарно хоби во Советскиот Сојуз, а ова беше само еден начин за негова практична примена. Милјето на телевизорот беше практичен во таа смисла што се сметаше дека тоа го штити скапоцениот апарат од правот однадвор, а воедно го штити и екранот од директните сончеви зраци за кои се сметаше дека штетно влијаат на техниката и дека мониторот со катодна цевка на сонце може да „изгори“.

2. Фигуринки од порцелан

Производи од Ленинградската фабрика за порцелан од збирката на Државниот музеј за керамика и „Имотот Кусково од 18 век“, 1969 година.

Порцеланот во СССР беше мошне популарен, па од него често се правеа и украси. Порцелански балерини, овчарки со овчи, животинки, бисти на политичари или на советски класици – сето тоа беше симбол на благосостојба и на изобилство во облик на седум мали слонови. Секое семејство ги имаше овие симпатични предмети од порцелан.

Рускиот порцелан се стекнал со слава уште во царска Русија. Од средината на 18 век станал познат во светот, и ценет исто како и кинескиот и европскиот порцелан. Кога комунистите дошле на власт, ги национализирале царските претпријатија и набргу му понудиле на светот нови, пролетерски фигуринки.

Размерот на „порцеланската треска“ може да се согледа по бројот на претпријатијата во кои е правен. Во целата земја имало над триста. И речиси секој производител имал сопствен стил и историјат. Оттука не е ни чудо што граѓаните на СССР ги доживувале порцеланските фигуринки како вообичаен секојдневен украс.

3. Теписи со орнаменти на подот и на ѕидовите

Владимир Иванец сo мајка си Фаина Алексеевна.

Страста на Советите кон масивните теписи со орнамент што стоеле на подовите и на ѕидовите одамна станаа општопознато меме. Но, за човек кој живеел во советско време ова беше нешто што едноставно мора да се има. Без таков тепих, станот или куќата се третирале како невселени (не е шега, тешко е да се замисли советски стан без ниту еден тепих).

Теписите со јарки бои ја разбиваа монотонијата во советските панелни згради, а воедно вршеа и други важни функции, односно служеа како звучна и топлинска изолација на подот и на студените бетонски ѕидови.

Семејствата со просечни финансиски можности купуваа машински изработени теписи, а оние што можеа да си дозволат рачна работа често по теписи одеа во Туркменистан, Азербејџан и во Ерменија. Ваков тепих се третираше како добра инвестиција и преминуваше кај потомците во наследство.

4. Есцајг од алпака-сребро

Есцајг од алпака-сребро (монел на метал) од СССР.

Советите сметале дека престижен прибор за јадење многу зборува за статусот на сопственикот. Секако, немаше доволно пари за вистинско сребро, но монел металот беше доволно сјаен и елегантен. Оваа легура од бакар и никел на многумина им се допаѓаше. Од неа се правеа предмети „како на дворот“. Често тоа беа копии на царски есцајг.

Алпака-среброто имаше само една мана – брзо темнееше, па есцајгот мораше да се чисти.

5. Каскаден лустер

Работничка на промоција на лустерот „Каскада“ од полистирен, 1978, Баку, Азербејџанска ССР.

Се сметаше дека кристален лустер е идеален во секој простор (дури и во еднособен стан). И секако, секој сакаше да го има. Луѓето беа подготвени да жртвуваат цело богатство за огромен чешки „убавец“ со кристални висулки. Многумина го носеа од службен пат, понекогаш и со намера да го препродадат.

Ваквите скапоцени украси не беа за секој, но побарувачката не опаѓаше, па советската индустрија започна да прави каскадни лустери за обичните граѓани, но не од кристал, но од провидна пластика. Така се појавија мошне популарните лустери „Каскада“. Тие служеа како симболичен доказ дека народот не живее ништо полошо од кралевите и од царевите.

6. Кристална ваза

Инспекторката Људмила Лукјанова оценува производи, 1981, Салават, СССР.

Тешката ваза со дебели избрусени ѕидови секогаш беше изгланцана до сјај и задолжително се чуваше во витрина од стаклото. Кристалната ваза беше дел од најпопуларните украси на ентериерот во СССР.

Масивните вази се подаруваа во посебни пригоди – за свадба, во чест на некој важен јубилеј или по повод заминување во пензија. Помалите примероци, но задолжително со раскошно избрусен орнамент, беа вистинско решение за роденденски подарок за учителката „од благодарните родители“ или за шефот „од вработените“.

7. Гоблен со елени или мечки во шума

Вежбање на песна во придружба на бандура, 1960.

Гоблените ги „освоија“ советските станови по Втората светска војна. На почетокот тоа беа трофејни германски примероци, но набргу по нивен углед започна и домашното производство.

Необично е што и покрај мноштвото можни сцени секогаш се правеа едни исти, и тоа прилично примитивни. Најпопуларни беа елените во шума или мечките во борова шума (според сликата на Иван Шишкин). Честа беше и сликата „Напад на волци“ на Николај Сверчков, сликар на воени сцени од 19 век, како и „Трите витези“ на Виктор Васнецов.

8. Репродукции на руски сликари

Хостел за млади работници на Чељабинската фабрика за трактори,

Советскиот граѓанин добро го познаваше руското сликарство и можеше „како од пушка“ да каже кој ги насликал „’Рж“, „Девојката со праски“ или „Јавачката“ – сето тоа благодарение на фактот што добриот вкус подразбираше да се имаат репродукции на некои слики од Третјаковската галерија. Овие репродукции дури и се печатеа во многу списанија, од „Работничка“ до „Мал сликар“.

Најраспространети репродукции беа „Утро во боровата шума“ на Шишкин, Девојката со праски“ на Серов и „Непозната дама“ на Иван Крамској.

9. Сервис „Мадона“

Германски сервис „Мадона“

Секоја жена во СССР сонуваше за германскиот порцелански сервис „Мадона“. За разлика од советскиот порцелан, овој беше специфичен по тоа што имаше украсна слика во стилот на барок и позлата по краевите. Називот на сервисот, за волја на вистината, е типично народски, зашто никаде не беше прикажана „Мадона“. Најчесто беа застапени митолошки сцени.

Постоеја разни сервиси – за јадење, за кафе, за чај, но тие најчесто не служеа за својата намена, ами како украс стоеја во витрината зад стаклото. Особено беа популарни во седумдесеттите години од минатиот век, кога во Источна Германија сфатија дека постои голема побарувачка, па затоа започнаа со производство во големи партии.

10. Ѕиден часовник со кукавица

Склопување ѕиден часовник „Кукавица“ на фабриката за часовници во Сердобск, 1973 година.

СССР имаше сопствена верзија на ѕиден часовник со кукавица. Ваквите часовници ги правеше фабриката „Мајак“. Механичкиот часовник го отчукуваше времето на секој час така што од куќичката излегуваше птичка и издаваше карактеристичен звук. Ваквите часовници беа дефицитарна стока, како и сите останати украси. Поради тоа за нив секогаш имаше голема заинтересираност, како во земјата, така и надвор од нејзините граници. Секоја година се правеа над еден милион часовници за извоз во 44 земји ширум светот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња