Во СССР цензурата не го заобиколила дури ни жанрот научна фантастика. Меѓу другото, таа не можела да прикажува мрачни антиутопии, ами требало да даде слика на прогресот и на иднината во позитивна смисла. Сепак, писателите имале слобода да ја пуштат имагинацијата на слобода. Затоа Советскиот Сојуз бил преплавен со научнофантастична литература.
Списанијата „Наука и живот“, „Околу светот“, „Техника на младината“, „Знаењето е сила“ објавувале голем број дела од овој жанр, а специјално за нив најдобрите уметници изработувале илустрации, кои исто така добиле култен статус. Во шеесеттите години од минатиот век се појавија браќата Стругацки, Кир Буличов и други писатели кои се занимаваа со научно-техничките достигнувања од иднината, со вселенската ера и прогресот. Овие автори во СССР имаа многу обожаватели, зашто креираа нови светови, даваа простор за „внатрешна емиграција“, за фантазија и бегство, макар на кратко, од темната советска реалност.
Бељаев уште од детството ги сакал авантуристичките романи, а и својот живот сакал да го претвори во авантура: правел едрилица и падобран, сонувајќи дека ќе полета, изведувал различни експерименти, нешто мајсторирал. Роден е во 1884 година во времето на постоењето на Руската Империја. Според желбата на таткото-свештеник се запишал во богословско училиште, но не само што не почнал да служи во црква, туку и се изјаснил како атеист и, независно од желбата на родителите, решил да стане правник. Освен тоа, Бељаев, кој од детството ја сакал глумата, бил љубител на музиката и на театарот. Во родниот Смоленск изработувал сценографии за претстави и самостојно научил да свири на виолина и учествувал во циркускиот оркестар. Ги направил и првите чекори во пишувањето. Локалните весници ги објавувале неговите критики и репортажи.
Бељаев со воодушевување ја дочекал Првата руска револуција од 1905 година, па дури и заминал во Москва за да учествува во штрајк и паднал под будното око на царската жандармерија. Кога го завршил правниот факултет работел како адвокат и заработувал добро. Притоа негова вистинска страст биле театарот и новинарството.
Бељаев со бележник како дописник на весникот „Смоленски весник“, 1914 година.
Слободни извориТешко е да се замисли дека Бељаев би станал значаен писател, трчајќи меѓу театарот, весникот и судот. Меѓутоа, во 1915 година паднал во постела погоден од тешка болест. Поради туберкулоза на ‘рбетниот столб нозете му биле парализирани. Останал закован за постела над три години (поради што го напуштила сопругата), но не очајувал, ами почнал да учи странски јазици, да чита за новите научни и технички тенденции, а исто така да ги запознава световите на романите на Жил Верн и на Херберт Велс. Бил воодушевен и од прогресивните идеи на космизмот на „рускиот Да Винчи“ Константин Циолковски. На крајот и самиот тој го зел перото во рака, но не повеќе како новинар. Започнал да пишува уметнички раскази, па дури и стихови, и своите први трудови ги објавува во весници.
Преокупиран со саморазвојот ја преживува Револуцијата и Граѓанската војна (во тоа време мајка му умира од глад). Но, во 1922 година Бељаев по некакво чудо повторно почнува да ги чувствува нозете. Откако ќе научи повторно да оди со помош на најновиот изум – целулоидниот корсет – тој се жени по втор пат и се сели во Москва кадешто отвора адвокатска канцеларија. Иако болеста и понатаму ќе го следи до крајот на животот.
Бељаев е воодушевен од фотографијата, радиостаниците и од други иновации од тоа време. Фантазијата го води во измислени светови, а од средината на дваесеттите години од минатиот век почнува да ниже романи кои подоцна ќе добијат култен статус.
Во „Главата на професорот Доуел“ (1924) еден научник ги оживува главите на починати луѓе (против нивната волја), „Човекот-амфибија“ (1928) зборува за едно момче што живее под вода, а екранизиран е во шеесеттите години од минатиот век и беше најпопуларен филм таа година. „Ѕвездата КЕЦ“ (1936) раскажува како научниците успешно ја освојуваат Месечината и долго живеат на Земјините сателити. Вкупно има напишано 17 романи и уште голем број раскази. Бељаев го опишува пренесувањето на мислите на далечина и преносот на енергија без кабли, фабрика за производство течен воздух, Островот на настраданите бродови изгубени во океанот. Многу фантазии на Бељаев дури и ги предвиделе достигнувањата на науката: подводен живот (и снимање), освојувањето на вселената, трансплантологијата, па дури и беспилотните летала.
Една година пред смртта Бељаев го објавува својот последен роман „Ариел“ за едно момче кое може да лета. Момче какво што сакал тој да биде како дете.
„Главата на професорот Доуел“ (1924)
Кадар од советскиот филм „тестаментот на професорот Доуел“
Leonid Menaker/Lenfilm, 1984Еден хирург извршува успешна (и неверојатна) операција: тој ја оживува главата на својот покоен професор Доуел. Хирургот започнува да го користи големиот ум на професорот и во строга тајност извршува слични операции. Асистентката на хирургот го запознава синот на Доуел и тие заедно сакаат да го разоткријат хирургот-злосторник кој експериментира со луѓето против нивната волја. Бељаев, кој има доживеано парализа, во овој роман сакал да покаже „што може да доживее главата без тело“.
„Господар на светот“ (1926)
За да заработи за живот еден млад германски научник е принуден да работи како секретар на банкар. Во слободно време изведува експерименти, па дури и креира апарат кој со помош на радиобранови овозможува мислите да се пренесуваат на далечина (прашањето коешто многу го интересирало Бељаев). По волја на судбината се жени со наследничка на огромното богатство на својот банкар. Започнува да ја користи својата моќ во нејзино име. А, потоа, за да избегне да биде уапсен, изведува масовни сеанси на испраќање мисли и на тој начин во цели квартови на Берлин предизвикува час паника, час еуфорија...
Кадар од советскиот филм „Човекот-амфибија“
Владимир Чеботарев, Геннадиј Казански/Lenfilm, 1961Едно момче по име Ихтиандар во детството имал мошне слаби бели дробови и за да преживее хирургот му пресадил шкрги од ајкула. Оттогаш Ихтиандар може да живее само под вода. Меѓутоа, не му било судено да живее мирно. Морнарите што го забележале решиле да го уловат „морскиот ѓавол“ и да го употребат за своите зли цели. Во меѓувреме човекот-амфибија се вљубува во една обична девојка што ја има спасено од морето. Инаку, Бељаев тука на извесен начин ја предвидел својата иднина: неговиот Ихтиандар плива во тенко подводно одело, со перки, ракавици и очила со дебели стакла. Современите нуркачки одела, направени од неопрен, налик на втора кожа, се појавија дури во педесеттите години од минатиот век во САД.
„Ѕвездата КЕЦ“ (1936)
Еден од првите советски романи за вселената, посветен на научникот Константин Циолковски, на кој Бељаев му се воодушевувал (токму неговите иницијали се вткаени во називот КЕЦ). Сосема случајно младиот ленинградски научник Артемев дознава дека во далечните планини на Палмира постои место од каде луѓето со ракети заминуваат во вселената. Освен тоа, излегува дека Земјата има вештачки сателити на кои живеат и работат научници. Артемев и самиот успева да замине на Месечината каде пронаоѓа траги на живот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче